Водич низ СКОПЈЕ

Петнаесетдневно филмско уживање во градот на Босфорот

Петнаесет дена, седум кино сали, над двеста филмови… Ова е личната карта на 31-то издание на филмскиот фестивал во Истанбул, кој ќе се одржи од 31 март до 15 април. Љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да уживаат во домашни и странски филмови поделени во дваесетина различни секции.

Фестивалот ќе го отвори филмот „Длабоко сино море“ на режисерот Теренс Дејвис, со Рејчел Вајз во главната улога. Во конкуренција за главната награда, „Златно лале“ се 11 странски филмови, кои или се фокусираат на уметнички теми или претставуаваат адаптација на некое литературно дело. Ќе ги издвоиме најновата екранизација на „Оркански висови“ на британската режисерка Андреа Арнолд, „Алберт Нобс“ со Глен Клоуз, која за оваа улога беше номинирана за Оскар за најдобра женска улога, „Најосамената планета“ со Гаел Гарсија Бернал и „Кат“ на еден од највлијателните ирански режисери, Амир Надери. Покрај ова, 12 домашни филмови ќе се борат за титулата Најдобар турски филм на годината. Исто така е предвидена и програма од неколку грчки филмови насловена „Што се случува во Грција?“.

Картите за проекциите ќе чинат 15 турски лири или нешто повеќе од шест евра. Филмскиот фестивал во градот на Босфорот е најстар и најголем филмски фестивал во Турција. Во 2007- та година го посетиле рекордни 170.000 гледачи.  Како што велат организаторите, целта на фестивалот е да се поттикне развојот на домашната кинематографија, и во Турција да се промовираат квалитетни филмски остварувања од целиот свет. (М.Т.)

Коментари