Водич низ СКОПЈЕ

Музиката е како живеењето, но уште подобра

EN

Интервју со Матс Густафсон

И авангардната фри импров сцена има свои ѕвезди меѓу кои далеку најпознат е Швеѓанецот Матс Густавсон, еден од гостите на овогодинешниот Скопски џез фестивал. Не постојат доволно зборови кои ќе можат да го опишат тоа што овој музичар успева да го произведе со својот саксофон. Фри импров музиката е тип на импровизација без никакви музички правила освен емоциите и логиката на музичарот или музичарите кои учествуваат во тие колективни импровизации. Како неуморен изведувач на овој вид музика тој зад себе има бројни изданија и настапи, вклучувајќи и соработки со познати авангардни уметници, како што се Питер Броцман, Кен Вандермарк, Еван Паркер, Дерек Бејли, но и со уметници од поинаков калибар како што се Турстон Мур и Sonic Youth, Џим ОРурк и Нене Чери. Бендот со кој најчесто е активен е The Thing, а последно нивно издание е соработката со Нене Чери на популарното издание The Cherry Thing. За Густафсон ова ќе биде втор настап на СЏФ, откако минататa година настапи со својот друг бенд Fire! Оваа година тој и The Thing ќе настапат со една од легендите на фри џез музиката, Џо Мекфи.

Како воопшто се сретнавте со џез музиката?

– Со џезот првпат се запознав преку еден 7-инчен винил од колекцијата на мајка ми. Таа музика ми остави голем впечаток. Меѓутоа, моите први вистински средби со креативната форма на џезот, во која спаѓам сега и јас, се случи во џез клубот во мојот роден град Умеа. Тука слушнав огромни количини на фри џез, и таа музика многу наликуваше на панк рок музиката која ја свирев во тоа време: чиста енергија и посветеност!

Од каде се појави интересот за импровизација?

– Преку другите луѓе. Тоа е единствениот начин да научите нешто. Суштината на ова е во споделувањето на сите нивоа. Се работи за комуникација. Поради тоа импровизираната музика ќе биде секогаш валидна и како музичка форма и како форма на отпор. Да кажам дека сите ние кои членуваме во The Thing имаме еден куп различни проекти и бендови и имаме различни пристапи кон сето ова. Со овој бенд имаме еден вид список или книга со неколку стотици можни композиции и ние никогаш однапред пред настапот не одлучуваме кои дела ќе ги изведуваме. Тоа е метод кој најдобро функционира за нас, односно да импровизираме само со она што го имаме. Што и да се појави, ние ќе го свириме.

Кoја беше првата импровизирана музика која ја слушнавте и каков ефект имаше врз вас?

– Првата импровизирана музика на винил која ја чув беше Little Richard, односно неговата дувачка секција, а после тоа беше Питер Броцман со Machine Gun. Кога се работи за живи настапи, тоа е Пер Хенрик Валин Трио. Кога го чув неговото трио како дете тоа имаше голем ефект врз мене. Ќе признаам дека ние зедовме некои од нивните начини за правење музика и ги направивме да бидат наши. Во суштина, со The Thing секоја музика на која ќе наидеме се обидуваме да ја искористиме, без разлика дали е хардкор, метал, шлагер, гаражен рок. Се обидуваме да ја направиме да биде наша музика.

Кога за првпат се приклучивте на фри импров/фри џез сцената?

– Од првиот момент кога ја чув. Заедницата е многу отворена и сака да споделува. Мене ми се допадна фактот дека е тоа многу DIY (направи сам) култура. Самиот морате да ги развиете сите можности, и за тоа не постои друг начин. Направи го тоа! Направи го тоа или остани си дома.

Зошто е оваа музика важна?

– Музиката е како живеачката, но подобра. Кога тоа го знаете, го чувствувате, го разбирате, Вие ќе го НАПРАВИТЕ тоа. Музиката е живот. Животот е музика.

Колку Ви смета таа жанровска поделеност и етикетирањето?

– За мене именувањето жанрови и класифицирањето музика е негативна работа. На тој начин ги одбивате луѓето и однапред им всадувате идеи во главите. Се работи за МУЗИКАТА. И тие треба отворено да ја слушаат, а тој пристап ќе ги награди. Музиката треба да биде за покажување нови перспективи, да се фрли ново светло врз работите, да се натераат луѓето да слушаат, размислуваат и делуваат. Ако слушате слободно, вие ќе размислувате слободно и ќе ДЕЈСТВУВАТЕ слободно. Ова е основна работа за мене.

Вашето име е поврзано со голем број проекти поврзани со музиката и други уметности. Се чини дека постојано работите. Што е тоа што Ве инспирира да работите со тоа темпо?

– Свесноста дека овој вид на алтернативна/бунтовна музика има вредност и моќ да ги промени работите, и малите и големите. Музикава е сама по себе политички чин. Тоа како наликуваат општествата денес, нам сигурно ни требаат алтернативи. Креативните политики и идеологии слабеат. Некои други интереси доминираат со нашиот секојдневен живот. Оваа музика може да биде алтернатива. Таа би можела…и би требала да биде. Се работи за споделување и истражување. Не можам да се заситам од неа. Тоа е факт.

Во вашата кариера објавивте многу изданија меѓутоа Cherry Thing со Нене Чери е издание на кое за првпат направивте издание базирано на популарни песни. Какво беше искуството да се работи со неа?

– Јас целиот мој живот работам на музика базирана на песни, вклучувајќи проекти со рок, панк и гаражни групи, а и сеуште го правам тоа. Тоа нема воопшто да се промени. Тоа се моите корени. Проектот со Нене беше одлично искуство. Таа е неверојатна пејачка, веројатно и најдобрата. Сите ние отидовме до крајни граници. Ептен ми се допадна тоа. Всушност, тоа е тоа што големите музичари го прават – тие се потиснуваат кон нови искуства и звуци.

Како ги избравте песните за албумот? Прочитав дека бендот имал листа од 50 песни.

– Тоа беше заеднички потфат, односно беше многу демократски. Сите ние избравме различни песни, песни кои не инспирирале. Исто така, напишавме и свои нови песни. Од истата сесија ќе има уште работи. Ќе бидат експлозивни како динамит!!!

Пред настапот во Скопје ќе имате една мини турнеја со Турстон Мур од Sonic Youth. Со него имате различни проекти, а имате и заеднички проект со Sonic Youth.

– Ова е различно во однос на Нене Чери. Тој е Турстон Мур, а Нене Чери е Нене Чери. Тие се различни, но во исто време се навистина супер! Всушност ќе настапиме како трио во Лондон за само еден настап. Би требало да биде забавно. Турстон е супер и двајцата боледуваме од иста болест: дискохолизам (собирање винилни изданија). Таа не може да се излечи и тоа продолжува понатаму. Една плоча дневно прави докторот да биде што подалеку. Навистина е прекрасно да се соработува со овие луѓе кои навистина ви се допаѓаат, а воедно и да се истражуваат работи на подолг период. Тука ги вклучувам Броцман, Кен Вандермарк, Бери Гај, Турстон. Со текот на времето се случуваат нови работи, а истите се продлабочуваат и развиваат.

Што е тоа на што двајцата се восхитувате кај опусот на едниот и другиот?

– Тоа треба да го прашате г-от Мур. Но, јас му се восхитувам баш поради тоа што тој го прави. Ми се допаѓа и фактот дека боледувањето од иста болест му помага на нашето другарство.

Друг музичар со кого често настапувате е легендата на фри импров музиката, саксофонистот Питер Броцман. Каков е вашиот однос со неговата музика?

– Се разбира дека тука постои посебна поврзаност. Питер е посебен. Нема друг кој наликува на него. Тој беше тој кој ме натера да разберам (преку неговите плочи) во што беше и сеуште е суштината на оваа музика. Енергијата и посветеноста. Machine Gun е издание за кое многумина мислеа дека се работи за некаков политички манифести односно анти Виетнам. Меѓутоа Machine Gun всушност бил прекарот на Дон Чери, очувот на Нене Чери. Нема врска со политика. Меѓутоа таа музика ме натера да ја разберам поврзаноста помеѓу фри џезот, панк рок и хардкор музиката, за кои бев заинтересиран во тоа време. Тоа беше тоа што всушност ме инспирираше да се впуштам во фри џезот, но сеуште да ги задржам елементите од панк рок музиката. Оваа музика ми ја отвори секоја нишка од ДНК-та во моето тело и ум.

Во Скопје ќе настапите со Џо Мекфи.

– Обично тие соработки ги прикажуваат нашите различни интереси. Со Џо сме соработувале многу пати и тој имаше оромно влијание врз нас тројцата индивидуално и како група. Тој има 70 и неколку години и сеуште растура како да има 20. Всушност ние старееме додека тој се подмладува.

Ако се земе предвид дека фри импров музиката не може биде толку комерцијално остварлива дали мислите дека еден уметник може да биде искрен кон уметноста, а во исто време да ја одржи комерцијалната страна?

– Ако не сте искрени кон својата уметност, најдобро ќе биде да си останете дома. Тука нема компромиси. Се додека го изразувате својот глас во било каков контекст, ќе биде се во ред. Меѓутоа, тука не смее да има никакви глупави компромиси. Овој начин на правење музика не е на продажба!

Коментари