Селото Бакси порано познато како Бајрактар е навидум обично село во Турција во кое мирен живот водат преостанатите 480 жители кои засега не заминале во Истанбул, оддалечен 1.100 километри, главниот град Анкара оддалечен 600 километри или пак најблискиот Бајбурт. За разлика од првите две брзи, мултимилионски метрополи, Бакси е мало село каде чиниш времето застанало, но сепак и покрај зафрленоста тоа е надалеку прочуено. Сигурно се прашувате зошто? Ако порано било познато како местото низ кое поминувал легендарниот Пат на свилата или пак по патеписите на прочуените Марко Поло и Евлија Челебија, во денешно време селото е познато по најдобиот музеј во Европа-Музејот Бакси.
Оваа институција ја доби наградата за најдобар музеј во 2014 година што ја доделува Советот на Европа. По тој повод, во следните 12 месеци во Бакси ќе биде изложена една од бронзените статуи на уметникот Хуан Миро, која е симбол на оваа награда и која секоја година е изложена во најдобрата музејска институција. Модерниот објект на Музејот Бакси во оваа идилична средина изгледа како да е излезен од некој СФ филм.
Се издига на брдо кое гледа на реката Чорух и ако случајно патувате низ овој регион тешко дека ќе погодите дека објектот е всушност музеј.
Идејата да се направи ваков објект во село кое е толку оддалечено од метрополите во Турција била долгогодишен сон на уметникот и академик Хусамедин Кочан. Балкон3 разговараше со таткото на најдобриот европски музеј чија идеја да ги спои модерната со традиционалната уметност му донесе светска слава.
-Идејата произлезе од желбата да го поддржиме регионот и локалното население со оглед на фактот дека се случува отуѓување и исчезнување на локалните традиционални вредности. Еден од причините за постоење на музејот е тоа што сакавме да ја донесеме современата уметност на периферијата. Ги елиминиравме културните предрасуди со изложување на традиционалните културни ракотворби заедно со современата уметност на ист простор-вели Кочан за Балкон3. Признава дека идејата не била веднаш прифатена со воодушевување и на многумина им била чудна.
-Во некои академски кругови беше оценето како чудно она што го стори Музејот Бакси, да ги спои во музејски рамки традиционалното и современото. Зачудени беа и селаните кога изложивме алатки кои се уште ги користат или пак престанале да ги користат. Знаеме дека тоа што е ново се храни од традицијата, а она пак што ја одржува во живот традицијата е токму тоа ново кое повторно и повторно ја употребува-објасува уметникот.
Музејот не само што ги крши културните бариери туку планира да се фокусира и на социјалните и економските проблеми на регионот. Кочан смета дека наградата ќе го поттикне развојот на регионот со зголемениот број на посетители оти на местото очајно му требаа луѓе, кои за жал се помалку ги има поради големата миграција.
Некогаш селото било познато по ракотворбите од керамика или пак по ткаењето, а денес овие занаети практично исчезнале.
Традиционалната архитектура ја снемало заедно со столарите и ѕидарите кои се преселиле во градовите. Зборот „бакси“ на локалнииот дијалект значи шаман кој пак симболизира лекување, заштита и помош. А токму тоа му го прави и Музејот Бакси за ова село кое тивко умира-ги лекува раните кои му ги иставило времето.
Што да се види:
Цитаделата во Бајбурт
Претрпела голем број неуспешни реставрации, но сепак е најдобрата атракција во градот Бајбурт. Потекнува од времето на Кралството Урарту (900-600 п.н.е.), а се спомнува во приказните на Марко Поло и на Деде Коркут.
Селото на змиите
На 25 километри оддалеченост од Бајбурт се наоѓа селото Киркпинар. Секоја година селото е домаќин на љубителите на змиите, за кои се верува дека имаат моќ на лекување. Змиите во овој регион се појавуваат во мај и јуни, а потоа ги снемува.
Водопадите на Сиракајалар
Водопадите во селото Сиракајалар се прекрасен дар од природата кој е посебно атрактивен во лето кога има огромен број на посетители.
Што да се прави:
Фото сафари
Преку целата година регионот околу Бајбурт е одличен за фото-сафари низ планините на кои има вечен снег или низ долините на реката Чорух и блиските водопади.
Рафтинг
Реката Чорух со својата должина од 260 километри е одлично место за рафтинг авантура. Се смета дека е една од најбрзите реки во регионот и пошироко што ја прави одлична за овој спорт.
Планинарење и риболов
Околните планини и недопрената природа се одлични за спортски риболов како и за планинарење на околните врвови кои достигнуваат и до 3000 метри височина.
Уживајте во најдобриот музеј во Европа-Музејот Бакси, во недопрената природа и во авантурите кои ги нуди овој прекрасен дел од Турција.
Автор: Балкон3