Едно од многуте езера на Титан – најголемиот природен сателит на планетата Сатурн од 2010 година е наречено Охридско Езеро. Поблиску пак до Земјата е планетата Марс, каде еден од кратерите е наречен Ресен, по малиот но, убав град на југозападниот дел од Македонија.
Охридското Езеро, една од најатрактивните туристички дестинации во Македонија, е оддалечено само околу два часа возење со автомобил од Скопје, околу осум часа од Атина и над 11 часа од Истанбул. Малкумина знаат дека езеро со исто име како едно од најстарите и најдлабоки езера во Европа има и на Титан, најголемиот природен сателит на планетата Сатурн.
Во 2010 година, на предлог на македонскиот „Планетариум“, Меѓународната астрономска унија и НАСА решија едно од езерата на сателитот Титан да биде именувано Охридско Езеро. Ова езеро е сосема различно од она во Охрид, и е смешно да се помисли дека таму би можело да се организира познатиот Охридски пливачки маратон, кој секоја година се одржува во водите на Охридското Езеро. Иако езерото на Титан е далеку од нашите очи, сепак охриѓани кои се надалеку познати по љубовта кон своето езеро не сакаат двојникот да стане попознат од „оригиналот“. Не оставаат ништо на случајноста, па веќе почнаа со анти реклами за езерото на Титан и на шега велат дека нивното езеро е далеку потопло и препорачуваат туристите да не размислуваат да одат до Сатурн туку да дојдат поблиску, во Охрид. Како нивни адути засега во ракав ги имаат надалеку прочуените охридски бисери, охридската пастрмка, убавините на планината Галичица и бистрината на изворите на реката Дрим.
Тука се и стотиците средновековни цркви, праисторискиот град на вода „Заливот на коските“, а ако тоа не е доволно туристите може да ги посетат Античкиот амфитеатар, Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и Самуиловата тврдина. Токму поради овие адути Охриѓани засега не се плашат дека туристите лесно ќе им побегнат на другото езеро, бидејќи како што велат на шега „кајчињата уште долго време нема да ги заменат со вселенски бродови“.
Кого сме кај вселенските бродови сигурно се прашувате колку време би ви било потребно да стигнете до езерото на Титан? На вештачкиот сателит Касини-Хигенс кој беше лансиран во 1997 година му беа потребни „само“ околу шест години да стигне до планетата Сатурн.
Е сега, кога би било возможно патување со брзина на светлината тогаш, во зависност од моменталната оддалеченост на Сатурн во споредба со Сонцето, за повеќе од час и половина ќе можете да го видите двојникот на Охридското Езеро на сателитот Титан.
КУМОВИ НА ВСЕЛЕНСКИ ОБЈЕКТИ
Патувањето со брзина на светлината засега е само сон, но соништата често се остваруваат како што покажува и примерот со физичарот и астроном Ѓоре Ценев, долгогодишен раководител на Планетариумот во Скопје, кумот кој му го даде името на езерото на Титан. Тој вели дека засега е единствениот од Македонија кој доставил соодветна листа со имиња на одделни кратери, езера, реки, градови и планини за повеќе тела во Сончевиот планетарен систем, а кои се препознатливи за македонскиот народ и нашата држава. Ценев објаснува како се именуваат телата во Сончевиот систем.
– Со развојот на технологијата и истражувањата на планетите, сателитите и другите тела во нашиот Сончев систем, се добија голем број информации за сите карактеристики и димензии на телата, но особено се добија голем број фотографии од нивната површина. Како и во случајот со нашата планета, пред Меѓународната астрономска унија се наметна потребата за изработка на соодветна номенклатура на релјефните карактеристики на површината на секое од наведените тела. За таа цел е формирана посебна работна група наречена Working Group for Planetary System Nomenclature (WGPSN) која има за цел да ги определи критериумите и да ги предложи имињата на кратерите, планините, долините и тоа за секое тело во Сончевиот планетарен систем, вели Ценев.
ЕЗЕРО ОД ТЕЧНИ ГАСОВИ
– Во принцип секој може да предложи име во согласност со наведените критериуми, но сепак Работната група има дискреционо право да го прифати или да не го прифати предлогот. При тоа се цени компетентноста на предлагачот, предложената аргументација и бројот на веќе прифатените предлози. Колку што знам јас сум првиот кој доставил таква листа со предлози од Македонија. На мое задоволство речиси веднаш беше прифатен предлогот едно од езерата на сателитот Титан да го добие името Охридско Езеро. Веднаш потоа беше дадено и името Ресен на еден од кратерите на планетата Марс, вели Ценев.

Кратер на планетата Марс
Охридското Езеро на Титан има пречник од 17,3 километри. Бидејки на површината на Титан има многу ниски температури езерата се составени од течни јагленоводороди како на пример етан, метан, итн. Во овие езера астрономите претпоставуваат дека можеби има живот. И додека тоа не се потврди, Охридското Езеро во Охрид останува единствено кое е поблиску за туристите, но не само поради далечината, туку и поради својата убавина.