Водич низ СКОПЈЕ

Малешевски зелник

Во источниот дел на Македонија, во прекрасната Малешевија се прават најубавите македонски јадења. Запишани или запаметени од усните преданија на нивните баби и прабаби, младите домаќинки ги обновуваат старите рецепти и имајќи голема желба да ги споделат со своите најблиски, вложуваат огромен труд во нивната подготовка. Во Берово вештите, искусни домаќинки го прават надалеку познатиот малешевски зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус. Зелникот на нашата баба Живка, сукан и месен, е тајна со која таа успева да го собере целото семејство на една трпеза.

zelnik_cover

Рано наутро ќе го замеси и веќе до пладне предизвикувачкиот мирис сите ќе не намами на трпезата. Тогаш, во убаво расположение уживаме во преубавиот вкусен специјалитет, се разбира комбиниран со бело беровско сирење или со буламач. Овој пат за читателите на Балкон3 отидовме до Берово и ја замоливме баба Живка да ни ја открие тајната како се подготвува Малешевскиот зелник. Таа со задоволство одговори на нашата молба, но овој пат со помош на една помлада домаќинка, која не смееме а да не ја споменеме, Зорка Кускинска.

zelnik1

Потребни состојки:

За тестото:
– 1 килограм брашно
– 1 квасец
– 1 супена лажица сол
– 1 супена лажица шеќер
– вода за замесување
– зејтин за премачкување на корите

За филот:
– праз
– сирење
– за филот може да се употреби и спанаќ или пржен праз со пиперки и домати)

Начин на подготовка:

Се потквасува една коцка квасец со една супена лажица шеќер и една супена лажица сол. Смесата се меша со еден килограм брашно и вода по потреба. Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа тестото се дели на пет помали и еден поголем дел. Сите делови се сукаат до дебелина од 1 милиметар.

zelnik2 zelnik3

Секоја сукана кора се остава на еден чаршав да се исуши, се додека не се заврши секој дел од тестото. Најголемиот дел се засукува во поголема дебелина и покриен се става врз еден плех. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се посипува со зејтин.

zelnik5

Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Со краевите на поголемата кора се замотуваат помалите кори.

zelnik6 zelnik7

Во средината се става малку запржениот праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да накисне, а потоа се става да се пече на 250 степени целзиусови.

zelnik9 zelnik10

Откако ќе се испече се вади од рерната и се полива со 100 грама вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.

zelnik8

На здравје и добар апетит!

Автор: Јулијана Димитриевска
Фото: Дијана Димитриевска

Коментари