Водич низ СКОПЈЕ

“Oriental cookie”- трет во светот!

Методи Перунковски, професионален бармен, на последното Светско првенство во подготвување коктели, одржано во Варшава го освои третото место.

Како и кога започна со подготовка на коктели?

– Со подготовка на коктели започнав пред моето професионално вработување како професионален бармен, а тоа е пред 6 години. Претходно коктелите ми беа само пасија.

На секој официјален натпревар со коктели се учествува со нов сопствен коктел…

– За да се учествува на некој натпревар за коктели, мораш да имаш сопствен коктел. Тоа е коктел кој сам треба да го измислиш и да го подготвиш на натпреварот. Мојот прв јавен настап и мојот сопствен коктел е на второто државно првенство во правење коктели, во 2009-та со коктелот “Hawaian igt”. Досега имам учествувано на сите државни првенства за бармени. На четвртото државно првенство освоив прво место, во 2010-та во Барменската лига освоив второ место, во Marie brizard cup освоив трето место.

Кој вид на коктели ти се омилени за подготовка, а кои ти се предизвик?

– Јас лично немам ограничувања во однос на тоа кои коктели сакам да ги подготвувам. Сакам да подготвувам секакви коктели, а посебно предизвик ми се “before dinner” и “after dinner” коктелите. Тоа се коктели кои се приготвуваат во коктел(мартини) чаша и самите по себе се доста комплексни за усогласување на состојките во коктелот, бидејќи има повеќе состојки, а мнгу мал волумен на чашата.

Како дојде до учеството на светското првенство во Варшава?

– На последното светско првенство за коктели, кое се одржа неодамна во Варшава, Полска, учествував како државен првак на Македонија и ова беше најголемиот предизвик во мојата барменска кариера досега. Ова беше 37-мо светско првенство во приготвување на коктели, каде што секој натпреварувач со свој сопствен иновативен коктел. Севкупниот број на држави(учесници) беше 60 во категоријата “Classic” и 47 во категоријата “Flair”. Во категоријата “Classic” од оваа година секој натпреварувач се одредува во која конкуренција  ќе се натпреварува и тоа: before dinner, fancy, sparkling и after dinner. Македонија беше во конкуренцијата  after dinner, каде што имаше единаесет учесници од Кина, Ирска, Грција, Венецуела, Порторико, Финска и други. Во овааа конкуренција ние го освоивме третото место иако беше неизвесно до самиот крај на натпреварот.

Коктелот со кој го освои третото место на Светското првенство?

– Коктелот со кој се претставивме во Варшава се вика Oriental cookie. За љубителите на коктели еве го  неговиот рецепт:

Havana 7 2cl

Mozzart dark chocolate 2cl

Kahlua 1cl

Monin Cinnamon 1cl

Се става свеж крем на врвот и морско оревче, свежо рендано. За декорација се користи кора од портокал и фисалис.

Што после овој успех?

– Би сакал да бидам повторно претставник на Македонија на наредното Светско првенство за коктели кое ќе се одржи во Кина. Ако во Варшава бевме во врвот, во Кина би сакал да бидеме на самиот врв.

Јордан Дуков

Коментари

Тагови: