Повторно се подготвувам за годишниот одмор во Грција. Четврта година по ред. Обично не сакам патувања на кои нема ништо ново да се види или да се научи, па секоја година одиме на различно место. По Неи Пори, Полихроно и Неа Врасна, на ред дојде и Лептокарија.
Никако не успевам да сфатам како може сместувањето за четиричлено семејство да чини од 100 до 130 евра за цела недела. Добро, двајца возрасни и две многу мали деца, но сепак, и така е премногу евтино. Дури и ако имаме во предвид дека почетокот на јуни се смета за предсезонски аранжман, а истите соби чинат двојно или тројно повеќе на преминот од јули во август.
Но да не заборавиме што велат често за Грците, дека се многу добри трговци. А бидејќи секој стереотип е по дефиниција погрешен став, но и покрај тоа неговата точност се потврдува премногу често, така и за оваа работа не треба да се сомневаме дека Грците нашле начин како да им се исплатува.
До 2010 година воопшто не патував во Грција. Не можев да ја поднесам таа европска визна бариера и не ми паѓаше напамет да поминувам низ сложена процедура и да се изложам на потенцијален понижувачки однос само заради едно патување. Да молам за да ми дозволат некаде да ги трошам моите пари? Тоа едноставно не проаѓа.
Кога некој не го посетил соседот покрај кого живее триесетина години, сешто ќе помисли за него. На пример, дека грчките одморалишта обично имаат бели куќички со бели или сини покриви, слични такви црквички и тесни улички поплочени со камен, и сето тоа фино наредено како во некој лего-ленд. И не е само до мене. Се случувало кога сум разговарал со луѓе што живеат далеку од овие простори, ако сум им споменел дека сега редовно летувам во Грција, да ме потпрашаат за прекрасните бели куќички поставени речиси една врз друга на ридот. Се разбира, зборуваме за островот Санторини.Неверојатно како ова мало место, речиси изолирано на југот на Егејско Море, станало стереотипна претстава за одмор во цела Грција. Но можеби тоа и не е толку големо изненадување, ако знаеме дека тоа е ѕвездата на сите туристички кампањи. Слично како што странците во Македонија би очекувале насекаде да гледаат средновековни цркви изградени врз карпи што висат над езера. Но, еден е Охрид и Свети Јован Канео. Како што е еден и Санторини (добро, не е еден, туку неколку мали вулкански островчиња, но сеедно). Всушност, знаеме дека и Миконос е речиси ист, а и делови од Крит и други места, но нивниот број ни од далеку не е доволен за тоа да биде типично грчко одморалиште, туку само редок пример.
Дури и во Скопје понекогаш туристичките агенции ќе стават постер од Санторини и под него натпис „Нови аранжмани за Грција“. Местото не само што ретко го има во понудите, туку е и над можностите на просечниот македонски граѓанин. Затоа е интересно кога првиот контакт со Грција ќе ви биде една негова тотална спротивност – Неи Пори.
Особено кога наместо камени сокачиња ќе видите улици широки како њујоршки авении. И повеќе! Неверојатно за едно приморско село. Си велите – значи ова се тие високи европски стандарди. До неодамна, Европската унија, а со тоа и Грција, за многу македонски граѓани важеше за место каде што се е во најдобар ред и совршено испланирано. Но Неи Пори не е одраз на грчките урбанистички стандарди, туку на тие на американската армија. Според локалните приказни, тоа било воена база до пред четири-пет децении, но потоа Американците го напуштиле и ја оставиле целата улична мрежа на располагање. Мештаните дошле, направиле куќи и носеле туристи. Затоа во европска Грција и не се наоѓа друго место толку добро плански изградено како Неи Пори. Дури ни Солун.
Полихроно повеќе личи на „вистинската Грција“, мало и ридесто со тесни и криви улици. Но не видовме ниедно магаре – симболот на егзотичната рурална култура во оваа земја, со чии слики и фигури се преполни продавниците за сувенири. Зошто тогаш земјоделецот што доаѓаше покрај плажата продаваше овошје и зеленчук од приколката на неговиот огромен и скап пик-ап со погон на сите четири тркала? Каде се магарињата? Очигледно не се насекаде.
Тоа беа грчките слики што се чинело дека се типични, но излегло дека не се. Но што е со оваа – со крајбрежните вили во Грција обично управуваат газдарици, средовечни жени со малку вишок килограми, кои носат многу шминка, тешко се разбираат со своите гости иако мошне гласно им зборуваат на грчки, и често се викаат Марија. Целосниот опис е премногу карикатурален, но по малку од ова или од она сме сретнале каде и да сме тропнеле на врата. Тоа се смета за наследство од традиционалната улога на жената како столб на домот, која се грижи за него, па со тоа и за гостите во неговите 10, 20 или 30 соби.
А какви гости сме ние, што доаѓаме од Македонија? Дали навистина сме најлошиот тип туристи, кои ги користат само морето и плажите, а се друго си носат со себе? Навистина, не може секое семејство да си дозволи по три оброка дневно во таверните. Но има и евтини решенија. А и тоа што го носиме од овде не ни го дале без пари. Зошто тогаш сме спакувале ручек за сите седум дена? Одговорот зошто точноста на овој стереотип се потврдува толку често е едноставен. Мали деца. Семејствата со мали деца се меѓу најчестите наши посетители на Грција, поради близината. Децата не сакаат да седат во ресторан, немаат трпение да чекаат ред за гиро, ниту да пазарат во супермаркет. Што подобри подготовки се направат однапред, толку полесно ќе се помине. Но децата растат, ќе речат домаќините, а вие не се менувате. Па, едноставно се ни станало навика.
Но и не сме толку многу скржави, што се докажува со следната наша карактеристика. Како што пред поаѓањето се си носиме од овде кон Грција, така пред враќањето купуваме сешто од таму за да си донесеме дома. Ако прашате нашинец која му е првата асоцијација кога ќе се спомене Грција, ретко тоа ќе биде Акропол. Поверојатно ќе биде „Лидл“, “Космос“, „Џамбо“ и „Икеа“.
Се на се, Грција секогаш успева да изненади. Каква и да ви е сликата за неа, таа може да ви ја смени. И тоа ќе ви се допадне!
Гоце Трпковски