Грција во Бразил го имаше својот најдобар настап на светските фудбалски првенства досега. Грчкиот тим за првпат ја помина групната фаза и стигна до осминафиналето, но неговиот прогрес го запре Костарика, која беше апсолутен хит на глобалниот фудбалски собир. Грција секако може да се пофали дека беше најуспешна балканска екипа во Бразил (Хрватска и Босна и Херцеговина не ја поминаа првата фаза, а ниедна друга земја не се квалификува). Но Турција и Македонија, пак, можат да се пофалат дека, барем делумно, стигнаа до светската шампионска титула во фудбал.
Во германскиот национален тим што на крајот од првенството го подигна пехарот беа Месут Озил и Шкодран Мустафи. Двајцата млади фудбалери (Озил има 25 години, а Мустафи 22) се родени во Германија. Но семејството на Озил влече потекло од турскиот град Деврек, а на Мустафи од околината на македонскиот град Гостивар. Така, преку своите „амбасадори“ во Германија, Деврек и Гостивар станаа шампионски градови.
Месут Озил, кој денес игра за Арсенал, го посети Деврек и селото Хисериоглу каде што денес живее неговиот чичко Џеват Озил во 2010 година, кога го потпиша договорот со неговиот претходен клуб, Реал Мадрид. Тука се сретнал со сите пријатели и роднини, како и со челниците на општината. Новинарите го прашале како си поминувал во селото кога не бил фудбалска ѕвезда, а тој им одговорил дека и порано го посетувал селото, кога бил дете, и дека заедно со другарите играле фудбал на мали игралишта, оделе во кафеана, пиеле чај итн.
Тогаш купил шест бастуни од Деврек, кои се светски познат производ. Им ги подарил на претседателот на Реал Мадрид, на тогашниот тренер Жозе Мурињо, како и на соиграчите Роналдо, Кака, Хамит и Нури. Тој е многу значајна личност за оваа мала општина.
Шкодран Мустафи е играч на Сампдорија. Неговиот татко е од селото Србиново, кое што, како и целата општина Гостивар, летово живееше и дишеше за фудбалот. Мустафи, иако беше резервен играч, сепак имаше три настапи кои ги израдуваа жителите. На повеќе места во општината имаше видео-бимови за масовно да се следат натпреварите и да се навива за локалниот херој.
Мустафи, исто како и Озил, редовно го посетувал родниот крај на неговото семејство. Допатува и оваа година, како светски шампион, и неговото присуство предизвикува огромно внимание во целиот крај.
Што е карактеристично за Деврек и за Гостивар?
Деврек се наоѓа во северозападниот дел од Турција, близу Црно Море. Градот има околу 25 илјади жители, а општината околу 55 илјади, со што ова е релативно мало место за турски стандарди. Но изобилува со убавини. Од сите страни е опкружен со планини, а низ него поминува еден поток. Најголемите шуми во Турција може да се најдат во околината на ова симпатично гратче. Во негова близина, на оддалеченост од околу 45 километри, е и националниот парк „Седум езера“, кој се смета за чудо на Земјата и е многу значаен за регионалниот туризам.
Во шумите Акчасу се наоѓа и познатото излетничко место Бостандузу. Најпознат производ на Деврек е споменатиот бастун. Производството на бастуни има традиција од околу 200 години, и иако на почетокот тие се користеле за потпирање, со времето добиваат уметнички идентитет. Секоја година, во третата недела од јули, се одржува „Бастунскиот културен фестивал“. Интересни точки во околината се кралската гробница во селото Пинарону, како и боровото дрво на патот кон селото Сабунлар, кое 75 години воопшто не расте.
Гостивар е во северозападниот дел на Македонија. Градот има околу 36 илјади жители, а општината околу 80 илјади, со што тој е само малку поголем од Деврек. Но за македонски услови, тоа е голем град. Тој е исто така опкружен со планини и со природни убавини. На само шест километри оттаму се наоѓа Вруток, изворот на реката Вардар, која е најголема во Македонија. Вардар поминува и низ градот и покрај него има уреден кеј и шеталиште. Бидејќи е на самиот почеток од својот тек, реката тука не е многу поголема од потокот што поминува низ Деврек. Познато обележје на градот е неговата саат-кула, стара околу три века.
На 25 километри од Гостивар е националниот парк „Маврово“ со Мавровско Езеро, една од најживописните вештачки акумулации во земјата. Заедно со скијачкиот центар во Маврово, тие се многу важни за туризмот во регионот.
Деврек и Гостивар ги поврзува уште едно нешто. Никогаш во историјата, ниту еден фудбалски клуб од Деврек или од Гостивар не станал шампион на својата земја (на Турција, односно на Македонија). Тие го прескокнаа тој чекор и директно ја освоија светската титула во фудбал.
Гоце Трпковски/Хусамедин Гина