Додека го пиев моето утринско кафе, размислував за планини, шуми, природа, додека се топев од жештина ми заѕвони телефонот. Ха, мојата другарка ме покани да пуштам музика на забава што ќе ја организира планинарско друштво на планина и тоа на 1500 метри надморска височина! Универзумот сепак слуша!
Дивата, а нежна природа, волшебните дрвја, цветните ливади на планината Бистра, чистиот воздух кој како магичен мирис опива, дури и комарците кои мудро и упорно досадуваа, беа дел од оваа бајка.
Карактеристично за овој настан беше несекојдневната организација, која беше за голема почит. Присуствуваа околу 180 луѓе, за секој од нив имаше наместен шатор, подлога и вреќа за спиење, изворска вода од која не можевме да се изнапиеме, шанк со пијалоци, чајче за секој планинар кој се врати попотен од дождот кој ги сретна и поздрави во шумата, како огромен шампањ за добредојде.
Рачно ископаните и направени вециња, беа уште едно уникатно изненадување од друштвото, можам да потврдам за нивната креативност.
Вечерта следуваше забавата до утринските часови, сите беа весели, кои уморни од планинарењето до околните врвови, кои расположени од пијалоците, кои од музиката, кои од симпатиите што ги запознаа.
Друг подарок беше полната месечина која беше најбиску до земјата годината и магичното виножито кое се исправи после дождот над планините. Секоја чест за планинарското друштво Македон и целата љубов и страст кон овој настан, толку поради тоа кружеше преубава енергија и насмеани лица. Се гледаме догодина пак!
Фотографии: Николчо Петров
Автор: Ана Секуловска