Во Скопје, сите патишта водат кон главниот градски плоштад, Македонија. Место на кое Скопјани најмасовно ја дочекуваат Новата Година, локација на која се организираат речиси сите хуманитарни акции, културни настани на отворено, митинзи на политички партии. Последните неколку години, овој простор стана епицентар на проектот Скопје 2014. Некогашниот плоштад „Маршал Тито“, денес е вистински музеј на отворено со голем број споменици и скулптури, како и изградба на нови објекти и репарација на старите во барок стил.
На дел од жителите на Скопје им се допаѓа новото руво, дел пак упатуваат остри критики, но факт е дека бројот на туристи со фотоапарати на плоштадот е многу поголем од порано. Во центарот е поставен спомениот – фонтана „Воин на коњ“, висок 22 метри. Главниот градски плоштад е изграден во периодот од 1920 до 1940 година, а еден од најстарите и најрепрезентативните објекти кои го обиколуваат е Ристиќевата палата. Кон плоштадот гравитираат и Градскиот трговски центар, Камениот мост, како и неколку модерни деловни згради изградени во последните десетина години.