Во прегратките на питомата Беласица и студениот Огражден, струмичкиот крај на тромеѓето на Македонија, Грција и Бугарија, е изобилие од богатства. Богат со историја, недопрена природа, кристално бистра изворска вода, колоритен карневал, румен домат и наделеку прочуената пиперка, куртова капија, од која се прави вкусниот македонски ајвар. Од Требичино кое е репрезент на селскиот туризам, преку Колешино во кое има 18 различни религии до Смолари кое ги чува најраскошните македонски водопади, со овој регион секогаш владеел позитивен немирен дух. На патот до Струмица, од двете страни на коловозот, пластеници во кои вредно се одгледува извонредeн струмички зеленчук. Поглед од врвот на престолнината на овој регион нуди море од земјоделски фолии кои неуморно играат со одјсајот од срамежливото есенско сонце. Нетипична раздвиженост го краси овој дел од Македонија. Крајот кој одамна е под ореолот што плете многу драмски заплети.

Мис Стон, Катерина и Елена Цилка
Приказната за грабнувањето на американската протестантска мисионерка, Елен М. Стон, започнала во летото 1901 година. Првото модерно киднапирање во светот или како што многумина го нарекуваат, одекот на македонскиот пет вековен крик, е навидум еден историски прецизен и јасен драмски заплет.
Американската протестантска црква која делувала во Солун, се подготвувала да го испрати признатиот доктор Хаус во Банско со цел да ја прошири својата мисија. И токму тогаш, по неколку неуспешни обиди за грабнување на други големци, револуционерниот водач на Македонците, Јане Сандански, намислува да го зароби Хаус со тоа што со помош на месни протестанти од Банско ќе го намами мисионерот на свој терен. Една од верзиите на приказната понатаму вели дека Хаус се откажал од патувањето, а неговото место го зазела Мис Стон која токму во тоа време пристигнала во Солун. Според другата верзија пак, Сандански дознал дека во Разлошко престојува извесна Елен Стон, протестантски мисионер и жител на Соединетите Американски Држави, поради што се одлучил за промена на планот за грабнување на доктор Хаус.
Историјата натаму забележала дека акцијата била изведена на 3 септември во доцните часови, а грабнувачите биле маскирани како турски аскер. Неколку дена подоцна на Елен Стон и на нејзината придружнича, Катерина Цилка, која била протестантка по вера, им било објаснето дека нивните нови домаќини се борци за слободна Македонија.
Веста за киднапирањето се расчула многу брзо и светскиот печат со месеци се занимавал со сензационалното грабнување во Македонија, дотогаш непозната и сметана за дел од Османлиската империја. Деликатната состојба на придружбата на Елен Стон, Катерина Цилка, која била бремена и се породила за време на заложничката драма, донела дополнителен товар на приказната. Но, односот на комитските војводи кон новоредената Елена, особено односот на Јане Сандански, бил можеби клучната пресвртница во перцепцијата на мисионерката и нејзината придружничка за македонските борци за слобода. Елен Стон ја сфатила и поддржала борбата на комитите и на Организацијата за слобода на својот народ и потребата да се слушне за македонското прашање преку сензационалното грабнување на американската државјанка.
Преговорите за откуп се воделе со месеци. Комитите за слободата на двете жени барале 25 илјади лири, тогашни 100 илјади долари. Но, поради силната потерата по „бандитите“, биле приморани да ја намалат висината на откупот на 14.500 лири. По многу перипетии, приказната завршува со исплаќање на бараната сума на 20 јануари 1902 година во регионот на Банско, а жените се ослободени на 10 февруари истата година во близина на село Василево, струмичко.
АТАНАС ЦОНЕВ – БРАДАТА И НЕРАСКАЖАНАТА ПРИКАЗНА ЗА МИС СТОН
И, како што обично бива, таму каде што завршува една, започнува друга приказна. Другата страна на медалот, позната на малкумина, како што вели месното население, се случува во струмичко Василево. Оваа мирна рурална општина, населена од преку 12 илјади жители, повеќе од 110 години грижливо и гордо ја чува тајната за приказната за последните денови од заложништвото на Мис Стон и за нејзиниот чувар, Атанас Цонев – Брадата од село Нивичино и неговата улога во грабнувањето.

Атанас Цонев, сопственик на мотелот Мис Стон и правнук на Атанас Цонев – Брадата
– Вистина е дека нема многу пишани документи за овој дел од приказната за грабнувањето на Мис Стон, раскажува Георги Цонев, правнук на огражденскиот револуцинерен водач, Атанас Цонев – „Брадата“ меѓу народот познат и како Нивичански. Прадедо ми по наредба од Јане Сандански бил задолжен да не им фали влакно на заробеничките. Тој раскажува и дека никој во Нивичино не знаел оти токму таму, во куќата на Атанас Цонев, изградена од камен, се крие жената за која зборува целиот свет.
Односот кон Мис Стон бил беспрекорен, а тоа и самата заробеничка подоцна го потврдила во своите мемоари и со основањето на фондација за помош на македонскиот народ. Била цврста и самостојна жена, но исто така била и разбрана и прилагодлива. Комитите ја хранеле со качамак, кисело млеко, кајмак, леб од фурна или под вршник и со ориз. Кога била донесена во Нивичино, с’е било полесно оти веќе била опуштена и верувала во револуцинерната борба – емотивно ја продолжува приказната Цонев.
– Потврда на ова доаѓа и од еден ракопис на Мис Стон на кој е напишана молитва за македонскиот народ, веднаш откако била пуштена во Струмица. Кога „Брадата“ ја предал на тамошните власти, разделбата била доста емотивна. Длабоко верувам во вистината на оваа приказна која целиот свој живот ми ја раскажуваше татко ми Никола Митков, тврди Цонев.
СЛУЧАЈОТ „МИС СТОН“ Е ПОЧЕТОК НА АМЕРИКАНСКО – МАКЕДОНСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВО
Интересно е што до пред случајот „Мис Стон“, комитите биле третирани од страна на Америка како терористи, а од тој момент натаму и споделувањето на искуствата на Мис Стон со светот, датира американско-македонското пријателство – смета Атанас Цонев, правнук на Атанас „Брадата“ и сопственик на мотел во општина Василево кој го носи името на мисионерката.
Тој раскажува дека комитите за слободата на Елен Стон барале 25 илјади златници, колку што им биле потребни за набавка на оружје од Америка. Според него, фондот за слобода на мисионерката бил далеку поголем околу 70 илјади златници но, комитите одбиле да ја земат целата собрана сума.
Со 25-те илјади се купени пушки винчестерки и пиштоли колтови кои подоцна се употребени во Илинденското востание. Приказната натаму вели дека, со остатокот од собраната сума за откупот, Американците во јужниот дел на Солун изградиле бараки за бездомници и населбата ја нарекле Мис Стон. За овој настан за жал немам потврда – го завршува своето раскажување наследникот на славното име и презиме на „Брадата“.
По завршување на сагата Мис Стон амбициозно се заложува за македонското прашање. Таа дури и пишува книга која за жал никогаш не ја здогледала светлоста на денот. Непосредно пре печатењето, целиот материјал изгорел во пожар во американскиот град Челзи. Родниот град на мисионерката во кој и починала во 1927 година, а до неодамна не и се знаеше гробот.
Струмица е дестинација која ниту еден хедонист не смее да ja пропушти. Градот на жените, лудите забави и расадник на историјата е познат по топлото добредојде за сите свои гости. Случајни или намерни.
А утрата во Василево. Тие се посебно доживување. Независно од временското доба, воздухот изобилува од помешани мириси на домати, пиперки, свежа зелка и бостан. Василевци се вредни и горди луѓе. Земјоделци повеќето но, ги има и сточари. Живеат со верба во подобро утре како и нивните предци пред повеќе од еден век. Општина Василево е главната порта на далеку прочуениот и племенит струмички регион. Од Добрашинци на влезот до Пиперево на излезот, 18 населени места со децении го негуваат кроткиот и питом струмички дух.
Нивичино е одамна заминато во историјата. И куќата на Атанас Цонев – Брадата низ времето е раскрчмена од дивокрадци. Централниот магацин за оружје на славното ВМРО никој повеќе не знае дали постои. На неговото место само трева, бршлен и булки. Останата е само трошната црква Свети Илија. Да сведочи за големите дела на непокорливиот македонски народ и неговите идеали за слобода. И за една поинаква приказна за Мис Стон. Која досега не беше раскажана.
Горан Игиќ
фото: Галина Страчкова