Водич низ СКОПЈЕ

Полнет кромид на азербејџански начин

Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви претстави еден традиционален рецепт од Азербејџан, земјата која годинава е домаќин на Евровизија. Во пресрет на вечерашното финале ви препорачуваме за саботниот ручек да подготвите полнет кромид или “sogan dolmasi”, како што се нарекува во Азербејџан. За јадењата од полнет зеленчук во Азербејџан, исто како и во Турција, а и во одредени делови од Македонија, се користи терминот „долма“. Долмата од кромид всушност е вкусна алтернатива за полнетите пиперки.

Потребни состојки за четири лица:

– 9 големи главици кромид
– 300 грама мелено телешко или јагнешко месо или комбинација од двете
– 50 грама ориз
– 50 грама овча маст (опционално)
– 50 грама стопен путер
– една лажичка мелен цимет
– коријандер и копар (по желба)
– сол и бибер
-100 грама јогурт

Подготовка:

Главиците кромид се лупат и се сечат околу два центиметри од нивните врвови, кои се чуваат и подоцна се користат како поклопци. Со мал нож за зеленчук се отстрануваат централните слоеви на кромидот. Половина од отстранетите слоеви се мешаат со меленото месо, со што смесата станува посочна. Потоа на смесата се додава путерот и се пржи околу 15 минути на ниска или средна температура.
Оризот се вари во солена вода околу десет минути. Вака сварениот ориз, циметот, зачините, солта и биберот се додаваат на смесата од месо и сето тоа се вари уште пет минути, а потоа се остава да се олади.

Главиците кромид се полнат со смесата и се сместуваат во тава, при што треба да се внимава да бидат добро збиени, со цел кромидот да го задржи својот облик. Претходно исечените врвови на кромидот се ставаат како поклопци врз главиците.

Во тавата се додава вода додека не дојде до половина од висината на кромидот, потоа се покрива и се пече околу 30 минути или додека кромидот не омекне.
На крај  специјалитетот се служи заедно со јогурт попрскан со цимет.

Добар апетит!

Коментари