Водич низ СКОПЈЕ

Подари книга, подари богатство

Под мотото „Подари книга, подари богатство“ во Скопје се одржува 24-от Саем на книгата. Април традиционално е месец на книгата во главниот град на Македонија, кога читателите можат да ги купат омилените светски наслови по навистина популарни цени.

Годинава на простор од пет илјади квадратни метри, своите изданија пред вљубениците во пишаниот збор ги претставуваат седумдесетина издавачи од земјава и од странство. Гостуваат издавачки куќи од Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија и Велика Британија. Најавени се триесет промоции на нови изданија од познати светски автори, а гостуваат писателите Кристоф Хајн од Германија, Саша Илиќ од Србија, Ренато Баретиќ од Хрватска и Душан Чатер од Словенија.Саемот на книгата е втора најпосетувана саемска манифестација во земјава, а мината година помеѓу штандовите со книги прошетале над 40.000 луѓе.  Саемот на книгата трае до недела, а цената на влезницата е симболични 30 денари или половина евро. Отидете на саем, и кога ќе го направите тоа имајте ја на ум мислата на Абрахам Линколн: „Најдобар пријател ми е оној, кој ќе ми подари книга што не сум ја прочитал.“

Коментари