Водич низ СКОПЈЕ

Почувствувај ја Преспа

TR GR EN

Високи планини, котлина, езеро, остров. Синило, кое за момент ги засенува зелените површини и карпестите височини. Иако денес, ни одблиску не е она езеро кое го паметат постарите, тоа сe` уште плени и повикува за посета. А Добредојдето кое ќе ве пречека, е момент кој не се опишува.

Денес, езерото е многу помало, а за тоа сведочат огромните песочни плажи, за кои, по се изгледа никој не се грижи. Но и така оставено, на милоста на природата, тоа сепак успева да ја задржи убавината, која некогаш сјаела како прамен, сончев зрак. Околните села, добро скриени за оние кои прв пат ќе ги посетат, само ја надополнуваат сликата која ќе ја добиете како прв впечаток. Едноставно, вреди да бидете пријатели со овој крај, бидејќи има што да понуди.

Дупени бич

Дупени бич

Pretor

Почнувајки од источната страна на преспанското крајбрежје прво село на кое ќе наидете е Подмочани. Овде може да го посетите етнолошкиот музеј во сопственост на Јоне Ефтимовски каде ќе имате прилика да погледнете над 3000 вредни експонати: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 различни Македонски национални носии од разни региони на Македонија. На највисокиот рид во селото се наоѓа црквата Св. Петар и Павле, а до неа се издига преспанскиот крст висок 30 метри и широк 20 метри, видлив од сите страни на Преспа.

До него селото Грнчари во кое се наоѓа малиот манастир Св. Илија, за кој се верува дека датира од 13 век, сместен во пазувите на Баба на само 3 километри од селото. Фрескописот е импресивен, а природата фантастична.
Следува селото Асамати каде имате пристап до орнитолошкиот резерват за птици, Езерани. Резерватот се протега на 10-тина километри северно од преспанското крајбрежје и тука живеат 115 ендемски видови птици (пеликан, малиот корморан, белоопашестиот орел, дебелоклунестата вртимушка и фламингото). Истиот е под заштита на разни интернационални организации.
Во близина на Асамати се наоѓа Претор, прекрасно туристичко место, поделено на два дела, селото (во горниот дел) и туристичката населба (крај езерото) и населбата со вили на ридот кон Сливница. Убаво уредената плажа, неколкуте модерни кафеани, ќе Ве натераат да се чувствувате како на некоја ексклузивна морска дестинација.

luge na plaza

На само неколку километри од Претор, повторно во подножјето на Баба, е селото Курбиново, каде се наоѓа познатиот манастир Св. Ѓорѓи. Поделени се мислењата за времето од кое датира, 11 или 13 век. Скромната градба со величествени фрески насликани во 1191 година е скриена во идилична чистинка над Преспанското езеро со импресивен поглед. Ѕидниот декор во самата црква е еден од најдобрите примероци во Македонија. Имено, во овој манастир се наоѓа фреската на Архангел Гаврил, која ја има на банкнотата од 50 денари.

Следна станица е селото Сливница. И уште еден манастир, кој не смеете да го пропуштите. Манастирот Св. Богородица се наоѓа на три километри од селото. Манастирскиот комплекс содржи скромна црква, изградена и декорирана во 17-от век. Фреските се добро зачувани и ги носат стилските карактеристики на фрескописот од почетокот на 17-от век во Македонија. Во состав на манастирот има конаци во кои може да се преспие. Овде била сместена втората по големина ресавска школа, после Лесновскиот манастир.

И повторно природа која Ве остава без здив. На самиот брег на езерото е сметена туристичката населба Сливница. Овде се наоѓа една од најубавите плажи во преспанскиот регион, долга околу 400 метри, послана со ситен песок, опремена со лежалки и хавајски чадори. По патот следуваат Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Оддалечени само 15 минути од Преспанското езеро, во непосредна близина на националниот парк Пелистер. Богати со извори на пенлива вода, висока и зелена шума, планински врвови што пленат со својата убавина. Освежени од пелистерскиот воздух од една страна и заплиснати од преспанското сонце од друга страна, со автентична архитектура и љубезни домаќини, овие села и по својата местоположба и по убавините што ги нудат се особени. Ова се едни од најубавите села во Македонија, добро организирани, одлично обележани и со бескрајна чистота.

Брајчино

Брајчино

Љубојно

Љубојно

Тука веќе има поразвиен туризам. Може да се сместите во хотелот Стара чешма во Љубојно, во хотелот на Тетка Николина во Брајчино, да изнајмите соба во некоја од локалните куќи или да преноќите во конаците на манастирот Св. Петка во Брајчино. Има одлични гостилници, во кои може да пробате традиционални јадења за овој крај (полнети пиперки, сарма или мусака, тавче гравче, чадено месо, циронки, домашна пита, кисело мелко, питулици, а како најголем специјалитет се предлагаат домашни колбаси, кои во Брајчино ги викаат лукаинци). За странските туристи најатрактивна е шестчасовната прошетка до Големото Езеро, во средиштето на националниот парк Пелистер, на височина од 2.200 метри.

Brajcino2

Обележаната патека за планинарење на гостите им овозможува да уживаат во прекрасните убавини на овој крај. Тука можете да ловите пастрмка во реката, да одите на пикник или да ги посетите старите воденици покрај реката. Исто така можете да ги посетите и селските цркви и манастири кои ги има во голем број, од кои најатрактивни се црквата Св. Петка во Брајчино и Св. Петар и Павле во Љубојно. Црквата Св. Петка датира од XVI век, во манастирот има извор кој во текот на цела година е пресушен, а протекува на 7 август, вечерта спроти празникот, и на 8 август кога се слави празникот на манастирот. Црквата Св. Петар и Павле e издигната на околу 800 метри надморска височина, над црквата Св. Танас, на една убава рамнина на височинка, заобиколена со густа шума од сите страни.

Sv.-Petar-i-Pavle-Ljubojno Brajcinska reka

Поради близината до Преспанско Езеро, за љубителите на водата и птиците интересни дестинации се и островот Голем Град и птичјиот резерват Езерани. Убаво уредената плажа на границата со Р. Грција, во месноста Маркова нога (која е и најјужна точка на Р.Македонија) во летниот период привлекува голем број туристи. Овој печалбарски регион најголем број посетители има во средината на јули и првата половина на август, кога се одржуваат традиционалните иселенички средби на 2 август (Илинден) во Љубојно и на 8 август во Брајчино.

Prespa lake

Затоа Ви препорачуваме, доколку сакате да ги доживеете боите на виножитото, да уживате во најпрекрасното ѕвездено небо, да го осетите духот на традицијата, посете го Преспанскиот крај. За оние кои не биле, пропуштиле да ја доживеат магичната убавина на овој регион, а за оние кои биле, убедена сум дека секогаш останал во нивните срца, со желба да одат повторно и повторно и повторно…

Кристина Ангелеска

Коментари