Браќата Теофиловиќ (Радиша и Ратко) се едни од најпознатите изведувачи на традиционални песни од Србија, но и од сите краишта на Балканот. На репертоарот на овие уметници секогаш биле присутни прекрасни традиционални песни кое времето ги подзаборавило или се тоа песни кои не се така често присутни ни кај изведувачите на народни песни.Нивната ширина и уникатен пристап најубаво е прикажан на минатогодишното заедничко издание „Видарица„, кое е соработка со познатиот американско-српски гитарист Мирослав Тадиќ, во Македонија познат по долгогодишната соработка со Влатко Стефановски. На „Видарица„, чиј наслов има симболично значење„ тие обработуваат песни од Србија, Босна, Далмација и Македонија, носејќи ги овие песни во новиот век. Својата промоција ја имаа во Загреб минатата година, но дури во јануари 2013 се случи неговата промоција во три града во Србија, – Нови Сад, Чачак и Белград, во Коларац, каде овие тројца уметници ги разбудија емоциите на бројната публика која цели два часа уживаше во нивната прекрасна музика и пеење. Интервјуто го направивме во еден посебен амбиент во една од кафаните во Скадарлија, Белград, дента после концертот.
Заедно со гитаристот Мирослав Тадиќ го издадовте изданието „Видарица„ кое се состои песни од Србија, Босна, Далмација, но најмногу од Македонија. Иако со Тадиќ се знаете од пред 15 години зошто ви беше потребно толку време за да го реализирате овој проект?
Радиша: Ние се запознавме со Тадиќ преку Влатко Стефановски на промоцијата на албумот „Крушево„ во Белград . Тоа беше 2 октомври 1999 г. Тој му предложи на Мирослав дека за таа пригода би било убаво да има двајца посебни гости. Уште на самата проба имавме многу добро чувство со нив двајцата. Тоа беше појдовната точка и од тогаш поминаа многу години. Во меѓувреме бевме гости кај Раде Шербеџија, па во 2007 бевме гости на фестивалот Guitar Art во Белград, имавме концерти во Ниш и Подгорица. После извесно време сфативме дека е тоа зрело јаболко кое треба да се собере и да се направи едно ново издание. Мирослав е многу активен во Америка. Тој настапува со бендот на Френк Запа, го сними „Трета Мајка„ со Влатко, потоа два албуми со Шербеџија. Знаеме дека тој е многу педантен и прецизен, и кога работи, тој тоа го сработува до крај и не работи на повеќе проекти наеднаш. Мирослав чекаше период кога целосно ќе се исчисти од обврски и целосно да се посвети на оваа музика која е на албумот. Ние го имавме тој сон и желба да соработуваме со него. Многумина ни замерија дека со никого не сме сакале да соработуваме не разбирајќи дека ние веднаш знаевме со кого ќе соработуваме. За време на неговите патувања во Европа тој редовно доаѓаше во Белград каде интензивно се дружевме. После снимањето дружбата продолжи и понатаму и бевме кај него во куќата во Хрватска. Поради тоа можам да кажам дека оваа музика произлезе од една убава атмосфера, од убави меѓучовечки односи кои постојат меѓу нас. Јас дури би го нарекол Миро и наш постар брат. Тој е многу свесен каде ние живееме и какви се релациите. Тој живее во уреден систем додека ние буквално се бориме да воспоставиме некакви вредности во нашиот систем. Кога тој на неговите студенти во Америка ќе им каже дека ние живееме само од acapella пеење, во салата можеа да се чујат гласови на вчудоневиденост. Поради тоа, нему, нашата желба, ентузијазам , внатрешниот дух и расположение му беа инспирација. Тоа беше почетокот на соработката со Мирослав кое беше крунисано со „Видарица“.
Каква е симболика се крие зад името „Видарица“?
Ратко: Од една страна името има некакво етнолошко значење. Видарките се жени кои лекуваат со помош на треви. Тие се исцелителки. Видарките се исто така и лековити извори на вода каде се миете пред изгрејсонце и тогаш ќе се излечите. Така велат преданијата. Малиот текст кој се наоѓа на нашето ЦД го напиша нашиот постар брат и тој малку поетски образложи што е видарица. Тоа е здравствена состојба и рамнотежа на духот и телото. Кога ќе се наруши таа рамнотежа настапува болест. Тогаш луѓето бараат свој лек или своја видарица. Кај нас таа рамнотежа е прикажана преку играта на гласовите и инструментот. На концертот во Коларац ни кажаа дека многумина во публиката плачеа. Верувам дека тие имаа во себе некои емоции кои испливаа за време на концертот. Мислам дека музиката денес технолошки оди напред, но таа емотивно стагнира. Тој расцеп односно тоа што се мисли дека не е актуелно и потребно, мислам дека тоа е баш она што е најмногу потребно. Тоа е нешто што ние двајца го согледуваме кога патуваме по светот. Се работи за нашиот звучен исказ кого го пренесуваме, по емоциите кои тие ги препознаваат. Во Полска ни велеа, ова ни е потребно и нам Пољаците, потребно и е на цивилизацијата. Насекаде постојат луѓе кои длабоко веруваат дека спасот е во музиката. Кај нас измислија катедра за музикотерапија, што е добро, но вистинскиот контакт меѓу луѓето треба да се случи одвнатре односно интуитивно. Тоа лечење со музика не може едноставно да се намести. Јас не сум некој кој прифаќа местења, но го прифаќам тоа што се случува во моментот. Исто како и уметноста која се создава во одреден момент. Така и ги бираме песните со кои настапуваме на оваа мини турнеја каде го промовираме ова издание. На трите концерти репертоарот ќе биде сосема различен. Но тоа што меѓу нас тројца се случува, а што луѓето го чувствуваат е емпатија. И енергијата која ни се враќа во тие моменти – тоа можам да го опишам само како катарза. Кога Мирослав ќе удри по жицата мене гласот ми е веќе во грч и чувствувам само што не сум заплакал. Во тој момент тој ве воведува во некој свој емотивен свет кој потоа вие во истиот момент им го враќате на луѓето. Тоа не сум го доживеал често. Тој буквално не носи и се игра со нашите гласови.
„Видарица“ е колекција на песни од повеќе региони на Балканот и обединува различни вкусови на своите учесници. На кој начин го направивте изборот?
Радиша: Мирослав знаеше за некои наши песни кои ние ги изведувавме, а и не праша дали имаме нешто слично во рамките на тоа. Нему изборот му се допадна и го прифати. Во нашиот избор и ден денес имаме голем број далматински песни, но Мирослав се одлучи за две кои порано ги изведувал како инструментални варијанти. Тој ни предложи да преслушаме и да пристапиме на свој начин, како што обично работиме. Немаше некакви сугестии. Нему не му беше за цел себе си да си олесни преку изборот туку да влезе кај нашите хармонии. Тука лежи суштината. Мирослав првенствено слуша. На пример, песната „ Стојне, сине Стојане„ ние воопшто не ја знаевме. Тоа е песна која се наоѓа на изданието „Лулка„ кое тој го сними со Вања Лазарова, и од Америка тој ни ја прати во изворна верзија која ја пее групата „Распеани Охриѓани„. Мирослав ни сугерираше да ја слушнеме таа песна и ние само таа песна ја вежбавме еден месец. Текстот од песната го повторуваш и повторуваш се додека не дојдеш до техничко ниво каде не размислуваш која е следната строфа. Таква е природата на оваа работа. Затоа и работиме секој ден. Меѓу нас имаше голема интеракција, а и доверба да го послушаме Мирослав за тоа кои песни се најдобри. Исто така, тој имаше некаква визија за тоа која песна каде ќе стои. Имаше песна од источна Србија за која од некоја причина се предомисливме. Потоа се сетивме на „Моме стое“. Се сеќавам дека таа песна за првпат ја отпеавме во Охрид на фестивалот „Balkan Square.“ Тоа за нас беше неверојатно искуство. Тоа нам ни беше најубав концерт кој сме го имале во досегашната кариера. Во едно такво посебно опкружување со нас пееја 2500 луѓе. Кога таа песна му ја отпеавме на Мирослав, тој веднаш реагираше. Во истиот момент Мирослав почна да свири со нас и да работи на аранжманите. Ни кажа, ова е блуз. Сите сугестии беа прифатени. Исто така, без разлика на тоа што тој не слушал многу далматинските песни, тој знаеше, врз основа на тоа некое музичко искуство, а и самиот долг низ години поминал во Хрватска, како треба да пристапи и знаеше како ние би направиле, и се заедно тоа да има свој печат и поинаква димензија. Од наша страна ние моравме да пееме во дует, а да звучиме како клапа.
Како би го објасниле вашиот пристап кон песните кои ги интерпретирате? Што е тоа што на овие песни им го дава вашиот печат?
Ратко: Песната е тројство – ритам, стих и мелодија. Секоја песна има свој пулс. Секоја песна има свое срце. Мора да ја изберете точно онаа песна која е одлучувачка. До песните најчесто доаѓаме преку поезијата. На пример, текстот и мелодијата на„Ој овчарче„ Текстот е метафизика на таа музика или „Моме стое„ – „Моме стое у ливади, Моме стое, џанам, у ливади, в раце држи огледало, се огледува„. Не можеш да останеш рамнодушен на тие зборови. И кога ќе ја чуеш мелодијата…Без разлика што е запишано некаде како некој ја пеел таа песна, ти ги држиш тие тонови кои се клучот или срцето на таа песна. Таа секогаш се изведува поинаку. Тоа е исто момент. Секоја песна е момент, но како таа ќе изгледа на крајот, тоа зависи од моментот. Затоа тоа наше доживување на музиката, во тој момент е искрен бидејќи даваме онака како што во тој момент ја доживуваме песната. Еден тон мајстор кој работеше со нас го опиша тоа на свој начин „Тие не пеат, тие сликаат„. Кога се слика, секој има свој филм или претстава како тоа нешто треба да наликува. Еднаш во разговор прашавме еден пријател кој предава соло пеење, што е тоа што машкиот глас го прави поинтересен од женскиот? Женскиот глас може да постигне повеќе односно има поголем распон, може да постигне неверојатни работи и убави украси. Да, но тие ги немаат тие бои какви што ги имаат машките гласови. Но, кога учиме некои песни најчесто се стремам да ги слушам женските пеачки односно се трудам да ги изведам на нивен начин. Се трудам нивните гласови да ги погодам. Жените можат се. Тие се виртуози и имаат најфина изведба на песните. Тоа е тоа ниво кон ко се стремиме, да може да се префрли пеењето на женскиот глас во машкиот регистер. На концертот во Охрид гостин ни беш Ристо Солучев, кој свиреше гајда. Тогаш ја отпеавме „Ој Овчарче„ и неговата реакција беше „е ова е уметност„.
Поголемиот дел од „Видарица„ го сочинуваат македонски песни. Што е тоа кај македонската музика и песна што вам ви е привлечно поради што вие често и пред Видарица на вашите концерти изведувате македонски традиционални песни?
Радиша: Имаме многу од тоа преслушано. Разни антологии на мноу пеачи. Буквално купувавме се што е објавувано. Потоа кога се запознавате со луѓе, тогаш тие ви препорачуваат некои други песни. Тука се работи за некоја внатрешна емоција која вие ја препознавате кога ја слушате македонската музика. Тоа не е случајно. Нашите родители студираа економија во Скопје, а после мајка ни се вработила во банка таму. Ноќта пред земјотресот таа одлучила да се породи со нашиот постар брат во Чачак. Планот им бил да се отпатува таму, па после породувањето да се вратат назад. Утредента кога пристигнале во Чачак слушнале за земјотресот во Скопје, куќата во која живееле била срамнета со земја. Исто така, за време на стара Југославија служевме војска таму. Имаме многу пријатели, а и сопругата на Ратко е Македонка.
Дали сметате дека има иновнативност кога се работи за интерпретација на туѓи песни?
Ратко: Тоа е добро прашање. Секоја работа на светот напредува и се усовршува. Во спортот луѓето напредуваат и ги прават работите побрзо и поефикасно. Исто така и пеењето напредува. Постојат начини вие да го надминете тоа што некои луѓе го правеле и ние сме апсолутно свесни за тоа. Затоа нашите песни се изведуваат поинаку во однос на тоа како некои пеачи тоа некогаш го правеле. Никогаш не се пеело во двоглас. Освен во Македонија каде имале храброст да се свртат кон изворните инструменти, кај нас секогаш се стремеле да одат кон некои западни теркови со одредени оркестрации и ставање во одреден контекст. И тој контекст е питок и сладок. Прашање е кај нив да се развиваше тоа на некаков друг начин дали би пеел баш така или на поинаков начин. Секој човек е препознатлив по својот глас. Гласот е личност. Секој човек се претставува со гласот кој го има.
Песните кои ги изведувате се архаични и не толку познати, но сепак се убави. На кој начин ги приближувате овие песни до својата публика?
Многу често луѓето ни поставуваат прашања од типот дали сме ние чувари на традицијата. Тоа прашање ми е дегутантно. Какво е неговото значење? Дали традицијата има врска со уметноста? Дали традицијата е работа од која не смееш да исчекориш? Но не можеме да збориме за традицијата ако не се случуваат промени кај јазикот. Кога се појавило првото радио во некоја средина, тоа предизвикало некакви промени кај луѓето, како размислуваат и го поимуваат звукот како таков. Денеска не постои по селата некој кој пее автентично. Тоа не постои. Многу пати имам слушани такви ликови кои едноставно ги сквернават песните. Денеска работите потполно се поинакви во однос на некои други времиња. Не можеме да ги враќаме луѓето во некое друго време. Ние живееме сега и тоа сигурно носи свои влијанија за кои луѓето најчесто не се свесни или не ги гледаат како такви. Таа тема е многу широка каде на секој одговор се отвораат уште неколку други прашања. Традицијата може да се случи во секој момент. Дури и „Видарица“ како такво еден ден може да биде традиција.