Водич низ СКОПЈЕ

Мусака со карфиол

Во овој дел од светот не постои мусака, туку мусаки. Тоа е еден од оброците што не` обединува, што знаеме дека секаде можеме да го најдеме. Можеби со различен состав и вкус, но секаде тоа е неверојатна комбинација од вкусен зеленчук и месо, и тоа на слоеви. Дури и месото не е секогаш задолжително. Нашите народи биле толку вешти и инвентивни во експериментирањето со мусаката, што направиле и вегетаријански верзии. Комбинациите се менуваат, името останува. Во продолжение, еве како можете да направите мусака од карфиол.

Musaka so karfiol_cover

Потребни состојки:

– еден карфиол
– 500 грама мелено месо
– една главица кромид
– 0,3 литри јогурт
– 2 јајца
– сол, масло за јадење, сушен магдонос

musaka so karfiol1 musaka so karfiol2

Подготовка:

Пред да се „сретнат“ зеленчукот и месото, прво треба да се подготват. Кромидот се сецка и се пржи со малку масло, а потоа во тавата се додава и месото. За околу пет минути е готово.

musaka so karfiol3

Карфиолот се крши на цветови и се става во врела вода за да омекне. Потоа, доаѓа време за спојот, кој е мошне стандарден. Најдолу во тавата (премачкана со масло) се става ред карфиол, па ред месо, па уште еден ред карфиол и сето тоа се полева со малку студена вода. Се пече во покриен сад на 200 степени, околу 45 минути до еден час. Во меѓувреме, се матат јајцата и јогуртот. Во стандардната мусака за Македонија, што се прави со компири, се става млеко, но во таа со карфиол јогуртот е многу подобро решение, дава посилен и побогат вкус.

musaka so karfiol6 musaka so karfiol5

Неколку минути пред да биде готова мусаката, оваа мешавина се прелева одозгора и потоа се остава да се пече во отворен сад, додека да зарумени. На крајот, добивате вкусен оброк, кој може да се гледа како полесна варијанта на класичната мусака. Дури не треба ни премногу време за да се подготви. Се може да биде готово за час до час и половина. Но, за секој случај, подобро е да почнете со готвењето додека не сте многу гладни. На здравје!

musaka so karfiol7

Автор и готвач: Гоце Трпковски

Коментари