Водич низ СКОПЈЕ

Пат во трговскиот свет Скопје – Истанбул

Трговците го минувале патот меѓу Скопје и Истанбул со векови. Државите и империите се менувале, но оваа силна трговска врска опстанувала. И денес, голем број производи што се продаваат во скопските дуќани, пред се` текстилните, доаѓаат од најголемиот турски град. За љубителите на прецизната статистика, Турција е еден од десетте најголеми увозници во Македонија, од каде што се внеле стоки вредни над една милијарда долари само во последниве три години.istanbul_trade19_balkon3

Патувањето по набавки во Истанбул е пат во трговскиот свет на Босфорот. Не во шопинг светот, туку во светот на нешто поголемата трговија, од која живеат илјадници семејства во Македонија и милиони во други држави. Тоа е свет во кој и на вратата од најмалиот дуќан човек ќе го види натписот „отворено“ напишан на турска латиница, руска кирилица и на арапско писмо, за на секого да му стане јасно дека се наоѓа на цивилизациска крстосница.

istanbul_trade11_balkon3

Каде е трговскиот Истанбул? Тој е насекаде. Нема само една локација. Секогаш на неколку стотини метри од туристичкиот метеж. Додека едни се туркаат да се сликаат, само една улица подолу други се туркаат да купат и да продадат. Ова е свет кој не се сменил во својата основа уште од Средниот век, можеби од предотоманската ера. Тоа е огромен комплекс од многу чаршии, во кои можеби сокаците се поплочени со нови плочки, зградите го смениле ликот, стоките што се нудат се менуваат низ времето, но суштината останува. Во овој свет насекаде може да се сретнат ликовите кои иако опстанале и во Скопје во некоја резидуална форма, сепак за нив слушаме главно во приказните.

istanbul_trade6_balkon3

Во светот на амалите и на белите вреќи

Такви се амалите, на пример. Неуморно ги туркаат своите колички нагоре и надолу низ ридестите улици. Дури и со стотина килограми товар можат да бидат побрзи од просечен пешак. Ги има насекаде и секогаш имаат предност на минување. Немаат стандардна тарифа, секој се пазари за себе во зависност од тоа колку стока има и до каде треба да му се пренесе. Според тоа колку голем е нивниот број и колку се зафатени, се чини дека секогаш ќе има работа за амали во Истанбул.

istanbul_trade7_balkon3

Слични такви ликови се и чираците. Млади момчиња, некои и на 10-годишна возраст, постојано подготвени да помогнат каде што треба. Тие служат да донесат чај и кафе, да набават храна, дури и да пренесат некоја информација до соседите (без оглед што одамна владее ерата на мобилните телефони).

istanbul_trade9_balkon3

Истанбулскиот дуќанџија може да го понуди со чај, кафе или со вода секој минувач што ќе му се види уморен од долгото талкање во потрага по стоки. Дури и ако воопшто не очекува тој да купи нешто од нив. Но добриот домаќин обично е награден со верноста на купувачот.

Како и во секоја чаршија, и овде важат посебни правила на однесување, кои може да му се чинат неразбирливи на случајниот минувач. На пример, секој има право во кој било дел од денот да ја затвори улицата со својот автомобил, комби или камион за да го наполни дуќанот со стока. Оние што ќе дојдат одзади само ќе застанат, ќе ги угасат своите возила и мирно ќе чекаат додека се заврши работата. Никој нема да се побуни или да свирне со сирената. Тоа се смета за голем срам. Како може некој да се се буни кога тргнал да го направи истото? Освен тоа, сите гледаат дека никој не се задржува повеќе отколку што е неопходно. Ниту пие чај или кафе, ниту разговара, само истоварува најбргу што може и го продолжува патот. Друг останува да ја среди документацијата. Единствено правило во овој случај е секој да се обиде да остави најмногу што може простор за пешаците и за амалите со својот товар. Тие се, сепак, крвотокот, и не смеат да бидат спречени.

istanbul_trade3_balkon3

Има и многу други нешта што го прават овој свет модерен и средновековен истовремено. Дуќаните, иако служат како дистрибутивни центри за продажба на големо, се многу мали и пренатрупаи со стоки. Дури и во тие услови, кои навистина личат како продавница за порцелан во која влегуваат слонови, дуќанџиите успеваат многу вешто на својот муштерија да му покажат се` што сака да види. Сите се фалат дека работата им оди добро, но се жалат дека остареле тргувајќи секој ден од рано наутро до доцна навечер.

istanbul_trade8_balkon3 istanbul_trade2_balkon3

Пари имаме, но никогаш не најдовме време кога да ги трошиме – ни рече еден 52-годишен сопственик на дуќан.

Од стотиците текстилни брендови, главно од домашно, турско производство, секој одбира нешто по свој вкус, но и по вкусот на своите муштерии во градот каде што продава. Сето тоа се пакува во големи бели вреќи, кои се затвораат со селотејп, толку вешто, што нема шанси да се отворат при транспортот. Некои на шега велат дека дневно во Истанбул се троши повеќе селотејп отколку што е долга целата улична мрежа на градот.

istanbul_trade1_balkon3 istanbul_trade10_balkon3

Спакуваните стоки амалите ги носат до центрите за транспорт. Оттаму транспортерите ги носат во Македонија, Русија, Алжир, секој во земјата на своите клиенти. Исто како во Средниот век, во Отоманската ера, во поновото време од пред стотина години. Исто е и денес.

Гоце Трпковски

Коментари