Пештерата Пешна, се наоѓа на 6 километри од Македонски Брод на регионалниот пат кој води кон Самоков и е една од најатрактивните природни убавини во Македонија, од кои голем дел за жал не се откриени. Оваа пештера која ја знаат само малкумина е неоткриено богатство и целосно неискористена туристичка атракција, иако е прогласена за споменик на природата. До неа се доаѓа по живописна патека загрната со дрјва и грмушки која води до неверојатно големиот пештерски влез.
Според спелеолозите, Пешна има најголем влезен отвор на Балканот. Oва ремек дело на природата со својата величествена големина, грандиозност и убавина ќе ве остави без здив. Висока е околу 30 метри, а длабока околу 70 метри. Во горниот дел од пештерата нема да видите многу сталактити, но затоа погледот ќе Ви го задржат прекрасните форми направени од самата карпа, а може да видите ендемски вид на лилјаци кои се многу значајни за био-системот. Ќе наидете на карпи високи и над два метра, со прекрасен разигран релјеф. Благодарение на огромното окно, сончевите зраци успеваат да продрат до крајот на пештерата што овозможува да се прошетате низ неа без никаков проблем. Сводот и ѕидовите се во неверојатни бои, од светло зелена до виолетова.
Интересно е што во месец мај, кога се топат снеговите од високите планини во тој предел, и кога водата ќе надојде, Пешна ечи од татнежот на водопадите кои се внатре во неа. На влезот од пештерата во нејзиниот северен дел ќе Ве пречека жубор од мала река која извира од малото езеро сместено на крајот од пештерата, а според извесни теории тоа е Крапска река, која формира неколку подземни езерца и водопади. Овој вруток во сушните периоди целосно пресушува.
Како пештерски систем за кој се претпоставува дека е долг над 10 километри, претставува еден од најголемите пештерски системи во Македонија. Македонски спелеолошки друштва заедно со свои колеги, француски експерти, секоја година вршат истражувања и откриваат неверојатни подземни богатства, единствени на планетата. Имено, во пештерата на 200 метри под земја е откриено езерце во кое живеат ендемски вид риби со човекова кожа, нешто што до сега во поранешна Југославија беше препознатливо единствено за Постојна во Словенија.
Пешна е регистрирана како локалитет од доцно античкиот период во Македонија. На влезот на пештерата постои средновековна тврдина. Остатоците од тврдината се поврзуваат со месноста „Девини кули“ за која легендата вели дека Крале Марко, кој имал 4 сестри, на две од нив им изградил живеалишта во овој предел.
Уште во 14-от век, во самата пештера изградил дом за својата постара сестра Пешта. Додека на помалата Дева и изградил живеалиште спроти пештерата, оддалечено неколку стотини метри на запад. Од нејзиниот дом сеуште има остатоци на врвот од ридот. Денес, според нивните имиња се сегашните топоними на селата Девич и Пешна.
Пештерата Пешна во „Њујорк тајмс“ е опишана како идентична на измислените пештери во „Господарот на прстените“. Замокот изграден внатре во пештерата во голема мера потсетува на Хелмс Дип од „Господарот на прстените“.
Овде, во овој предел има бескрајно чиста природа каде што може да направите одличен пикник бидејќи на неколку стотини метри од пештерата тече реката Треска, која воедно е и идеално место за рибарење. Среќна околност за рибарите кои немаат среќа е блискиот мотел Пешна кој има сопствен рибник. Во близина на пештерата се наоѓа локална меана Дедо Илија која нуди традиционални македонски јадења.
Ова ремек дело на природата треба да се најде на вашата must see листа. Вреди да се посети пред се заради недопрената природа на овој крај, синилото на небото, мирот и тишината, а откако ќе ги направите најубавите фотографи кои ќе ги оживуваат вашите спомени, може да продолжите во потрага по нови авантури.
Кристина Ангелеска