Атина е огледало на денешна Грција. Ова неодамна ни го кажа светски познатиот фотограф Константин Манос во интервјуто за Балкон3 како одговор на прашањето како би изгледала неговата прочуена колекција фотографии насловена „Грчко портфолио“ ако беше направена во денешно време, а не пред 50 години.
Во текот на 60-тите години на минатиот век Манос ја отслика тогашна Грција преку фотографирање на селата во кои времето како да застанало. Во малите места каде немало ниту струја Манос ги „зароби“ традицијата, обичаите, животот, радоста и смртта на локалните жители. Неговите фотографии запечатија дел од историјата токму пред нештата засекогаш да се променат. Манос вели дека денес селата од неговите фотографии се поинакви места и не можат да ја доловат вистинската слика за Грција.
Според него, за да се почуствува пулсот на модерна Грција треба да се отпатува во главниот град Атина. Манос го стори токму тоа и децении по излегувањето на „Грчко портфолио“ ја создаде колекцијата „Атињани“. За разлика од црно-белите фотографии, овој пат тој го отслика животот на улиците во Атина преку фотографии во боја, соодветна за новиот милениум. Еве дел од Атина, луѓето, местата, што влегоа во изборот на Манос.
Автор: А.М.