Економијата и недостатокот на работни места се најголемиот проблем во општеството сметаа младите во Македонија. Една четвртина од младите се декларираат себеси за социјално исклучени граѓани. Високи 70 отсто од младите сметаат дека ништо не можат да променат во средината која живеат, се констатира во истражувањето за прифилот на младите во Македонија. Неодамна започна иницијатива за формирање на Националниот Младински Совет, тело коешто служи за претставување на гласот на младите во релевантните институции. За советот и конкретно за младите кај нас Балкон3 разговараше со Ивана Јордановска, претседател на Младите Европски Федералисти на Македонија (ЏЕФ).
Која е целта на националниот младински совет?
– Националниот Младински Совет е тело коешто служи за претставување на гласот на младите во релевантните институции. Како такво, потребно е Советот да дејствува како ко-менаџмент тело на релевантните фактори. Сите одлуки коишто можат да ги тангираат младите, би требало да се донесуваат во консултација со Националниот Младински Совет. Сите успешни Совети во светот функционираат според правилото „Ништо за младите, без младите“, па се надеваме дека ќе го постигнеме истото и во Македонија.
Што би смениле во нашето општество?
– Па првата промена, онаа најочигледната е пренесувањето на гласот на младите до оние коишто би требало навистина да се заинтересирани за истиот. Ако младите се навистина иднината на било кое општество, а сакаме да инвестираме во иднината, треба да инвестираме во младите. Но, прашајте било кој инвеститор, без добар совет и познавање на приликите, и најдобронамерната инвестиција може да биде погрешна. Понатаму, она што навистина е потребно да се промени кај нас е нивото на граѓанско учество, на сите нивоа и возрасни групи, но најмногу кај младите. Велам кај младите бидејќи ако создадете активна генерација млади денес, имате активни граѓани во следните децении коишто доаѓаат пред нас.

Ивана Јордановска
Според Вас кој е најголемиот проблем на младите во Македонија?
– Најголемиот проблем би можело да се лоцира во различни полиња, зависно од перспективата која ја имаме. Но, нешто што не можеме да го негираме и што претставува компонента во скоро сите проблеми на младите, е нивната исклученост од општествените процеси. Ваквиот вид на социјална ексклузија не е специфичен само за Македонија. Напротив, ЕУ уште од 2009 го има препознаено овој и проблем и активно соработува со младите преку Структурниот Дијалог во надеж за решавање на истиот. Како главна пречка за надминување на социјалната ексклузија на младите се распознава сиромаштијата и економската зависност. Ова е посебно истакнато по економската криза и продолжената европска неизвесност. Но, во Македонија проблемот е уште пострашен. Дури 54% од младите се невработени, а ова е процент не сметајќи ги сите оние млади коишто моментално студираат и се зависни од своите родители.
Дали имате соработка со младински совето од другите држави од регионот, особено Грција и Турција?
– Бидејќи Советот сеуште не е основан, но се работи на неговото започнување, се уште немаме официјална соработка со други совети. Имаме добиено многу помош и споделувања искуства од советите во Литванија, Србија, Хрватска и Словенија преку нивните претставници на Деновите на Младинско Вмрежување. Понатаму, во постојан контакт и консултации сме со Младинскиот Европски Форум, пан-Европската мрежа на младински совети. Се надеваме дека во иднина ќе оствариме уште повеќе контакти и различни проекти за соработка со другите младински совети.
Дали во Македонија моментално имаме младина која, размислува, чита, дебатира, ги искажува своите слободни идеи?
– Сметам дека можеме да претпоставиме дека постои група млади која размислува, чита, дебатира и ги искажува своите идеи. Не би можела да тврдам дека тоа важи за целата демографска група „млади“.
Која е пораката што ќе ја упатите до сите млади во Македонија?
– Борете се за она во што верувате и не дозволувајте никој да ви кажува дека ништо не можете да направите. Ако не ја разбираат вашата идеја, тоа е најверојатно поради тоа што не ја разбираат.
Балкон3