Водич низ СКОПЈЕ

На српска слава во Косово

TR GR EN

Српските слави се легендарни. По нив се пишувале песни, за нив се снимале филмови.sprska slava kosovo1

Според православната христијанска традиција на овие простори, православните семејства си избираат светец како заштитник на домот, и денот на тој светец се прославува со семејството, роднините и пријателите. Тоа секогаш значи многу јадење и пиење, а во српските семејства и многу видови месо, повеќе видови домашна ракија од разни овошја итн. Чашите никогаш не се испразнуваат без домаќинот да ги дополни, а чиниите не можат да станат ни полупразни.

srska slava kosovo2На Света Петка бевме кај српското семејство Сталетовиќ во Брезовица, на Косово. Тие беа наши домаќини, ова беше нивната домашна слава. Како си поминавме? Ни се потврдија сите стереотипи за српските слави, па заклучокот може сам да се изведе. Убаво беше да се види таква позитивна атмосфера во Косово, место од каде што веќе петнаесетина години не доаѓаат многу пријатни вести. Овде немаше непријатности, само луѓе што барем тој ден и тој миг уживаа во животот.

Но тешко е приказните од Косово да останат позитивни до крајот. Брезовица, која се наоѓа на северните падини од Шар Планина, е еден заборавен скијачки центар. Има и жичници и ски-лифтови, но работи без полн капацитет, а и онака до неа тешко се стигнува по тесниот и недоволно одржуван пат. Локалните жители велат дека кога ќе падне многу снег е супер за скијање, но ако патот не се расчисти, никој нема да дојде. Ски-центарот е се` уште во државна сопственост, работи со тоа што го има и одвај се одржува. Поради познатите политички недоразбирања, властите во Приштина и во Белград не можеле да се договорат кој треба да најде инвеститори и да го приватизира, за повторно да се наполни со туристи и да му се врати стариот дух и шарм.

srpska slava kosovo planina4

Брезовица е едноставно прекрасна, особено наесен. Сите тие бои како да не се вистински, како да му дале четка на дете од основно училиште и да му рекле да ја нацрта есента. Дворот од црквата „Свети Стефан“, високо на ридот над Брезовица, е најдобриот видиковец. Врвовите блескаат под ниското сонце, некои од нив веќе уловиле малку снег, а под нив шумите ги шараат падините. srpska slava kosovo manastir8

Подолу, пак, е самото село. Заспано под Шар Планина. Огромниот хотел „Нарцис“ се уште доминира во средината. Не го носи името залудно. Брезовица е доволно убава за да може да се вљуби во самата себе. Но хотелот, таков затворен и надвор од функција, делува застрашувачки.

srpska slava kosovo5

Изгледа дека ќе помине уште многу време додека ова идилично планинско селце стане нов балкански Сент Мориц. За таа титула веќе се борат и некои ски-центри што се многу понапредни од него, каде што се вложени милиони. Но тоа не значи дека не може да се ужива и во оваа Брезовица, каква што е сега. Не е недопрена, била допрена и оставена, па сега е повторно автентична.

srpska slava kosovo9

Каде на друго место може да изнајмите скии од киоск што се наоѓа веднаш до кокошарник? Каде може да одите кон скијачките терени разминувајќи се со стадо крави? Каде ќе ве поздрават толку многу домаќини додека работат во своите мали градини, цепат дрва или ги хранат домашните животни? Само овде.

srpska slava kosovo kravi na pat10

На крајот приказната од Брезовица сепак е позитивна. Само треба позитивно да се гледа на неа.

Гоце Трпковски

Коментари