Водич низ СКОПЈЕ

Панорама стара илјада години

TR GR EN

Кога се патувањата во прашање, есента (како и пролетта) е период за екскурзии. Летото и календарски заврши, а со него и сфаќањето на одморот како пат до плажите. Во наредниов месец, оние што ќе имаат некој слободен ден повеќе, и што успеале да не ги потрошат сите свои пари на летниот одмор, најчесто ќе се упатат кон некој град со убави плоштади, маркантни згради, ќе видат понекој замок, ќе разгледаат некои природни знаменитости итн.
1000godisna panorama (7)
Каде да се оди? Па, назад кон плажите и не е толку лош избор. Особено ако живеете во регион во кој крајбрежните подрачја, и езерските и морските, биле привлечни, значајни и стратешки точки со илјадници години, откога постои цивилизиран живот на овие простори. Навиките се такви што, за жал, на лето многу ретко некој забележува дека освен плажата и водата, има и други мошне интересни места што може да се посетат во непосредна близина на летувалиштата. Потребни се само два-три часа и неколку евра.
1000godisna panorama (6)
Да ја разгледаме, на пример, Пиерија, една од двете најпопуларни грчки области за македонските летувалци, заедно со Халкидики. Десетици илјади гости ги запоседнуваат нејзините долги и широки плажи секоја година. Колкумина од нив ја виделе панорамата на целото крајбрежје од замокот на Платамона стар илјада години? Повеќето успеваат да го забележат од автопатот додека патуваат кон Неи Пори, но тоа е најмногу што му се доближуваат. Ова интересно здание на највисоката точка покрај морето, со многу зачувани ѕидини и добро обележани патеки за движење се вика Венецијански замок на Платамона. Изграден е во 10-11 век, среде крстоносните војни, а денес е вистински времеплов што води до тој период, откривајќи ги куќите во кои што живееле луѓето во него, храмовите каде што се молеле, резервоарите за вода, и особено ѕидините кои што ги штителе и од чии врвови денес се протега можеби најубавата панорама во овој дел на Грција, со поглед што достигнува и до стотина километри од север кон југ. Позиции направени за стражарите, кои што од нив гледале со страв и несигурност, со внимателност поради можни напади и од копно и од вода, а од кои еден милениум подоцна, на многубројните посетители им останува само да гледаат со воодушевување кон морето.
1000godisna panorama (1) 1000godisna panorama (8)
Тоа е само за почеток. Всушност, откривањето на Пиерија може да почне од секоја продавница за сувенири во местата каде што се летува. Кога ќе купите магнет за фрижидер или чашка за текила, едноставно не го фрлајте ќесето. На него има отпечатена мапа од областа со сите интересни точки за посета. На неа ќе видите каде се наоѓа и Литохоро, мошне живописно гратче оддалечено пет километри од брегот, место што ги спојува морето и планината. Се смета за почетна точка на Олимп, една од најпознатите митски планини во историјата.
1000godisna panorama (3)
Освен живописните куќи и тесните улички, кои со планинскиот пејсаж зад нив изгледаат како да се во Австрија или во Италија, наместо во Грција, Литохоро нуди и видиковец од кој кога нема облаци (што е реткост за Олимп) се гледа највисокиот врв на планината, Митикас, тронот на богот Зевс, висок речиси три илјади метри. Ќе го најдете и Дион, најзначајната археолошка точка во овој дел од Грција, каде што истражувањата траат четири децении и се далеку од завршени. Кој знае уште колку тајни ќе се откријат на тоа место. Тука се и Пантелејмон, Скотина, Коринос и многу други места поради кои ниту екскурзиите мораат да ја чекаат есента, ниту, пак, кога таа ќе дојде, мора да се заобиколува приморјето.
1000godisna panorama (5)

Гоце Трпковски

Коментари