Балкон3 интервју со оскаровецот Роџер Рос Вилијамс, автор на документарните филмови „Музиката на Пруденс“ и „Господ ја сака Уганда“.
Кога би направилe поделба на филмовите што ги гледаме, би се појавиле многу подгрупи, но главната поделба би била на филмови кои ни оставиле длабок емотивен впечаток и оние кои ни биле интересни, но не нè вклучиле емотивно. Филмовите на оскаровецот Роџер Рос Вилијамс спаѓаат во првите – оние кои оставаат силен емотивен впечаток .
Првиот филм на овој некогашен новинар на Си-ен-ен, е „Музиката на Пруденс“, чија тема е животот на 24-годишната Пруденс од Зимбабве, лице со хендикеп, кое, наспроти суеверијата и отфрленоста од општеството, заедно со други напуштени деца, се издигнува низ животот и наоѓа утеха и успех во музиката. Овој филм беше награден со Оскар во 2011 година. Следниот негов филм, „Господ ја сака Уганда“, е слика на погубното дејство и влијанието на дел од американските цркви и нивните мисионери во Африка. Идеалната земја со нивните и законите кои ги замислиле овие мисионери не успеале во САД, поради силните движења за слобода, но затоа државите во Африка, посебно Уганда, се нивните утопии. Како резултат на нивната борба против „сексуалната неморалност“, се носат закони со кои се забрануваат сексуалните малцинства, абортусот, антифеминистички закони, се воведува забрана за користење кондоми. Со тоа бројот на заболени од СИДА во оваа земја се зголемува, а припадниците на сексуалните малцинства и активистите се линчуваат.
Роџер Рос претседаваше со жирито на филмскиот фестивал во Стариград Пакленица, каде и што го направивме интервјуто. Колеги во жирито на Рос му беа и музичарите Влатко Стефановски и Мањифико. Во рамките на фестивалот, чијшто земја-партнер оваа година беше Македонија, се прожектираше и ревија на македонски музички документарци, Macedonian Week. По прикажувањето на филмот за македонскиот бенд Шутка Рома Рап во продукција на Балкон3, кој предизвика голем интерес кај публиката со истенчен вкус кога станува збор за музички документарци, седнавме на разговор со овој за разговр секогаш расположен господин.
Како ги избирате темите за вашите документарни филмови? „Музиката на Пруденс“ и „Господ ја сака Уганда“ се навидум едноставни теми, но емотивно длабоки и вознемирувачки филмови.
Тоа се должи на личностите со кои самиот се идентификувам, а се идентификувам со аутсајдерите. Самиот се чувствувам како аутсајдер, како некој кој бил отфрлен од општеството, исто како и Пруденс, или во случајот со филмот за Уганда, како и жените и ЛГБТ заедницата. Или мојот следен филм кој се занимава со искуствата на едно аутистично дете. Се идентификувам со аутсајдери и темите кои ги избирам мора да ме засегаат лично. „Господ ја сака Уганда“ е многу лична тема бидејќи моите родители се свештени лица. Поради тоа израснав во црква. Тоа се личности кои го отфрлаат секој за кого сметаат дека е грешник. Во нивните очи многумина се грешници. Таа тема беше навистина лична. Пруденс пак, беше класична приказна за личност отфрлена од нејзиното семејство. Јас бев отфрлен од моето семејство и на некој начин, се идентификував со неа. За мене се интересни обесправените кои ја бијат својата битка.
Како поранешен новинар, кој има работено за повеќето големи новински агенции, меѓу кои и Си-ен-ен, кои искуства од светот на вестите ги имате пренесено во светот на документарните филмови?
Тоа што го земам од новинарството се фактите, за целата работа да не се базира само врз емоции. Значи, факти и бројки. Филмот е едноставно, гледиште на една личност. Се работи за мој агол на гледање на нештата. Можеби ова што ќе го кажам доаѓа од новинарството, но сакам да ја разберам и другата страна. Сакам да го разберам човекот кој размислува сосема поинаку од мене, и тоа е она што мене ми е интересно. Тоа исто така ми е интересно и како новинар. На пример, да бев израелски новинар, веќе ќе бев во Газа каде што ќе интервјуирав луѓе, обидувајќи се да ја презентирам приказната на другата страна, односно од нивната гледна точка. Тоа е пристапот што го имам кон сѐ. Можеби тоа е она што го зедов од новинарството. Тоа што не го зедов од новинарството се корпоративните ’меинстрим‘ медиуми. Во САД денес, во голема мера, не постои вистинско новинарство. Тука спаѓаат ’меинстрим‘ медиумите – телевизиските мрежи или весниците, како што е New York Times. Сите тие работат во зависност од нивните корпоративни интереси, односно само да заработуваат пари и да му се допаднат на нивниот „Борд“. Според мене, вистинското новинарство се случува во светот на документарните филмови.
Зошто мислите дека вистинското новинарство се случува кај документарните филмови?
Вистината за тоа што се случува во светот е отсликана во документарците. Некои од филмовите што беа издадени неодамна, како што е Dirty Wars, каде што тема е користењето американски дронови во војните, прикажуваат работи кои не ги гледате по ’меинстрим‘ медиумите, туку ги гледате обработени детално и длабоко во документарните филмови. Ќе дадам уште еден пример, а тоа е филмот „Invisible World“, кој се занимава со силувањата во американската војска. Американската војска има ненормално висок процент или ненормално висока статистика на силувања. Дел од жените припадници на американската војска се силувани и бројките на ваквите случаи се големи. Тоа војската го прикрива и ја прави целата работа огромна. Кога беше објавен филмот што се занимава со оваа тема, тоа предизвика серија сослушувања во Конгресот, а беше донесен и нов закон. И војската и владата ги вртеа главите настрана, но филмов го насочи вниманието кон овој проблем на начин на којшто тоа би требало да го прави вистинското новинарство.
Понатаму, мојата пријателка Лора Портрис замина во Хонг Конг и го интервјуираше Едвард Сноуден, а нејзиниот филм ќе биде прикажан оваа година на фестивалот во Торонто. Тука ќе биде раскажана приказната за Едвард Сноуден. Глен Гринвалд е новинарот којшто го следеше случајот за Гардијан. Тој и Лора ја направија приказната, а Лора го сними видеото од Сноуден. Тие снимија филм, и тоа ќе биде многу интересен филм што се однесува на приватноста на граѓаните. Филмот сега се монтира во Берлин бидејќи е постојано под притисоци, посебно од Имиграциското биро. Кога доаѓа во САД, Лора ја задржуваат од 7 до 8 часа на граница. Истото му се случи и на Глен Гринвалд; тој и неговиот соработник беа уапсени бидејќи носеле информации во својата торба. Промените, па дури и промените на политичките закони, овие денови се случуваат под влијание на документарниот филм.
Вие работевте со прославениот режисер и мајстор за политичка сатира Мајкл Мур на серијалот TV Nation. Какво беше искуството од работата со Мајкл Мур?
Мајкл две години работеше на овој серијал, за кој се покажа дека постави нови стандарди на тоа поле. Тоа беа политички емисии кои користеа сатира и комедија, со цел да се даде голема политичка изјава. Тоа што го правевме беше изнаоѓање тема и некаков креативен начин да ја обработиме таа ситуација. Обично правевме незамисливо луди работи. Тоа што го научив од Мајкл, додека го работев ова, беше дека комедијата е далеку поефективно средство. Не би сакале да им здосадите на луѓето со сувопарни информации. Поради тоа Мајкл ми помогна да го развијам вистинското чувство за користење комедија, а во истиот контекст, и како да користам сатира. Таа емисија беше пионерска во својот потфат. Сите нејзини продуценти сега стојат зад најпопуларните и најнаградуваните документарци во САД.
„Бог ја сака Уганда“ допира теми за влијанието на свештениците од Америка кои во обидот да создадат идеални религиозни општества, најчесто придонесуваат за корупција и екстремизам во Африка. Каква беше реакцијата за овој филм во САД?
Имав неверојатни реакции. Не можам да кажам дека тоа беа ’меинстрим‘ медиуми. Имаше реакции од луѓе како што се Џон Стјуарт, од “The comedy Show“, кој прави измислени комични вести, пародии. На ваков начин тој успешно ги третира и се занимава со многу посериозни теми отколку вистинските новински агенции. Тоа го прави на навистина иновативен начин и многу млади луѓе ги добиваат вестите преку Џон Стјуарт. За овој филм дадов еден тон интервјуа, но најчесто тоа се оние медиуми како Hufflington Post, Hufflington Post Live, MSNBC, кои се либерално насочена кабловска мрежа. Никој од ABC не прави репортажа за филмот, но мислам дека известувањето и информациите за филмот се шират одлично, а тоа се должи на моќта на документарниот филм. Документарците се место каде што луѓето, најмногу тие од САД, ќе се упатат за да научат за разни теми и случувања ширум светот. Од друга страна, стотици цркви во САД потпишаа барање за да се прикаже филмот кај нив или на нивните семинари. Филмот гостуваше на 75 фестивали, самиот јас бев присутен на 30. Кога се прикажуваше на ТВ, имаше рекации од околу милион гледачи, твитерџии, луѓе се собираа да го гледаат во своите домови. Тоа беше едно феноменално искуство и мислам дека филмот помогна да се насочи вниманието кон тоа што се случува во Африка. Бидејќи филмот беше во еден тесен круг за избор на Оскар, постигна дури и повеќе внимание. Ден пред ова интервју ми се јавија од ВВС за интервју, бидејќи претседателот на Уганда е во САД за Самитот на африканските држави, каде што се наоѓаат сите африкански лидери за да се сретнат со Обама.
Главната тема во филмот е погубното влијание и дејствувања на дел од американските проповедници и мисионери во африканските земји и општествата во Африка, поради кое таму се зголеми бројот на заболени од сида (бидејќи проповедаат да не се користи заштита). Насилството врз сексуалните малцинства се користи за прикривање на други проблеми…
Претседателот на Уганда е диктатор којшто со години владее со државата, но сега неговата популарност се намалува и постоеше голема веројатност да ги загуби изборите. Нему му беше потребно нешто што ќе ги поттикне луѓето да гласаат за него. Поради тоа ја искористи ЛГБТ заедницата како жртвено јагне, со цел да добие гласови, за да изгледа дека му се противи на Западот. Тоа беше очаен политички потег што за него испадна многу добар, таму во Уганда. Но жртви на таа политика се луѓето од ЛГБТ заедницата и бидејќи беа искористени како политичко средство, се случија масовни насилства врз групи за линчување. Луѓето почувствуваа дека имаат оправдување да претепаат некого бидејќи е геј, лезбејка или травестит. Таму се случува насилство во име на Бога. Во Уганда донесоа закон со кој се забрануваат сексуалните малцинства, абортусот, по којшто се организираше еден огромен собир, на којшто беа присутни стотици илјадници луѓе, а кој беше насочен против ЛГБТ. Тие го славеа донесувањето на законот на плоштадот каде што непосредно пред тоа ја славеа својата независност од Англија. Таму ја славеа независноста, а тука славеа и победа врз хомосексуалците. Претседателот држи говор, добива поддршка, а потоа се тргнува во потера по припадници на ЛГБТ групите, или по лица за кои постои сомневање дека се можни хомосексуалци, за да ги претепаат или да ги убијат.
Најчесто се користат како мета со цел да се прикријат други поважни работи кои се случуваат во земјата.
Тие луѓе е лесно да бидат демонизирани бидејќи ЛГБТ заедницата е перципирана како немоќна, поради што лесно може да се сврти вниманието на луѓето од вистинските проблеми. Тоа е она што се случува во Уганда. Вистинската тема се проблемите врзани за храна, пари, работа и корупција. Тоа е земја која е прегазена од корупција, многу слично на тоа што се случува и на Балканот. На овој начин го одвлекувате вниманието на луѓето од корупцијата охрабрувајќи ги да малтреираат или дури убиваат други луѓе. Ние ги крадеме парите и другите ресурси, додека вие се занимавате со нешто небитно.
Дали некогаш вие сте бил напаѓан и вознемируван поради темите со кои се занимавате во вашите филмови?
Да, тоа ми се случува често. Дури и конзервативните евангелисти ми праќаат такви пораки. Но, тоа што ме зачуди е дека не добивав такви пораки во толкав обем како што мислев. Мислев ќе има тони и тони пораки со вознемирувачка содржина, луѓе кои би протестирале пред мојата куќа, итн. Сега е сосема мирно. Само понекогаш ќе добијам таков е-маил. Што се однесува на темите на филмовите, неодамна Џоана Вотсон, постарата мисионерка во филмот, која спомна дека ја привлекуваат жени, ми рече дека филмот ја натерал да размисли за себе и за нивната работа во Африка. Филмот ја натерал да размисли за нивната улога таму. Дури и други мисионери ми имаат пријдено за да ми кажат дека филмот ги натерал да размислат повторно за начините на кои ја шират нивната порака. На некој начин, филмот ја постигна целта за која се надевав дека ќе ја погоди.
Каква е ситуацијата сега во Уганда?
Уганда има многу силна заедница на активисти која штотуку го попречи донесувањето на законот на суд. Активистите го тужеа парламентот и го урнаа законот во јули. Не отстапуваат вонивната борба што укажува дека има надеж за таа земја. Тие не само што поведоа борба и победија тука, туку им помагаат и на други активисти ширум Африка во борбата во нивните земји кои донесоа исти закони, како што е Нигерија и некои други. Ова наликува на домино-ефект. На крајот од мојот филм може да се види како ги обучуваат проповедниците да одат на места каде што белците не можат да одат. Тие одат во земји како Етиопија, кај муслиманските заедници за да ги преобратат. Таму се создаваат заедници од проповедници, кои се посветени да останат. Тие се Африканци и имаат право да бидат таму како и секој друг.
Сега работите на два проекти „Traveling While Black“, за начинот и тешкотиите на кој биле изложени црните луѓе кога патувале во периодот пред да се појави движењето за граѓански права во САД и еден филм за аутистично дете „Life, Animated“.
„Traveling While Black“ е мултимедијален проект кој вклучува изложба, игра – играта дава можност да патувате како црнец, каде што треба да патувате од точка А до Б, а притоа тука е полицијата која сака да ве претепа, луѓе кои сакаат да ве линчуваат.
Работиме на многу работи во исто време, но во однос на „Life, Animated“, овој проект е подалеку во реализацијата. Моментално ги интервјуираме старите музичари чиишто искуства ќе ги споиме со искуствата на младите Афроамериканци денес. Денес многумина ги искусуваат истите проблеми како и некогаш. Следна работа е владата, која вели дека во основа повеќе не постои такво нешто како што е приватноста. Можеме да правиме што сакаме и да немаме оправдување за тоа.
Како дојдовте на идеја за „ Life, Animated“?
За приказната првпат слушнав преку книгата на таткото на детето, Саскин. Се работи за неговото аутистично дете по име Овен, кое не можело да зборува, но меморирало многу филмови на Дизни и преку дијалозите од цртаните филмови тоа почнало да ги искажува своите емоции за љубов, тага, среќа, болка. Неговите родители биле принудени да се преоблекуваат во ликови од цртаните филмови за да можат да комуницираат со него преку дијалозите и песните од филмовите. За потребите на филмов, „Дизни“ даде одобрение да се искористат сите нивни филмови, а тој е планиран да биде објавен во 2016.
За време на неделата на македонскиот филм во Пакленица, имавте можност да го видите и филмот за бендот Шутка рома рап. Какви беа вашите впечатоци?
Мислам дека ова е токму тој тип документарни филмови кои би требало да се прават во Македонија. Како што реков порано, намената на документарците е да ви ги отворат очите, да ве известат за нешто што не сте знаеле дека постои и мсилам дека предност на овој документарец е неговиот поглед на светот, којшто не е достапен за повеќето луѓе. Мислам дека тој е фасцинантен не само за Македонците, туку и за луѓето од САД како мене. За филмот мислам дека е прекрасен, забавен и смешен, и прикажува нешта кои луѓето не знаеле дека постојат. Мислам дека овој филм би требало да патува по фестивалите ширум светот и сигурен сум дека луѓето ќе го засакаат.
Кога станува збор пак, за темите поврзана со човековите права, правата на Ромите е една голема тема ширум светот. Во САД постои една голема хуманитарна организација која неодамна ангажираше еден познат активист за правата на Ромите. Таа доби високо признание поради нејзините активности поврзани со овој проблем. Тука имаме една заедница која е толку маргинализирана. Дури и во САД на Ромите гледаат со предрасуди. Кај нас гледаме многу документарни филмови за маргинализираните заедници, како што се гетата на црнците, латиносите и индијанците. Многу е важно што вие ги правите овие филмови и што талентот на овие луѓе станува поевидентен и со тоа целиот свет ќе може да ужива во нивниот талент.
Ненад Георгиевски