Ѕвездено небо се издигнува високо над планината. Со секоја измината секунда ѕвездите како да се оддалечуваат за сите нас, но не и за групата планинари која се качува на врвот на планината. Со секој изминат чекор кон врвот планинарите имаат чувство дека ќе посегнат со раката и ќе ги допрат ѕвездите. Нешто по 4 часот по полноќ од едната страна на хоризонтот пополека се буди Сонцето, а од другата страна Месечината е принудена да заспие, но сепак не се предава и се уште ѕирка. Боите чиниш танцуваат по небото и си играат. На едниот крај каде заспива Месечината небото е прелеано во сина боја, а на другиот пак, каде ѕирка Сонцето, како да извира портокалова боја.
„Планинарите се во вечна потрага по убавото“, ни вели новинарката Дуња Пашалиќ од Бјелине во Босна и Херцеговина кој е втор по големина град во ентитетот Република Српска.
Дуња е еден од тие кои трагаат по убавината и кои неретко новинарското перо го заменуваат со четката за сликање. Пред неколку години го открила планинарењето во кое набргу се заљубила.
– На почетокот, а и сега, планинарењето ме воодушевува. Заминуваш два дена на планина и забораваш на се останато и мислиш како да стигнеш до врвот, како да се спуштиш низ брдото, како да ја надминеш карпата…вистинско уживање, вели таа.
Врвот на Олимп во Грција и Голем Кораб во Македонија се само дел од планините кои таа и нејзиното друштво успеале да ги покорат. Планинарела скоро во сите земји во регионот, а засега неостварена желба и е Африка.
– Во принцип се трудам да бидам истрајна, а таа истрајност ме натера да се качам на грчкиот Олимп, на македонскиот Голем Кораб, на Триглав во Словенија, на врвот Миџор во Србија, како и на врвот Маглиќ во БиХ, вели таа.
Била и на италијанските Доломити и на Велебит во Хрватска, а со насмевка вели дека за 20 метри не успеала да се качи и на највисокиот врв во Австрија, Гросглокнер.
– Некогаш е едноставно и не знаеш како планината ќе реагира. Рано утро во три часот може небото да биде чисто и полно со ѕвезди, а за неполн час да почне да дува ветер, а дождот да се претвори во снег. Мора да се почитува планината во такви моменти, вели Дуња.
Незаборавни и се искуствата кога се качувала на Триглав во Словенија и на највисокиот врв во Грција, Олимп.
– Олимп беше првата вистинска планина на која сум се качила и која ми е посебно драга. На Триглав пак дознав дека сум заљубена во карпите, вели таа и набргу ги открива нејзините најголеми желби кога станува збор за освојување на планинските врвови.
Како од пушка вели дека тоа се Мон Блан и Килиманџаро.
– Со моите другарки размислувавме да направиме женска планинарска екипа и да одиме на експедиција на највисокиот врв на Африка. Се надевам дека еден ден ќе успееме во тоа, со нескриена желба објаснува младата новинарка.
Пашалиќ е дипломиран политолог со мастер од меѓународна политика, а работи како уредник во новинската агенција СРНА. Како што направила скок во професиите така прави скокови и во уметноста бидејќи како што вели, не можеш да изигруваш уметник кога работиш со факти. Па така, ако не се качува по планини таа се занимава со сликање, а некогаш знае и да земе гитара и да направи некоја песна.
– Балканот има одлични предиспозиции за развивање на планинскиот туризам. Тоа го видов уште во 2009 година кога повеќе од стотина планинара од преку 50 планинарски друштва од Република Српска ги посети Македонија и Грција и се качивме на највисоките врвови во тие две земји. Видов недопрена природа, погодна за ридски велосипедизам, за рафтинг, планинарство, алпинизам, собирање билки или пак фотографирање, објаснува Пашалиќ и додава дека би требало планинарските сојузи на државно ниво да поттикнуваат соработка. Вели дека и самите држави треба да вложуваат во планинарска инфраструктура, изградба на домови и стази со опрема.
– Многумина не разбираат што значи планинарењето и дека тоа е стил на живот. Тоа дава повеќе отколку што бара од нас. Планинарењето не прави подобри луѓе и вреди да се вложува во него.
(А.М.)