Планините Арарат, Олимп и Кораб се национални обележја. Тоа што е Арарат за Турција, е Кораб за Македонија. Но не само на еден, туку на дури седум начини. Толку сличности успеавме да пронајдеме меѓу овие две планини. Ако се сетите на уште некоја, дополнете ја нашата листа.
– Највисоки врвови. Ова е најочигледната сличност. Со 5.137 метри надморска височина на врвот, Арарат е највисоката планина во Турција, а Кораб, издигнувајќи се 2.764 метри над морското ниво, е највисоката планина во Македонија.
– Големина на масивот. Планината Кораб се протега околу 40 километри од север кон југ. Почнува каде што завршува Шар Планина и продолжува кон реката Црн Дрим. Арарат, пак, е вулканска планина, поради што, гледана одозгора, има форма на круг, а дијаметарот и е околу 40 километри.
– Мал и голем врв. Арарат ги има врвовите Голем Арарат (5.137 метри) и Мал Арарат (3.896 метри), со простор како порта меѓу нив. На Кораб можат да се најдат Голем Кораб (2.764 метри) и Мал Кораб (2.683 метри), а ги има и Голема и Мала корабска врата, како планински премини.
– Меѓународен карактер (погранична зона). Голем Кораб не е само највисок врв на Македонија, туку и на Албанија. Највисоката точка се наоѓа на самата граница меѓу двете држави, дури има и граничен камен на неа. И Арарат е во погранична зона. Иако двата врва и најголемиот дел од масивот се наоѓаат на турска територија, подножјето зафаќа и делови од Иран, Азербејџан и од Ерменија. Снежниот врв добро се гледа од сите четири држави, а е исто така дел од нивните култури и традиции.
– Ограничено движење. Бидејќи се во погранични подрачја, ниту на Кораб, ниту на Арарат не може да се искачува слободно. Традиционално, неколку илјади планинари го освојуваат Голем Кораб по повод 8 Септември, денот на независноста на Македонија, а манифестацијата се одржува последната недела пред празникот. За други организирани искачувања треба да се контактираат пограничните власти на Македонија. Од албанската страна нема ограничувања, но пристапот оттаму е многу потежок. И за искачувањето на Арарат е потребна претходна најава и задолжително ангажирање овластен турски водич. Процедурата може да трае и два месеца. Сезоната на искачување е од јуни до септември.
– Лесно искачување. На канцелариски работник што, освен пешачењето од бирото до кафематот и назад, немал речиси никаква физичка активност цела година, ќе му требаат околу шест часа да стигне од караулата Стрезимир (местото до каде што може да се дојде со автомобил) до врвот на Кораб. Најдобрите се фалат дека го поминувале тој пат за два часа, и тоа бидејќи внимавале да не се уморат. Арарат, сепак, не е шега. Таму маршот трае околу четири дена, со спиење во шатори на планината. Но и на едната и на другата планина можат да се искачат и неискусни планинари, не се потребни некои посебни качувачки вештини. Се` што треба е добра физичка кондиција, но и подготвеност да ја издржите честата промена на годишните времиња (од летни во зимски услови и обратно) која веројатно ќе ве снајде на Кораб, а на Арарат гарантирано.
– Митот за Ное. Сите ја знаеме приказната за Ное. Бидејќи луѓето станале грешници, Бог решил да ја потопи земјата. Но Ное изградил брод за да се спаси, и во него внел по еден пар од секој животински вид, од инсекти до големи ѕверови, машко и женско. По долгата пловидба, застанал на планината Арарат. Таа била доволно висока за да остане над водата кога целата Земја била потопена. И планината Кораб го има добиено името според истата легенда, а и зборот кораб значи брод. Ова е најтесната врска меѓу двете планини. Толку импресивно им изгледале со својата висина на народите од минатото, што ги поврзале со библиски приказни.
Олимп, пак, е посебна приказна. Не е во погранична зона и за искачување на него не се потребни никакви формални дозволи, освен што не е препорачливо тоа да се прави зиме. Исто така, неговиот масив се протега на околу 80 километри, колку Кораб и Арарат заедно. Но дали оваа планина е целосно посебна приказна? Не. Тука разликите завршуваат, а сличностите почнуваат.
– И Олимп, како и другите две, е највисока планина на својата држава, Грција во случајов, с о2.917 метри надморска височина. Кај него височината е и буквално надморска, се издига директно од Егејско Море и неговите врвови се гледаат од плажите во Лептокарија и во околните места.
– Исто така, и покривот на грчката највисока планина е составен од два врва, Сколио (2.911 метри) и Митикас (2.917 метри). До повисокиот се пристапува преку понискиот. Инаку вкупно има 52 врвови.
– Планинарите и на Олимп можат да се искачат пеш, без никаква дополнителна опрема, само со голема желба и добра физичка подготвеност. Само последните метри од Митикас се класифицирани како за техничко искачување, но познато е дека и аматери успеваат да го освојат овој врв. Може да се отиде до горе и назад и за еден ден, иако многумина планинари преспиваат во планинарски дом, на над 2.000 метри височина.
– Насекаде во светот високите планини предизвикувале восхит, околу нив се граделе митови дека се дом на богови или на супериорни суштества. А има ли попозната таква митологија во светот од грчката, со 12-те богови на Олимп, со Зевс и Хера, потоа Аполон, Атена, Деметра, Посејдон, Дионис, потоа Афродита, Хермес, Хестија, Хефест, Артемида, Арес… Арарат и Кораб го имаат Ное, но Олимп е можеби најмитската планина на светот.
Гоце Трпковски