„Ако застанете во центарот на плоштадот Монастираки и се свртите околу себе добивате потполна слика за минатото и сегашноста на Атина кои се видливи на тие неколку квадратни метри.“
Сместен во срцето на градот Монастираки е уникатен спој на стилови, ери и култури, динамичен и постојано променлив, а сепак најмногу посветен на трговијата и дружењето. Ако застанете во центарот на плоштадот Монастираки и се свртите околу себе добивате потполна слика за минатото и сегашноста на Атина кои се видливи на тие неколку квадратни метри. Неодамна реставрираниот плоштад е поплочен со мозаик од мермер, камен и ковано железо кои ја симболизираат разновидноста на Медитеранот.
Метро станицата (1895) била изградена за првата надземна линија која ги поврзувала градот и пристаништето Пиреа. Денес има новоизградена подземна линија која директно го поврзува Монастираки со аеродромот.
„Првата метро станица во Атина била изградена во 1895 година.“
Градежните работи на новата Метро станица (2004) беа особено комплицирани во овој дел од градот, поради тоа што линијата се вкрстува со реката Херидан, светата река на древните атињани. Во современа Атина Херидан е отворена само во внатрешноста на Керамикос, археолошкото наоѓалиште на антички гробишта. Течението низ внатрешноста на градот било изгубено, но сега повторно е пронајдено и мали делови се оставени отворени во новата станица и на самиот плоштад.
Џамијата Цистараки (1759) е именувана по отоманскиот управител (војвода) со градот, но во минатото ја нарекувале Џами Като Синтриваниу (џамијата на долната фонтана) низ која течела реката Херидан. После реставрацијата во 1915 се користи како музеј за предмети од рачна изработка, а од 1975 е дом на една колоритна колекција на предмети од теракота од Грција, Кипар, отоманската и современа Турција. Во внатрешноста се чуваат фотографии и податоци за уметниците и за историското значење на џамијата. Место кое навистина вреди да се посети. Под џамијата и на соседната улица се наоѓаат стари продавници на мајсторите за кожа кои на туристите им нудат и сувенири. Мал совет за посетителите: ценкањето околу цените овде е стандардна процедура па затоа обидете се да бидете што пољубезни…
„Под џамијата и на соседната улица се наоѓаат стари продавници на мајсторите за кожа кои на туристите им нудат и сувенири.“
Веднаш до џамијата се наоѓа страничниот ѕид од библиотеката изградена од Адријан во 132 г.н.е. Римскиот Император необично го привлекувала Атина. За време на неговото владеење древниот град бил збогатен со значајна инфраструктура, дел од која сè уште импозантно се издигнува во центарот на Атина. Библиотеката на Адријан била поврзана со римската Агора изградена од Јулиј Цезар во 10 г.н.е. која денес претставува археолошко наоѓалиште. Денес ги имаме остатоците од само еден ѕид и не е лесно да се замисли како изгледала во периодот на доцната отоманска империја. Прометен, полузатворен пазар за животни намирници, житарици, месо и риба, поставен на остатоците на некогашната библиотека заедно со византиска црква изградена среде нив. Старото име на ова место било Като Пазариа (долниот пазар). Но, откако Атина стана главен град на современа Грција (1835) пазарот бил затворен со цел ова историско место да им биде на располагање само на трговците со занаетчиски производи.
„Дел од градбите кои ги издигнал римскиот император Адријан во ΙΙ век сеуште импозантно се издигнуваат во центарот на Атина.“
Старите навики тешко умираат … можеби старата продавница за намирници која со години веќе стои на плоштадот воопшто не е случајност!
Малата византиска капела од 10-от век посветена на Богородица Панатинаиса (Царица на Вселената) е единственото нешто останато од женскиот манастир кој егзистирал сè до добивањето на грчката независност. На негово место е денешниот отворен плоштад кој така го добил и своето име Монастираки (мал манастир). За време на француското владеење во XIII-от и XIV-от век, таа функционирала како римокатоличка капела во приватна сопственост на еден венецијански благородник.
Салеп е омилениот топол пијалок на атињаните во текот на ладните зимски денови (и раните утрински часови кога гласот на продавачот гарантирано ќе ве разбуди), и така гласно се нуди што едноставно не можете да не го забележите. Овој продавач го истакнува своето потекло од Истанбул што го прави неговиот производ уште попривлечен, но всушност, тој е Сириец.
Влезот од плоштадот кон улицата Митролеос води кон најпознатите ќебапчилници во Атина. Првата ќебапчилница ја отворил Савас, ерменски бегалец, во 1925, чие семејство и денес раководи со ресторанот. Всушност, атињаните се привикнале на вкусот на ќебапите по приливот на бегалци од Анадолија во 20-тите години од минатиот век. Ерменците во Атина се познати како најдобри готвачи на лахмачун (мелено месо, домати, магдонос и зачини испечени на арапски леб) и сите јадења од пастрма (зачинето, сушено говедско) како што е вкусната пита Кесарија (името го добила по турскиот град). Питата се прави со тенки кори во кои се ставаат тенки парчиња говедско, свежи домати и кашкавал. Савас сè уште ги нуди овие деликатесни јадења на своето мени.
„Првата ќебапчилница во Атина ја отворил Савас, ерменски бегалец, во 1925 година.“
Грчката верзија на ќебапот е наречена суфлаки и претставува најпопуларна и најевтина брза храна. Едноставно мора да пробате ќебапи како што се овие. Најчесто се служат завиткани, но на Монастираки може да побарате отворени – ќебапи на грчка пита со домати, магдонос и кромид. Ако планирате состанок после оброкот, избегнете го кромидот и додатокот цацики (сос од лук и кисело млеко). Барем така сите велат, да не се разбереме погрешно. Совет: шиш-ќебап (каламаки) и донер-ќебап (гиро) вообичаено се прават со свинско или пилешко месо со истиот избор на додатоци. Уште еден совет: оваа терминологија и состојки важат само во Атина… Не нарачувајте суфлаки на ваков начин во Солун (ќе ги збуните).
На најтивкото место се наоѓаат бетонски згради во стилот кој преовладува во Атина под влијание на градежната легислатива од 60-те. Денес, деловните канцеларии, продавници и банки се затворени и единствено опстојува еден ланец продавници.
Оваа модерна зграда од 30-те години од минатиот век неодамна беше реставрирана (за волја на вистината не баш успешно) и претворена во хотел со тераса која се промовира како место кое го има “најубавиот поглед во Атина”. Можеби изјавата е малку претерана со оглед на тоа што постојат места со подобар поглед кон Акропол, но сепак е убав (погледнете ја насловната фотографија).
Оваа куќа во Атина, која во моментов се реставрира, е типичен примерок од неокласичниот стил. Неокласичните градби може да се забележат во многу населби низ Атина, особено во центарот на градот, и претставувале статусен симбол на буржоазијата која го акумулирала својот капитал по независноста на Грција во 1830.
Последно, но не и најмалку важно: пазарот за стари работи. Влезот од улицата Ифесту го обележува постојаното присуство на оваа старица која продава печени костени или блага пченка во летните месеци. Атињаните го нарекуваат овој пазар Јусурум според добро познатиот сопственик на еврејската антикварница. Овој назив е толку длабоко вкоренет во секојдневниот урбан говор што го инспирираше Николас Асимос, култна фигура од атинската андерграунд сцена од 80-те, да создаде цинична песна за тоа како човечките вредности се продаваат за профит.
Улицата Ифесту е популарно место за купување облека на старо, вклучувајќи ги секогаш модерните војнички униформи и американскиот пазар каде се продаваат стара но вредна облека и модни додатоци. Патики и фармерки, знамиња на држави и спортски клубови, грчка традиционална уметност и накит, индиска облека и артефакти, монистра и материјал за изработка на накит, опрема за велосипедисти и кампување, секаков вид на маици (почнувајќи од Че Гевара па сè до Ајрон Меиден и многу други) се изложени пред малите продавници кои се појавиле во средината на XIX-от век. Цените се ниски па затоа местово никогаш не изгубило популарност, особено кај помладата популација.
Во малите странични улички се кријат извонредни продавници за грамофонски плочи. Колекционерите можат да пронајдат стари плочи со добар квалитет и ретки изданија кои се нудат по многу прифатлива цена. Сопствениците се вистински познавачи на џез, соул, рок и поп музиката, особено се услужливи и може да им верувате на изборот. Захариј е најуспешниот од нив кој со текот на времето ја проширил својата продавница низ еден цел пасаж.
„Во малите странични улички се кријат извонредни продавници за грамофонски плочи.“
D.J. V и Јусурум Бенд – име на локална продавница за грамофонски плочи кое кажува сè…
Малку подолу улицата излегува на плоштадот Ависиниас каде било предвидено да се изгради простор за јавно наддавање. Но, денес ќе најдете антикварници и занаетчиски продавници каде се поправа стар мебел и се произведуваат копии на мебел од старите атински домови. Главно обележје на ова место се таканаречените узо и мезе барови каде за време на викендите во попладневните часови традиционалната храна ја придружува веселата музика на еден исклучителен ромски бенд. Во текот на летните ноќи луѓето претпочитаат да се собираат во инди-поп барот од спротивната страна, да седат надвор помеѓу затворените продавници за мебел, а одвреме навреме и помеѓу парчиња стар мебел, дабови плакари цврсто врзани со ланец.
„Плоштадот Ависиниас е познат по антикварниците за мебел, но и по узо и мезе баровите.“
На крајот на улицата Ифесту имате избор да свртите десно кон просторот за продавање стари книги, или лево кон црквата изградена во IX-от век и посветена на свети Филип, каде камбаните бијат за попладневниот домашен сладолед кој лично го прави еден доселеник Италијанец.
Можете да се вратите до плоштадот Монастираки по улицата која се движи паралелно со старата метро линија, да се одморите во некое од многубројните кафулиња и да уживате во погледот на античката Агора, значајно обележје од класичното атинско демократско уредување. Помеѓу дрвјата се забележува Тисио, храм кој бил изграден во времето на Перикле во 416 г.п.н.е. во чест на богот Хефест, заштитник на занаетчиите.
И покрај тоа што Монастираки е под влијание на тешката економска ситуација која го осиромашува главниот град, сепак останува мала оаза на трговијата во градот. Ова обележје на обичните луѓе и работничката класа цврсто се одржува на плоштадот и во пасажите, успевајќи и понатаму да опстои.
Софија Николау