Водич низ СКОПЈЕ

Меѓународна графичка работилница во Богданци

Шеснаесет млади уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина и Бугарија ќе учествуваат на меѓународната графичка работилница „Софија“, која ќе се одржи од 23-ти август до 3-ти септември во Богданци. Работилницата, која веќе шеста година трафиционално се организира на крајот на август, е една од ретките во регионот посветена на графиката како ликовна дисциплина.

Од Печатница „Софија“, која е организатор на работилницата, велат дека целта е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион. Ментор на годинашнава работилница ќе биде реномираниот професор Звонко Тилиќ, шеф на одделот за графика на Академијата во Нови Сад.
gr 2012 4
Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија, како и во други земји на Балканот.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 90 млади уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска.

Повеќе за графичката колонија „Софија“ можете да прочитате на фејсбук профилот на работилницата.

 

Коментари