Верувам ќе се согласите. Ништо толку силно, моќно и верно не ве враќа во минатото, не ви буди сеќавања, не ве потсетува на постарите членови на семејството, на личности и случки, како што се мирисите. Посебно мирисот на храната, омилените јадења, кои често се подготвувале во вашиот дом кога сте биле дете.
А, за нашето поднебје мислам дека еден од најуникатните и најпрепознатливи и најдраги мириси, со кои речиси емотивно сме врзани е мирисот на пиперките. Печени или пржени, или суви, везени, различни јадења и пинџури со пиперки.
Дури и познатиот македонски режисер Милчо Манчевски кој со децении живее и работи во САД во неговите филмови не пропушта да вметне сцена со пиперки во некоја варијанта. Веројатно затоа што и него мирисот на пиперките дури од САД бргу го враќа во спомените, во детството, меѓу семејството, во Македонија.
Едно од тие јадења кои додека ги подготвувате со опоен мирис го исполнува целиот дом се полнетите пиперки. Еден мој пријател вели: Да го почувствувам мирисот на полнети пиперки, стави ме да легнам на кауч и подготвен сум за психоанализа бидејќи ми навираат спомени, ситуации, ме враќаат дома, во старата куќа на баба ми, родителите..
Нешто слично се случи во познатиот долгометражен цртан филм Рататуј, кога глувчето кувар на крајот од филмот на озлогласениот оценувач на храната во ресторани, Его, кој може да се одушеви од некое јадење и дава преодна оценка толку често колку што минува и Халеевата комета, му го направи омиленото јадење, го омекна намрштеното лице (во стил ништо не може да го задоволи мојот вкус) го нурна во спомените од неговото детство, безгрижните денови и кујната на неговата баба… Кога се беше лесно и едноставно, а најголема радост беше собирањето околу масата и ручекот со најблиските..
Полнетите пиперки можат да бидат широки и кратки (бабури) а можат да бидат и големи и долгнавести. Иако црвените се класика, сепак можат да бидат и зелени по боја. Сум пробал во сите варијанти и сите се неодоливо вкусни. За да не останете со отворена уста и празен стомак, после толку муабети за ова традиционално јадење, еве го рецептот.
Потребни состојки:
Пиперки црвени или бабури
Мелено месо – 400 грама (телешко, а може и мешано)
Ориз – 300 грама
Кромид – една главица
Сол
Зачин
Црвен пипер
Црн пипер
Зејтин
Сос од домати
Домати
Вода
Подготовка:
Пиперките се чистат од семките и рачките и се мијат.
На зејтин, во тенџере, се пропржува ситно исецканиот кромид. Откако малку се пропржува му се додава меленото месо, па се пржи заедно за да фино се раздроби месото. Потоа се додава оризот и се заедно уште малку се пржи. На крај се додава зачинот, сол, црвен пипер, црн пипер и смесата за полнење е готова.
Со вака подготвената смеса се полнат пиперките, отворот се затвора со округло парче домат или тенко парче компир и се редат во тавче.
Во тенџерето во кое ја подготвувавме смесата се става малку сос од домати и една чаша вода да зоврие. Со зовриената течност се полеваат пиперките и се ставаат во веќе загреана рерна на 250 степени да се печат. Се набљудуваат од време на време, но печењето трае отприлика околу еден час.
Може да се јадат и со кисело млеко или павлака (оваа комбинација е особено омилена кај децата).
Пробајте, и добар апетит со рецептот на Балкон3 кој сигурно ќе ве врати во спомените од детството:)
Дарко Чекеровски