Водич низ СКОПЈЕ

Неспособноста ќе ја платиме со името

Замислете…

Ако ги трошевме народните пари за реконструкција на болниците, училиштата, тротоарите, улиците..

Ако ни беше приоритет доброто јавно здравство, па да ги исчистевме и опремевме болниците..

Ако не газевме кал по болниците..

Ако имавме добро образование, опремени училишта, со исчистени клозети, со завеси на сите прозорци, кои би се купиле без донации од родители..

Ако имавме добри учебници, достоинствена плата за професорите и учителите, со проверен учителски и професорски кадар, а не напикан по партиска и родниска линија..

Ако имавме непартиско, непристрасно и професионално судство, да сакавме да избереме судии кои ќе судат според закон, а не според партија.

Ако овозможевме граѓаните кога ќе излезат од домовите, да заминат на работа, а нивните деца на училиште, по чиста улица, среден тротоар и зеленило..

Ако ги закрпевме улиците, направевме патишта.

Ако наместо споменици градевме мостови, пречистителни станици..

Ако имавме стручна а не партиска администрација..

Ако не дозволувавме на црвено светло на семафор секогаш да поминуваатт уште три четири коли…

Ако го почитувавме правото на животна средина на граѓаните, ако немавме кафеани и ресторани под секоја зграда чии камиони ги уништуваат тротоарите и зеленилото и тоа пред очите на инспекторите, полицијата.

Ако не дозволувавме кафетериите, рестораните да ја заграбуваат јавната површина со амин на државата и инспекциите кои се платени да ги штитат интересите на граѓаните.

Ако не ни беше приоритет доброто на кладилниците и казината кои ги има на влез од секоја втора зграда, туку образованието, здравството..

Ако меѓу стотици казина и илјадници кладилници имавме барем една нова библиотека.

Ако сакавме да ги натераме да си ја работат работата оние кои ги плаќаме да работат во интерес на граѓаните.

Ако знаевме да направиме шахта, рамна со асфалтот.

Тогаш немаше потреба да плаќаме со името. Или барем не толку скапо.

Но, неспособноста да направиме систем кој на површина ќе ги исфрла способните, работливите и чесните е наша грешка, не е на Грција, ниту на Европската унија. Тоа е исто како некој коцкар, кој не знае кога да запре и става се поголем влог за да излезе од калта, а наместо тоа тоне. И продава се што има и негово и она што не е негово…

*Идејата не е дека не треба да се направи компромис со Грција. Компромис ќе мора да се направи, но да биде достоинствен компромис за да го решиме ова прашање на нашиот пат кон иднината. А, не како сега да бидеме во позиција или име, или распад на држава.

 

Коментари