Истанбул – дом на најразлични луѓе, опкружување составено од најразлични слики, град кој живее и дише со своите 20 милиони жители. Единствен град на два континента, град кој ги преплавува сите сетила. Град кој никогаш не спие, улици полни со весели и насмеани луѓе, шаренило од бои, мириси, идеален спој на култура и религија. На оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж им препорачуваме еднодневна екскурзија до една од најпопуларните дестинации за туристите – Островите на казнетите турски принцови. Prens Adaları, почесто Kızıl Adalar (Црвени Острови) или само Adalar како што се и официјално именувани.
Во текот на византискиот период, принцови и други членови на кралските семејства биле протерувани на овие острови, а подоцна таму се прогонувани и членовите на семејството на отоманскиот султан. Островите на принцовите се синџир од девет острови во Мраморното Море, на околу 20 километри од азиското крајбрежје на Истанбул.
Најголем и најатрактивен е островот Buyukada (Голем остров). Сместен е меѓу два рида, со по еден манастир на секој од нив. Едниот е Св. Ѓорѓи манастир со истоимена црква кој датира од VI век.
Доколку направите „мала турнеја“ на островот со кочија, може лесно да се искачите до малата црква, во чиј склоп се наоѓа и кафеана во која служат вино и закуски. Другиот е Манастирот на Христос со воодушевувачка градина аранжирана со украсни грмушки, маслинови дрвја и бршлен.
Heybeliada е втор по големина остров. Наречен е и бакарен остров поради наоѓалиштата на бакарна руда, кои и даваат специфична црвеникава боја на почвата. Големата поморска кадетска школа се издига на левата страна откако ќе се симнете од фериботот. Во подземјето на овој атрактивен објект постојат две значајни архитектонски дела. Првото е Kamariotissa, единствената останата византиска црква посветена на Пресвета Богородица, и уште поважно, последната изградена црква пред освојувањето на Константинопол. Второто е гробот на вториот англиски амбасадор, кој бил испратен во Цариград од страна на кралицата Елизабета I, Едвард Бартон, кој одлучил да живее на овој остров со цел да ја избегне вревата на градот.
Burgazada што значи „ Тврдината остров“ е трет остров по големина. Има само еден рид (опкружен со густи борови шуми), на кој се издига тврдина изградена од Деметриј I Македонски, еден од наследниците на Александар Македонски, која ја нарекол по неговиот татко – Антигон I Едноокиот. Бидејќи бил населен претежно со Грци, на островот се задржани мноштво православни цркви од тоа време.
На овој остров својата инспирација ја црпел писателот Саит Фаик Абасијаник. Денес, неговата резиденција е музеј, а во неговиот омилен ресторан сместена е бронзена статуа од него како ужива во прекрасната глетка.
Kınalıada е најблискиот остров до Истанбул. Поради тоа тој бил и најчесто користен како место за егзил во византиско време (најпознатиот егзил од тоа време е на поранешниот император Romanos IV Diogenes, по битката на Manzikert, 1071).
Sedef Adası или Бисерниот остров е еден од најмалите острови на архипелагот и има 108 приватни домови. Делот кој е отворен за јавноста во голема мера се состои од плажата Хамлет. Боровите шуми на островот во најголем дел се засадени од страна на нејзиниот сопственик Şehsuvar Menemencioğlu, кој го купил островот во 1956 година, а воедно одиграл и важна улога во наметнување строги правила за градба, со цел природата на островот и животната средина да бидат заштитени. Имено со правилата за градба, не е дозволено да се градат куќи со повеќе од два ката.
Yassıada (Рамен Остров) во византиско време најчесто бил користен за праќање во егзил на истакнати личности. Еден од нив е и ерменскиот патријарх (Catholicos) Narses кој бил прв испратен на овој остров. Во XI век од н.е. островот се користи за затворање политички затвореници од страна на Византијците. Остатоците од четири подземни затворски ќелии од овој период се уште може да се видат. Византијците на островот изградиле манастир и црква.
Во 1857 година островот го купил британскиот амбасадор Henry Bulwer, брат на романсиерот Edward Bulwer-Lytton, кој си изгради куќа и мал замок, кои постојат и денес. Со основањето на Република Турција во 1923 година островот станал сопственост на турската држава, а во 1947 година Yassıada е предаден на турската морнарица и таму се изградени неколку училишни згради. Во 1993 година островот станува сопственост на Истанбулскиот Универзитет.
Останатите три острови (Sivriada, Oxeia и Kaşık Island) се напуштени и на нив генерално нема живот.
Во 19 век островите, кои се најтивкиот дел од Истанбул, стануваат летувалиште на Инстанбулските граѓани. Во овој рај на земјата моторните возила се забранети, па најголем дел од посетителите ги истражуваат островите пеш или со велосипеди, кои може да се изнајмат на многу места. Островите нудат се што им треба на туристите: приватни вили, куќи за изнајмување, хотелски соби, дневни и ноќни барови, атрактивни места за прошетка. Богати со зеленило и отсечени од надворешниот свет, Островите на принцовите нудат егзотичен одмор во средина која ги комбинира модерните удобности со историското наследство. Меѓу лозјата, маслиновите шуми и палмите се сместени бројни грчки православни манастири и величествени имоти, комбинирани со викторијанска архитектура од XIX век со карактеристични елементи за Отоманската империја.
И така, мојата Истанбулска приказна е при крај. Останува на вас да ја почувствувате и раскажете на свој начин. А до тогаш, може да уживате во моите фотографии.
[nggallery id=7]
Кристина Ангелеска