Водич низ СКОПЈЕ

На здравје, ба!

EN

Јас не пијам кафе, но нескромно, важам за добар кафе кувар, особено  за “турско” кафе. Но, овде во Сараево сите денот го започнуваат со “босанско” кафе. Во основа “турско” кафе, на кое од како ќе е готово, му се додава топла вода до врв на ѓезвето. Се вари најчесто во бакарно ѓезве. После моето првото кафе, после подолг период, денот веќе можеше да почне. Сонцетo беше со мене овие неколку дена додека бев во Сараево…

Се спуштивме со мојот домакин и пријател Нихад, до Башчаршија да го пробам најубавиот бурек кој сум го пробал, но се изненадив од значењето на зборот бурек овде. Овде бурек е само со месо, се’ останато е пита: сирница(ако е со сирење), зељаница(ако е со спанаќ)…Но, бурек? Тој е исклучиво само со месо. Бурекот(питите)  се продаваат на мерење и морам повторно да признаам дека поубав немам пробано. Јас едвај изедов 300 грама додека мојот домаќин се сеќава на неговиот рекорд од 1 килограм бурек.

Уште едно нешто кое мора да го пробате во Сараево, покрај оние препознатливите гастрономски белези се апетисаните од Бадем бутик. Тоа е мало царство на вкусови: од чоколадирани бадеми, лешници, леблебии со различни чоколадни вкусови до традиционалниот босански локум. Апетисаните задолжително!

Сарајлиите важат за луѓе кои пијат многу кафе, а и Сараево може да се пофали и со голем број на кафетерии, кафе барови…Она што мене ми остави посебен впечаток беа, барем јас така ги нареков “тематски” кафе барови. Во Башчаршија пиев салеп во Куќата на севдахот (Kuca sevdaha) каде што се наоѓа и мал музеј за севдах, а на влезот ќе ве пречекаат звуците на севдалинката или како што милуваат да ја нарекуваат “босански блуз”.

Инвентивноста и доследноста на идејата до крај е она што најмногу ме инпресионираше кај ваквите сараевски локали. Најпрепознатливите веќе се наоѓаат на туристичката агенда на оние кои во огромен број го посетуваат Сараево. Ќе сретнете на пример кафе бар на кој целиот ентериер му е со старини. Пиете кафе и патувате низ времето. Се внимава на секој детал во ваквите кафе барови.

Или пак во Башчаршија може да пиете кафе или чај  во “Мирисот на дуњата”(Miris dunje) каде што ќе ве обземе мирисот на дуњите кои ги има на секоја маса.

Еден локал е интерсен за сите оние туристи од поранешна Југославија, но и за странците кои го знаат Јосип Броз Тито. Се наоѓа на задната страна на Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, поранешен Музеј на револуцијата. Темата во овој кафе клуб е Тито. Се’ е во знакот на Маршалот.

Во дворот или поточно во летната бавча се изложени воени експонати од времето на Тито: џипови, тенкови, хаубици…Сите од различно потекло. Имало дури и хеликоптер, но од него денес е останата само елисата. Го украле за старо железо.

Ентериерот е исто така специфичен. Тука можете да најдете оригинални фотографии од Tито, оружје од Втората Светска војна, писма на Тито и цела иконографија препознатлива за тоа време. Внимавано е на сите детали, па дури и рефлекторите над главниот шанк се направени од гермаски шлемови.

Дојде време за ручек. Моето прво доаѓање во Сараево значеше и прво вкусување на сараевските “чевапи”. Туристите и оние не упатените најчесто јадат ”чевапи” во  “Kaj Жељо”во Башчаршија, но вистински сарајлија како што е мојот домаќин ќе ве однесе во “Мрква”, пак во Башчаршија.

Верувам дека ова беше вистинскиот избор. Ќебапите беа вкусни, се јадат најчесто со кромид. Сараевско пиво-задолжително. Има една анегдота што се раскажува во Сараево за оваа ќебапчилница, имено, кога го отвориле првиот Mc Donald’s ресторан во Сараево, на свеченото отварање оваа ќебапчилница испратила 200 ќебапи – добредојде на Mc Donald’s.

После првото “Сараевско“, беше вистинско време за уште едно. “Рок театар” беше мојата база за време на овој престој во Сараево. Тоа е кафе бар во кој се слуша рок музика, на sидовите има фотографии од бендови, оригинални плочи со посвети, автограми од музичари, бендови.

Еден цел sид е посветен на сараевската рок сцена, која беше една од нај популарните во екс Југославија. Тука ќе видите фотографии и автограми на популарните сараевски бендови и музичари: Забрањено пушење, Бјело дугме, Индекси, Тифа, Бомбај штампа, Здравко Чолиќ…

Има и посебен sид посветен на екс- ју рок сцената, како и дел кој е посветен на светската рок сцена.

Го запознав Јасмин, сопственикот на “Рок театар”, човек кој го брендирал секое делче во овој времеплов. Инаку, во муабет со него дознав дека многу ја сака Македонија и прекрасни спомени го врзуваат за Скопје каде што отслужил воен рок во осумдесетите години од минатиот век.

Додека во позадина свиреше “Сараево” од ЕКВ, со “Сараевско“ ви наздравувам и ве поканувам да го посетите Сараево и да ги пуштите ушите да чујат уште овој пат, да ги пуштите очите да видат уште овој пат….Следен сигурно ќе има. Тоа ви го ветува Сараево.

На здравје, ба!

Јордан Дуков

Коментари