Водич низ СКОПЈЕ

Новогодишната елка и Александар демек Велики

Пишува Влатко Секуловски

Дојде Стара-Нова Година, односно Нова-Нова Година по јулијанскиот календар кој го користат некои православни цркви и време е за собирање на новогодишната елка. Сепак, украсувањето на елка во голем број европски земји и традиции е поврзано со Божик, дури и во самото име на поимот, но на македонски тоа се поврзува со нова година. Од кога, како и зошто елката на македонски е новогодишна? Дали тоа е некој случаен процес или е случај на идеолошка индоктринација? Ако претпоставиме дека е второто, како таа индоктринација би ја споредиле со александроманијата од пред неколку години.

Не можам да најдам слики од дедовците и бабите како стојат до украсени елки, едноставно такво нешто не постоело, всушност не можам да најдам слики ни од детството на моите родители како стојат до украсена елка или пак како добиваат подароци од Дедо Мраз. Затоа пак од моето детство имам многу такви слики. Голем предизвик е да се открие кога точно и зошто почнале да се украсуваат елки во Македонија.

Пред некој ден налетав на превод на волонтери на Фејсбук и се потсетив дека она што всушност на англиски е „божиќна елка“ на македонски се преведува како „новогодишна елка“. Потоа отидов до компјутерскиот преведувач на Гугл кој е синоним за буквален превод, но и таму е исто. Всушност и на германски е божиќно дрво, односно Weihnachtsbaum. Како и кога елката станала новогодишна? Недостатокот од време и волја за истражување на темата „новогодишна елка“ во понатамошниот текст ќе мора да го компензира со претпоставки и шпекулации.

 

Украсувањето на елки се совпаѓа со времето на социјализмот во Југославија, па првиот сомнеж е паѓа на одредена културна политика водена од идеолошки побуди. Сепак не можам да најдам примери како во Југославија е украсена најголемата и најскапа елка за индоктринацијата да помине успешно. Ниту пак некој говор од „Другарот Тито“ како вели дека од сега па натаму нема да се украсува елка за Божик, туку треба да се украсува за нова година, а оние кои нема да се придржуваат се „предавници“. Она што е евидентно е дека можната кампања била суптилна и успешно прифатена, не познавам некој што не украсува елка за Божик, а не за нова година. Замислувам како можеби зад спикерот на вести стои елка или серија со познатите актери во која, неважно од тематиката на самата серија еден од актерите вели нешто како – колку убава „новогодишна“ елка имате!… Колку пари потрошени и кои начини се користени за индоктринација со „новогодишната“ елка можеби и не е запишано. Како таа југословенска, комунистичка културна политика би се споредила со македонската културна александроманија по успешност.

Најпрво, дали имаше повеќе простор во нашето колективно сеќавање за Александар трети, верувам дека одговорот е – Да, тој несомнено бил дел од културата н овие простори. Култура која има остатоци во Пела-Грција, Искендерум-Турција, Александрија-Египет. Дали тоа значи дека државата може да заземе став за тоа дали тој бил позитивен или негативен лик во историјата имајќи предвид дека тој приграбувал туѓа територија со убивање. Иако монарх, Александар има место во учебник по Граѓанско образование во рубриката „Научи повеќе“[1]. Во учебник по Општество (слика подолу) пак стои – Тогаш Македонија се издигнала во моќна светска сила – „Господарка на светот“[2]. Тоа се тие двојни стандарди, кога ние освојуваме не е ропство, ропство е ако нас не освојуваат.

Дали државата може да го одреди неговото значење во колективното сеќавање и да толерира говор на омраза кон оние што тоа не го прифаќаат?

Друг момент што неизбежно мора да се спомне во овој контекст е секако најголемиот споменик од проектот Скопје 2014. Споменик кој вреди 8 милиони евра[3], од кои авторката Валентина Стефановска добила 1.5 милиони[4] евра хонорар. Да претпоставиме дека една плата на универзитетски професор е 1000 евра, за една година би бил 12.000 евра, за 40 години професорски работен стаж би биле пола милион евра. Отприлика 120 години работа на универзитетски професор колку 1 хонорар на Стефановска.  Дали ова мириса на корупција? Верувам дека има голема разлика да се изгради нешто чисто материјално како на пример мост или автопат и да се очекува аплауз за себе и за својата партија, а сосема друго е со големи материјални зафати да се дефинира или редефинира нематеријалното, поимот за „јас“ и „ние“.

Што може да се заклучи ако се споредат овие два проекти за идеолошка индоктринација. Од една страна е југословенскиот со „новогодишната“ елка, суптилен и без видлив материјален влог. Најдобар доказ за професионалноста на сработеното е што е прифатен до ниво на народна традиција, трае речиси 30 години по падот на комунизмот и помина под радарот на Скопје 2014. Од друга страна начинот на кој Александар III беше внесен на голема врата во колективниот дискурс е наметлив, со огромен споменик; едностран, дозволено е претставување само во позитивно светло; коруптивен, со смешно високи суми за хонорар. Оттука не изненадува што наместо нишка на обединување тој е камен на сопнување и извор на поделби.

[1] http://e-ucebnici.mon.gov.mk/pdf/Gragjansko_8_mak.pdf

[2] http://e-ucebnici.mon.gov.mk/pdf/Opstestvo_5_mak.pdf

[3] http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/mk/Voin-na-konj

[4] http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/mk/rezultati/izv=035

Коментари