Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: ПАРТИЈАТА

Партијата не е верска заедница. Партијата не е агенција за вработување. Партијата не е државата. Поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта, но не и за демократија. Не смее лепењето партиски плакати да е единствениот критериум за добивање работно место и привилегии во државните институции. Не случајно, партиите во Македонија се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба. Еве накратко што значи Партијата за сите што заборавиле дека таа е доброволна организација, а контрапротести и водење списоци за учество на протести не е дозволиво.

Партијата треба да биде организација каде што се разменуваат и спротивставуваат идеи, со цел да се дојде до најдобрите политики за најголемиот дел од граѓаните.

Ова е верска заедница, ова е агенција за вработување, а ова е политичка партија. Тие не се исти. Во современото демократско општество секоја од нив си ја извршува својата улога. Но ниту една не може да се меша со другите.

По 26 години плурализам, поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта. Но не и за демократија. Партиите се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба*.

Каде грешиме со партиите? Постои Закон за политички партии, кој уште во членот 2 дава дефиниција што е тоа политичка партија. Тоа е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта.

Но да одиме по ред. Прво, тоа е доброволна организација. Ова значи дека се што еден член прави во партијата мора да биде доброволно. Чувањето членови на закачалка што можат во секој момент да бидат употребени за митинг или за контрапротест – не е дозволиво. Водењето списоци за присуство на спонтани настани – не е дозволиво. Чекањето упатство за да се напише „свое мислење“ на интернет  – не е дозволиво.  И не, не се важи ако некој рече дека исполнува наредби, ама доброволно.

Друга особина на партијата е дека таа служи за остварување економски и социјални права. Ова не треба да се сфати премногу лично. Добивањето работно место како „награда“ или „надомест“ за служењето во партијата не е остварување економско и социјално право. Тоа е стекнување нефер привилегија, или злоупотреба. Како што веќе заклучивме, лепењето плакати и веењето знамиња на митинзи е доброволно. Не следува ништо за возврат. Освен, можеби, економски и социјални права што партијата ги застапува, но кои би важеле еднакво за сите.

И најважно, партијата служи за донесување политички одлуки. Таа не си служи самата на себе, и не постои заради себе.Особено не служи за обожување. Ниту партијата е религија, ниту лидерот е светец, ниту партискиот амблем е икона или свето писмо. Затоа, нема потреба од нив да се прават олтари во домовите, да се носат на себе како накит, особено кога нема изборна кампања, или да се учат напамет светите партиски зборови.

Кога кон партијата ќе се развие култ, таа веќе не е политичка организација и повеќе личи на верска. Членот 19 од македонскиот Устав вели – за таквите нема место во политиката и во државните работи.

Политичките партии се непрофитни организации. Така вели членот 9 од Законот. Кога партијата служи за преку неа да се добие незаслужена корист од државните институции, таа се претвора од политичка во измамничка организација. На таквите им се посветени повеќе членови од Кривичниот законик, а не од Законот за политички партии.

А кога партиската припадност значи дека човекот и припаѓа на партијата, како нејзина приватна сопственост, и зависи од неа за да се прехрани себеси и семејството, тоа е сериозно прекршување на човековите права. Би можело да се толкува и каковоспоставување ропски однос. Што е кривично дело, за кое споредчленот 418 од Кривичниот законик се предвидува затвор до 10 години.

Партиите се многу важни организации во демократското општество. Затоа секогаш треба да останат тоа што се по дефиниција: групи на слободни граѓани со слични или со исти политички убедувања, што доброволно влегуваат во натпревар со други партии, во обид да добијат што поголема поддршка за остварување на своите идеи и планови за државата.

 

*анкета на МЦМС: Доверба во луѓето и институциите (2013)

Коментари