Водич низ СКОПЈЕ

НОРША – Изданија кои се обидуваат да го променат светот

НОРША ИЗДАВАШТВО е основана од искусните преведувачи Марија Георгиевска Ристовска и Драган Георгиевски кои одлучија да отворат сопствена издавачка куќа заради зачувување на стандардите на преведувачката фела, вреднување на трудот на преведувачите со истакнување на нивното име заедно со името на авторот, како и промоција на изданија кои се обидуваат да го променат светот.

Настојуваме да го поттикнеме критичкото размислување на нашите читатели и тоа да бараат литература што отстапува од секојдневното четиво, како и да читаат на странски јазици и дела што не се достапни на нашиот пазар.

Сакаме иновации и постојани промени, затоа и нашите печатени изданија ги креираме по наш терк, со нестандардно компјутерско уредување и необични фонтови и уметнички слики.

Издавачката куќа досега го издаде илустрираното дело Тивко врескај, братче кое навлегува во животот на семејствата на лица со аутизам, тема што ретко се обработува во белетристичката литература и има за цел не само да забавува туку и да информира и дефинитивно да отвори нови видици и поголемо разбирање за ваквите семејства. Ние како луѓе сакаме да дознаваме необични, несекојдневни случки, но мораме да сфатиме дека нашето општество треба да оди напред со сите негови проблеми и деформитети и дека кога нешто лошо се случува некаде околу нас, не смееме да го игнорираме како тоа да не ни се случува нам, туку таму некаде далеку.

Низ призмата на мрачните приказни кои ве водат во неистражените делови на Азија и Африка се обидуваме да проникнеме во исконските појави на човештвото кои и покрај цивилизациските достигнувања остануваат исти или се влошуваат. Заради тоа се одлучивме за аргентинскиот писател Роберто Арлт и за книгата за која специјално го исковавме зборот Горилочувар, за љубителите на авантурата и на егзотичниот начин на живот. Човек ако сака да го прифати другиот со сите негови доблести и маани, тогаш треба да се прифати прво себеси. А кога ќе видиме што сè е створено на оваа планета, тогаш гледаме дека сите заедно функционираме како совршен круг и дека ако една алка се откине, тогаш синџирот потешко заздравува.

Во детективската литература покрај познатите имиња на Артур Конан Дојл, Агата Кристи, Г.К. Честертон, Жорж Сименон се обидуваме на македонската публика да ѝ претставиме современи автори кои не ѝ се толку познати, но мајсторски го водат читателот низ таинствените предели на чешките шуми. Заради тоа сосема логично ни се совпадна авторот Даниел Петр кој вистинскиот случај на Сестра Смрт го преточува во извонредна детективска сторија со отворен крај. Животот не секогаш ги пишува најдобрите романи, па заради тоа на светот сè уште му се потребни вдахновените пишувачи на фантастиката.

Во време на затворени граници, не сакавме нашите читатели да се чувствуваат беспомошно, па им понудивме едно поинакво патување во далечната Грузија и ги оставивме да вкусат како е да се биде во капелата на аеродромската зграда во Варшава додека го чекаат нивното прекачување на дестинација Прага-Тбилиси. Затоа што романот Ракија од авторот Матеј Хоржава беше издаден во превод на нашиот преведувач, од агенцијата што го застапува добивме понуда да го издадеме и следното негово интересно дело Прекачување.

Во подготовка се и изданија на преводи од јазици што досега не биле издадени во НОРША со нова тематика и поттик за размислување на друго ниво. За оние поромантичните и љубителите на поезијата следуваат преводи на современи автори од еден наш еминентен писател и преведувач…

НОРША ИЗДАВАШТВО

 

Коментари