Водич низ СКОПЈЕ

Пат околу Божик и две Нови Години за 15 дена

TR GR EN

Македонија е земја на празници. Жителите на малата балканска земја уживаат да празнуваат со полни трпези, весело расположение и дружење со пријателите. Можеби токму затоа со дваесетина државни и верски празници во текот на годината, Македонија е на врвот во Европа по бројот на неработни денови. Сепак новогодишните и божикните празници се приказна за себе. Распослани во првата половина на јануари го распламтуваат хедонистичкиот дух кој тлее во душата на Македонецот. Музика до рани зори, храна и пиење во избилство, чиниш утре е крајот на светот.

Славјето вообичаено започнува неколку дена пред 31 декември како загревање за „најлудата ноќ“, како што се нарекува преминот од старата во новата година. Во тој период сите кафулиња и кафеани се полни, нема игла кај да фрлиш. Се слави со пријатели, роднини, колеги, па дури и со луѓе кои воопшто не ги познаваш. Во тие неколку дена не се штеди на ништо. Мора да има пари за подароци, за кафеани и секако најважното, фрижидерот да се наполни до врв со храна и пијалоци. Токму заради потрошувачката треска, јануари е познат како најдолг месец во годината. Обично после две недели домашниот буџет е празен, но тоа и не е толку важно ако празниците поминале како што треба.

И Нова Година и Стара Нова Година

Македонија е една од само неколкуте држави во светот чии жители два пати го слават доаѓањето на Новата година. Официјалната прослава, како и насекаде, е вечерта на 31 декември, кога на плоштадите низ сите градови се организираат забави со музика, вино, мезе и огномети.

Сепак, сите останати празници се одбележуваат според Јулијанскиот календар. Така на 6 јануари се слави Бадник, а на 7 јануари е денот на Христовото раѓање, Божик. Овие празници се минуваат во кругот на семејството и уште од стари времиња важи правилото „Пред Божик, зад Божик – дома да си.“ Големиот христијански празник уште во мугрите на 6 јануари го најавуваат коледарите. Групи од по 5-6 деца одат од врата на врата пеејќи коледарски песни, а домаќините ги даруваат со овошје, слатки и парички. Вечерта семејството се собира и се крши „лепчето со паричка“.

Се верува дека оној кому ќе му се падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Во голем број домови „лепчето со паричка “ се крши на празникот Василица, односно на 14 јануари, првиот ден од Новата година според Јулијанскиот календар. Претходната вечер се прославува празникот со невообичаено и контрадикторно име Стара Нова Година.

Бадникарски огнови и Василичарски каренвали

Јануарските празнувања во Македонија се придружени со низа пагански обичаи, од кои најпознати се бадникарските огнови и василичарските карневали. Бадникарските огнови се палат низ целата држава ноќта во пресрет на Бадник. Оваа појава е многу популаран во последните години и речиси секое маало пали свој оган.

Соседите се собираат околу огнот, си честитаат Нова Година, се кажуваат шеги, се слави со ора и песни. На трпезата има риба, сарми, салати и пита. Сепак заштитен знак на ваквите собири е греаната ракија која е совршен „еликсир“ за загревање во студените зимски вечери.

Во Македонија на 14 јануари се одржуваат неколку Василичарски карневали, од кои најпознат и најстар е Вевчанскиот. Со традиција од 14 века, Вевчанскиот карневал е туристичка атракција која привлекува голем број гости од земјата и од странство. Живописните маски и специфичниот хумор на Вевчанци го прават овој настан уникатен. Најголем дел од маските се страшни со цел да се избркаат злите духови и демони, кои се верува дека во овој период шетаат по земјата.

Стомакот полн е голема среќа

Гладна мечка оро не игра. Оваа стара народна поговорка, се чини најдобро го опишува наравот на Македонците. Непишано правило е дека при секое славје најважно е да се обезбеди доволно храна и пијалок, а се друго само ќе си дојде. Најдобра потврда за ова се токму новогодишните и божикните празници. Трпезата е постојано полна, а се менуваат само гостите и специјалитетите. За Нова Година нема дом во кој не се подготвуваат кифлички, руска салата и печено свинско или телешко месо, а се наздравува со домашно црвено вино.

Руската салата е мешавина од варени компири и грашак, со рендани кашкавал, шунка, јајца и мајонез.

За Бадник се подготвува посна вечера, на која покрај рибата, задолжителни се традиционалните македонски специјалитети тавче гравче и сарма. Во многу домаќинства на Бадник се варат и костени, кои се одлично мезе со црвено вино.

Посната сарма е македонски специјалитет кој се подготвува на тој начин што во листови од зелка или од винова лоза се замотуваат ориз, праз и мелени ореви.

Тавче – гравче е можеби најпознатиот традиционален македонски специјалитет, кој го пробал секој странец кој ја посетил земјата.

Среќни празници од тимот на Балкон3 и славете со добра храна и во убаво друштво.

Коментари