Внимавај, кога ќе стигнеш во градот ГПС-от можеби нема да работи како што треба, ме предупреди пред тргнување за Атина мојот братучед кој веќе имал искуство обидувајќи се да вози по ГПС во главниот град на Грција.
Атина има повеќе од 4 милиони жители и делови од стариот град Плака кои се толку густо населени што автомобилите едвај можат да се разминат по тесните улички. Разбирливо, тука бил стариот град населен околу Акропол, многу многу порано од кога луѓето почнале да имаат потреба од автомобили.
Во ред, реков, па и малку се загрижив бидејќи знаев дека ќе стигнеме навечер и дека нашиот хотел е токму во срцето на оној густиот дел што погоре го спомнав, но си реков, прецизно ќе внесам улица, број од нашата дестинација, ќе проверувам неколку пати, и ќе ја намалам веројатноста за грешка на минимум.
Иако зима, одбравме убав сончев ден за тргнување, а подоцна од нашите пријатели во Атина разбравме дека тоа се деновите во средината на јануари кога таму традиционално времето е убаво и сончево.
Од Скопје до Атина се стигнува лесно, патот е убав, речиси цело време автопат, се вози само право, и во еден здив околу 700 километри. Нормално за оние кои што уживаат да патуваат, како нас на пример. А, и онака за семејство е најдобро да се оди со автомобил, бидејќи авионска линија помеѓу овие два града, Скопје и Атина, престолнини на две соседни земји, нема. Може да се одбере железнички превоз, ама тоа сепак го препорачувам за помладите авантуристи, на кои менувањето воз во Солун, стоењето на граница, доцнењето, интересните случки со удобноста и условите во возовите, особено од македонска страна им се чини како добра авантура. Автобускиот превоз би го отфрлил од речиси истите причини.До границата со Грција (160 км) се патува многу бргу, по автопат, освен некои дваесетина километри низ Демиркаписката клисура (кои набргу ќе станат минато бидејќи се гради автопат и на оваа делница). По два часа возење веќе сте на граничниот премин Богородица (од грчка страна Евзони). Патарината до овде чини 180 денари (3 евра) во еден правец. На граница, бидејќи беше обичен ден во средината на јануари, кога сите верски празници поврзани со Христовото раѓање, крштевање и слично беа поминати и од двете страни на границата, а не беше веројатно ниту почеток на викенд кога Македонците во редици се упатуваат на шопинг во Солун), немаше никаква гужва. Поминавме, што би се рекло, европски преку граница. Лесно, брзо, културно, разменувајќи по некоја фина реченица со пограничните служби за убавото време и добрата идеја и тајминг за пат во Атина.
Тајмингот е добар бидејќи ако летно време дојдете на оваа граница тогаш е живо чудо ако поминете лесно и бргу. Зошто? Затоа што Најголемиот дел од македонските граѓани летуваат на грчките краци Халкидики. Зошто? Затоа што морето е прекрасно, цените се прифатливи, местата се пријателски за одмор на семејства со деца, а ако се додаде и близината (само 360 километри од Скопје или 200 километри од границата и тоа убав пат), тогаш уште подобро разбирате зошто е ова така.
Нормално дека овие места од истите причини се преплавени и со гости од Србија, а во последно време и од Бугарија. Тука би додал дека ако Македонците го знаат секој камен и секоја кривина каде треба да свртиш и во кој ресторан да јадеш, каде лежалките се најевтини, а кафето најдобро на Халкидики, ретко, ама ептен ретко, некој од нив патува за Атина.
Како што реков, до Атина се патува непогрешиво. Само право. После граница, за кратко време поминувате покрај Солун (лут ривал на престолнината), па потоа, да не заборавам да ги спомнам за да не ми се налутат сограѓаните, а и дел од потесното семејство кои имаат убави спомени од таму, проаѓате покрај уште две три мали места кои не се на Халкидики, а се ас дестинации за летување на одморџиите од Македонија. Лептокарија и Платамона.
И речиси секогаш кога се споменуваат идат и двете заедно. Две места, кои зимно време изгледаат како од филмовите за напуштени гратчиња, но летно време едвај се наоѓа сместување. Се паметат години кога немаше мобилни телефони, луѓето кои не можеа да најдат веднаш сместување, по една или неколку вечери преспиваа во своите автомобили надевајчи се дека утредента ќе најдат сместување.
Овде се поминува покрај митскиот Олимп, на врвот обвиткан во магла. Навистина изгледа боговски.Кога се обидов да им објаснам на моите малолетни деца дека тука живееле боговите, не бев свесен дека всушност тоа ќе биде нивниот главен интерес за цело време од нашиот еднонеделен престој во Грција и Атина. Заборавив дека беше исто и со мене како дете кога прв пат ми паднаа во раце Илијада и Одисеја. Така што, почнав да се присетувам, да проверувам дали ме предале спомените, и да раскажувам за семоќниот Зевс, за неговата сопруга Хера, за Атина која се родила од главата на Зевс и тоа со полна борбена опрема, за нејзиниот ривал и бог на морето Посејдон, па за убавата Афродита и.. тоа нема крај. Па на помош ќе ја повикатe фантазијата, филмовите, а малку и свесно ќе измислувате за да одговорите на прашањата, зошто Атина излегла од главата на Зевс, другите како се родиле? Каде се сега тие богови, зошто ги нема, само во Грција ли има богови, зошто нема кај нас. Јас велам има и кај нас. Им редам неколку од словенската митологија, ама не знам многу приказни за нив, само имиња, Перун, Весна, Сварог, Велес..
Тече муабетот, па речиси незабележително сте поминале покрај Лариса, Ламиа и сте стигнале пред портите на Атина, еден од најстарите градови во светот, со историја од повеќе од пет илјади години.
Всушност не баш незабележително. Од Евзони до Атина има десетина патарини и на сите плаќате просек по 2,5 евра, така што само во еден правец патарините чинат од 25 до 30 евра.. А само до пред неколку години немаше ниту една или една до две патарини. Но, криза е, се обидувам да најдам објаснување.
И покрај тоа, сите се радуваме што стигнавме, јас што повторно ќе ги сретнам, а моето семејство што ќе ги запознае драгите Софија и Томас, моите пријатели, со кои не сум се видел одамна. Со Софија од средината на 90-тите години од минатиот век, кога бев на студентска програма што таа ја организираше во Вари (едно од предградијата на Атина), а со Томас од 2008 година кога се запознавме во САД.
Бидејќи Атина е еден час подоцна од Скопје по средноевропско време, па нормално е дека подоцна се стемнува (ова не сум сигурен дали е така, но тоа е мој проблем со часовите по физика веројатно).
Влегуваме во градот и стравувањата се остваруваат. ГПС-от полуде (иако во неколку наврати застанував за да ја ставам точната дестинација, улица Kodrou 2 Plaka ) и почна да не води во очигледно друга насока.
По неколку неуспешни обиди, и еден час кружење низ улиците со густ сообраќај, решивме да се обидеме по старо. Ќе се потпреме на далечниот претходник на ГПС-от. Принципот од човек на човек. Кој прашува не талка. Па така од седум осум одговори во низа, возење по неверојатно тесните улишки низ делови на Атина, стигнавме на поширок булевар, позастанавме и прашавме на каде е Синтагма (главниот плоштад во Атина пред кој се наоѓа и парламентот). Љубезен млад пар со насмевка ни одговори: Синтагма? Па вие сте на Синтагма…
Ние сме застанале пред хотелот Гранд Бретања, еден од највпечатливите, најстарите и најлуксузни хотели, познат како “Royal Box” на Атина, кој веќе 140 години стои карши грчкиот парламент и Националните градини… Откако ги помнавме вообичаените муабети од типот: „ти велев јас, ти не ме слушаш уште прееска ќе дојдевме тука, ама не, си тераш по свое, не даваш никој да ти каже“, свртевме малку во лево и застанавме.
Требаше да се влезе во густиот дел со тесни улички, стариод дел на Атина, некои велат вистинската Атина, Плака.
Овде не се ни обидовме да тргнеме без логистика. Најдов еден таксист го замолив за помош, беше навистина многу љубезен, дури одби и да ги земе понудените пари, и не однесе конечно до нашиот хотел.. И тој исто така не можеше веднаш да ја најде локацијата, но друго е кога локалец ве води, праша лево-десно и за две три минути бевме пред хотел..
Влеговме, хотелот малку старински, но топол, убав, со многу слики во фоајето и рецепција со рецепционер како во постарите филмови.
Веднаш ни ги дадоа клучевите од нашата соба.. додека ја разгледувавме заѕвони телефонот во собата.. чудно си реков, веднаш не бара некој. Добар повик беше, од рецепција ни понудија за речиси истите пари, поголема соба, со убав балкон и што е најважно, одличен, што го одзема здивот, милионски вреден.. поглед на Акропол.. или како што Грците од милост го викаат.. Карпата.
А веќе фати вечер, а Акропол високо, убаво осветлен, подготвен да ни ги раскаже тајните за Партенон, обединувањето под легендарниот атински крал Тезеј, нападите од Персијците, Венецијанците, Турците.. И на шега велиме ако во Италија нешто што се случило пред три четири века е ново, овде се што се случило после Христовото раѓање се смета за ново.. Но за тоа во следната прилика.
Дарко Чекеровски