Водич низ СКОПЈЕ

Почувствувајте го дамарот на Широк Сокак

Има најмалку сто причини да ја посетите Битола, а по заминувањето ќе имате уште сто причини повторно да се вратите. Сите белосветски народи кои крстосувале низ Балканот, оставиле нешто тука: брат, челад, орнамент, адет. А градот секогаш отворен, ги прифаќал и ги вклопувал во својот амбиент. За Битола да ве дофати, треба да тргнете низ кривулестите градски сокаци, да го слушнете џагорот на старата чаршија, да го почувствувате дамарот на Широк Сокак. Ако Саат кулата со продорните отчукувања ве враќа во реалноста, тогаш Хераклеја Линкестис под нозете ќе ви го распостеле минатото.

Старата битолска чаршија, беше душата на градот, место каде се се создаваше и се се продаваше. Ударот на чеканите, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат низ излозите. Денес, железните кепенци кои сеуште постојат, не ги кријат занаетчиските дуќани, туку некои нови, современи продавници. На времето му пркосат само уште неколкумина стари звончари, шапкари, ковачи, метлари, свеќари, локумџии и леблебиџии.

Ако патот го продолжите кон битолски Широк Сокак, погледот прво ќе ви запре на импозантната Јени Џамија. Длабоко во темелите – црква, а високо кон небото – џамија. Изградена е во 1558 година и е една од највпчатливите и највредни градби во Битола. Петстотини години стариот објект, впил илјадници молитви, колку муслимански, толку христијански. Во внатрешноста на објектот, под темелите на џамијата се наоѓаат остатоци од три христијански цркви. Денес овој простор е современа галерија.

На само педесетина метри од Јени Џамија, е црквата Св. Димитрија, која однадвор има едноставна камена градба. Изградена е во 1830 година, а и покрај сите желби да биде висока велелепна градба, турските закони не го дозволувале тоа. Затоа вкопувањето во земја бил најдобриот начин да се постигне саканата цел, а да не се прекрши законот. Била изградена за само четири месеци, со доброволни прилози на битолчани. Иако однадвор едноставен, богатството на овој храм ќе се распостеле кога ќе зачекорите во неговата внатрешност. Влезот во црквата за странските туристи чини 50 денари.

Саат кулата е најрепрезентативниот споменик кој се идентификува со Битола. Висока 33 метри, доминира во просторот и низ него ја разлева музиката што ги отчукува часовите. Ико не е пронајдена документација за оваа градба, се знае дека Саат кулата е изградена во периодот на турското владеење, а неодминлива е приказната дека за врзување на градежниот материјал, биле употребени 60.000 јајца, собрани од домаќинствата во Битола и битолско.

Широк Сокак е најпознатата улица во Битола, но и најголемата гордост на битолчани. Започнувајќи од Саат кулата, по најдолгата пешачка зона на Балканот, од левата и десната страна, ќе ве фасцинира старата градска архитектура  на оваа амбиентална улица. На Широк Сокак се наоѓаат речиси сите конзулати на странските држави, кои ги има 12 на број. Ако дојдете во Битола и не седнете во некое од кафулињата на Широк Сокак, велат, исто е како да одите во Венеција, а да не се возите во гондола.

На крајот на Широк Сокак и почетокот на градското шеталиште ќе ве дочека грандиозен објект, зградата каде е сместен битолскиот Завод и музеј, или позната како Стара касарна. Изгадена е во 1848 година, како Воена гимназија – Идадија. Во 1900-та година оваа гимназија прераснала во Воена академија – Харабие. Тука се школувал кадетот Мустафа Кемал Ататурк, таткото на модерна Турција. Во негова чест, денес во Завод и музеј се наоѓа Спомен собата на Кемал Ататурк. Но, овој објект е вистинска ризиница каде се чува највредното културно-историско богатство на регионот. Постојаната археолошка поставка со илјадници експонати, Градската соба, како и бројните повремени изложби од различни области им даваат можност на посетителите да го почувствуваат духот на минатото. Завод и музеј Битола е отворен за посетители секој ден од 8 до 16 часот. Влезот за домашните посетители е 50 денари, а за странските 100 денари.

Мистичен, раскошен, бисер на антиката. Вака археолозите го нарекуваат  античкиот локалитете Херкалеја Линкестис, градот кој во четвртиот век п.н.е. го основал македонскиот владетел Филип Втори Македонски. Секој  објект, секој камен, секој постамент во Херкалеја е обвиен со своја мистичност од хеленистичкото време и римскиот период, каде наизменично се среќаваат градби од едно или друго време, се издигаат столбови и се протегаат мозаици. Локалитетот е отворен  за посетители од април до октомври од 9 до 18 часот, а од ноември  до март од 9 до 16 часот. Влезот за домашните туристи е 50 денари, а за странците 100 денари.

Приказната за Битола и битолско не завршува тука. Ако ви здодеа градската врева, сега е вистинско време да прошетате по некое камено, потпелистерско село, да се упатите кон многубројните манастири во околината, да возите велосипед во моликовите шуми на Пелистер, да ве опие пелистерскиот воздух и да се насладите со пелистерската вода. Приказната довршете ја  сами.

Емилија Мисирлиевска

Коментари