Водич низ СКОПЈЕ

Ортакој – време е за уживање додека гледаме кон Босфор

Истанбул на прагот на зимата. Остри, ладни декемвриски ветришта го галат Ортакој, еден од бисерите среде европскиот брег на Босфор. Ортакој е сокриен рај, романтично и енергично лице на градот кој никогаш не спие, а се наоѓа во најпрометниот дел на градот пред очите на љубителите на Истанбул.

Ако успеете да се пробиете низ густиот сообраќај и тргнете надолу низ уличките од главната улица кон брегот, неизбежно е попат да застанете во многубројните продавници и бутици. На улиците и брегот има редица ресторани, кафулиња, барови со пристапни цени. По тесните улички кон брегот занетчиските пазари и отворените тезги изложуваат секаков вид производи во експлозија од бои. Изложените сувенири од Истанбул, шарени ламби, амајлии против урокливи очи, плетени чаршави ги привлекуваат сите подеднакво, стари и млади, туристи и локални жители.

Џамијата Ортакој, Истанбул

Кога ќе пристигнете на малиот плоштад Ортакој опуштете се и свртете се околу себе. Дозволете да ве опкружи блескавиот поглед  кој се протега сè до азискиот брег на Босфор. Од една страна погледот ве води кон големата Меџидие џамија, позната како Ортакој џамија, чија елегантна и импозантна фигура одолева на вековите, и се претопува во синилото на Босфор. Оваа спектакуларна градба е завршена во 1853 година и стои како нем сведок на историјата од Византиската до Отоманската Империја па се до современа Турција.  Грчката православна црква Свети Фока, синагогата Ец Ахаим, џамијата Ортакој стојат наредени како доказ за големото културно богатство и разноликост на религии.

Погледот од малиот Ортакој плоштад кон џамијата и мостот преку Босфор кој ги поврзува Азија и Европа е импресивен. Особено светилките на прекрасно осветлениот мост и нивниот одблесок на водите на Босфорот. Брановите кои се одбиваат од брегот звучат како да ја раскажуваат душата на градот, и понекогаш танцуваат со сончевите зраци. Ортакој е срцето на Истанбул и како таков е далеку од здодевен. На другиот крај од брегот Палатата Есма Султан од осумнаесетиот век ни го привлекува вниманието. Оваа градба, наречена така по првата ќерка на султанот  Абдулхамид, беше реновирана после големиот пожар од почетокот на дваесеттиот век кој остави само голи ѕидови и денес е место каде се организираат величествени настани.

Палатата Есма Султан, Истанбул

Ортакој е познат по своите евтини кафулиња и чајџилници каде оние кои го дочекале утрото можат фино да појадуваат. Земете со себе книга или весник нарачајте обилен појадок или уживајте во задоволството на неразделниот турски чај и ѓеврек.

Додека го пиете вашиот салеп (пијалок од млеко, корен од билката салеп и цимет) или турско кафе на ладниот зимски воздух, погледнете го синилото на морето, длабоко вдишете и оставете сите ваши грижи и тага, ако ја имате, да потонат на дното на  Босфор. Шепнете ги вашите желби во ветрот кој ви го лади лицето. Којзнае, можеби и денес ќе го почувствувате освежителниот ветер кој доаѓа од Црното море.

Тесната уличка која води кон другиот крај на улицата ве пречекува со редица продавачи на печени компири. Сите се трудат да ги импресионираат купувачите со своите вешти раце и да понудат вкусови поинакви од другите. Додека разговарате со нив откривате нова слика за обичниот печен компир, нови вкусови добиени со додавање на разни сирења, пченка, колбаси или маслинки.

Како што денот заминува така енергијата на Ортакој се зголемува и почнува да се шири музика од околните кафулиња и барови. Од воведувањето на забраната за пушење, масите распоредени во уличките почнуваат да се полнат. Оние кои сакаат да се одморат после работа, студентите, љубителите на ноќниот живот и се разбира туристите кои имаат желба да видат како градот живее 24 часа се нивни вообичаени посетители.

Коге ќе се искачите по улицата од Ортакој плоштадот кон Бешикташ ве пречекуваат историски згради. Ресторанот Ферије изграден во отомански стил нуди традиционални вкусови како и јадења од други кујни и одлична услуга. Палатата Чираган која е претворена во хотел со 5 ѕвезди и Four Season Hotel кој се наоѓа недалеку одовде се камен темелник на оваа област. Ако продолжите од Ортакој кон Бебек, којшто е друга важен населба покрај Босфор, ќе наидете на многубројни ноќни клубови, барови и ресторани каде ве очекува разновиден ноќен живот. Историската населба Ортакој продолжува да блеска 24 часа во денот со својата шарена, енергична, космополитска структура.

Мине Есен Ергур

Коментари