Водич низ СКОПЈЕ

Млади фотографи од Македонија и Грција се натпреваруваа за најдобра фотографија

TR GR EN

Мирот, ретката убавина, но и неспокојот од запустеноста и зафрленоста на Мариово отсекогаш биле привлечни за уметниците од Македонија, но и од светот. Местото кое има повеќе куќи отколку жители ги инспирира поетите, сликарите и фотографите да ја доловат истовремено убавината, но и самотијата во која живеат мариовските села.

Теона на доделувањето на наградата во Серес

Една од најдобрите фотографии кои се направени во последно време, а кои суштината на овој прекрасен регион ја сместуваат во своевидна слика во слика е онаа на младата Теона Манговска од Битола.  Нејзината фотографија буквално ја замрзнува есенцијата на Мариово.

Победничката фотографија

Таа има само четиринаесет години, а веќе е добитник на меѓународна награда за фотографија која и беше доделена неодамна во Серес, Грција. Теона го освои првото место со своето дело насловено „Во потрага по живот” на меѓународниот фото-конкурс на тема „Водата и планините во прекуграничните области“ во рамките на Интеррег програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.

Трета награда Мартинов Мартин: Поглед од Пелистер кон мала Преспа

Манговска била опиена од убавината на селата од мариовскиот крај и одлучила да учествува на конкурсот со фотографија од овој регион.  „Фотографирана е на крајниот југ на границата на Македонија со Грција, во регионот на Мариово кој е еден од најмистичните, најненаселениte предели не само во Македонија, туку и во Европа. На територија од преку 1.300 квадратни киломeтри има нешто помалку од 500 жители. Мојата фотографија е расказ за селото Будимирци, за трошните куќи, прастари фасади, напуштениот живот, ретки слики на човечко присуство, по некое магаре крај осамена куќа, едно куче, напуштена пошта… Има еден јавен телефон кој се разбира не работи. Веројатно ни поштенското сандаче одамна не примило писмо“, вели таа.

Додава дека само гробиштата над селото кажуваат дека овде некогаш одамна животот врвел. „Молкот сам зборува какви тајни крие секој камен, кој го чуваат надвиснатите стражари, а тоа се високите врвови на Кајмакчалан. Мислев дека фотографијата е посебна, со силна порака и со некоја приказна која не е доволно раскажана пред публиката која не е од Македонија и дека ќе поттикне многумина да одат во Мариово, најненаселениот крај во Европа“ објаснува младата Манговска.

На конкурсот учествувале 40 натпреварувачи, сите државјани на Македонија и на Грција, со вкупно 160 фотографии. Педесет најдобри фотографии беа изложени во Серес во Грција, а публиката можеше да им се воодушевува на природните убавини од двете земји. За првото место Манговска доби и дело од грчкиот сликар Кристофорос Балабанидис.

Второто место го освои Кристодулидис Николаос од Солун со својата фотографија „Прошетка по водата“ направена во Килкис, а третото на скопјанецот Мартин Мартинов.

Второнаградената фотографија на Кристодулидис Николаос

Манговска вели дека не очекувала дека ќе има  шанса во толку голема конкуренција, каде што свои фотографии испратиле искусни и професионални фотографи.

-Наградата ме направи посериозна кон моето хоби. Почнав да посветувам повеќе време на проучување на литература за фотографијата, запишав и курс кај Дејан Џолев, кој сеуште го посетувам.  Во меѓувреме настапив на уште два конкурси, едниот за наградата Жан Моне, а вториот на конкурс на Американската Амбасада од каде имам и солидни резултати, вели таа. На првата изложба во Серес таа имала можност да се сретне со повеќето учесници на конкурсот, вклучувајќи ги и фотографите од Грција. Искрено, мислам дека ваквите проекти зближуваат. Културата е најлесниот начин да се надминат препреките, ако воошто треба да ги имаат луѓето кои се занимаваат со уметност. (А.М.)

Коментари