Таа е уметник-номад, но последните 13 години својот инспирациски рај го најде на островот Кипар. Маре Параскева е уметник од Македонија која 13-та година ги слика лицата на туристи и случајни минувачи во градот Пафос. Нејзините рачно насликани чаши, свеќници, стаклени сувенири ги има ширум светот. А, со колекцијата рачно сликани женски чанти Мy Máre ,е успешна и во светот на модата.
Номад си од твои 17-18 години кога ја напушташ Гевгелија… Денес живеш на Кипар….Кои беа местата каде што престојуваше пред да се преселите на Кипар и зошто баш Кипар?
Да…Веднаш по завршувањето на средното образование во мојата убава Гевгелија, заминав да студирам архитектура на Универзитетот Св. Кирил и Методи во Скопје. После втората година на студии решив да заминам во Англија. Живеев во Меидтоун, Кент, за потоа, потрeбата по нови животни искуства да ме одведе во Лондон, каде што запознав разни уметници од целиот свет со кои споделувавме разни идеи, судбини… Лондон е местото каде што запознав еден музичар, кој подоцна стана мој животен сопатник, Кип. Кип е со кипарско потекло, но се родил и живеел во Лондон. Со нашата прва посета на Кипар, се преселивме овде и еве веќе 13 години живееме тука.
Имам впечаток дека уметноста е ваша водилка низ животот…Од каде љубовта кон уметноста, конкретно кон сликањето?
Тоа е вистина. Уметнста дефинитивно е мојата водилка низ животот. За мене, да се биде креативен е да се биде жив. Уште како дете своите емоции секогаш ги изразував преку уметноста. Јас сум човек кој не сака многу да зборува, наместо тоа сликам, цртам, творам…
Сликате на се и сешто, од чанти, чаши, луѓе….Како започна оваа ваша приказна?
Уште како дете го направив моето прво сликање на стакло, со лак за нокти, на една стаклена вазна на мајка ми. Подоцна, често велев дека сакам да сликам на стакло и кога живеев во Лондон. За божиќ, од мојот драг Кип добив подарок, сет за сликање на стакло. Бев пресреќна. Тогаш започна сe’ и сеуште трае…Со тек на време, развив сопствен стил на сликање на декоративни чинии, свеќници, огледала, вазни, чајници, чаши за вино… Сликањето на лице и претворањето во карактери или животни е нешто што го правам речиси 10 години. Шест месеци во годината сликам на лица секој ден. Последниве 7 години сликам гости во еден од најпосетуваните ресторани во Пафос, Фет Мама.
Модата одсекогаш ме привлекувала. Креирањето уметнички дела погодни за носење беше уште еден начин да се изразам себе си. Го одбрав сликањето на женски чанти. Тие се модни додатоци кои ја носат пораката во надворешниот изглед. Ние жените ги обожуваме нашите чанти, а поседувањето или носењето на уникатна или рачно изработена чанта го прави тоа чувство уште по специјално. Мојата прва колекција на рачно сликани женски чанти My Máre излезе при крајот на 2010 година и сеуште успешно се продава ширум светот. Морам да признаам дека сум пресреќна што работам работа која многу ја сакам.
Со вашиот сопруг живеете и работите подолг период во Кипар…Каков е животот на Кипар?
Откако ќе живееш во Лондон, би рекла дека животот на Кипар е “easy going”, живот на плажа. Од првиот ден кога дојдов тука до денес, не сум се почувствувала како странец. Кипарскиот народ е многу гостопримлив и има слични традиции со моето родно место. Тука се чувствувам како дома. Јас уметник, мојот сопруг е професионален музичар, мојот живот тука е: уметност, музика и плажа. Се будам и заспивам со тоа…
Корисни информации од Маре, доколку планирате наскоро да патувате на островот Кипар:
Кој е најбрзиот и најевтиниот начин да се стигне од Македонија до Кипар?
Јас вообичаено, кога одам во Македонија, летам до Солун и после тоа со автомобил до Гевгелија. Повратен авионски билет чини околу 300 евра, но добра вест е тоа што пред неполн месец започнаа и евтини летови од Кипар.Така да, сега може евтино да се лета и до Солун.
Колку чини пиво во бар, на Кипар?
Пиво во бар чини околу 2 евра, а во ноќен клуб околу 5 евра, во зависност од програмата што се нуди. Во клубовите со бузуки цените се и поскапи.
Сместување?
Поекономичен начин да престојувате во Кипар е со друштво, со кое би ги поделиле трошоците. На пример, за апартман со 2 спални соби, за 6 луѓе, со заеднички базен, чини околу 450 евра неделно. Или, вила со 3 спални соби, за 6 луѓе и сопствен базен чини околу 650 евра неделно.