Водич низ СКОПЈЕ

Македонскиот уметник Зоран Попоски изложува во Њујорк

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе биде дел од меѓународна изложба во галеријата Виридијан во Њујорк, која ќе биде отворена од 2-20 јули 2013 година.

Изборот на делата за изложбата го направи познатата кураторка Елизабет Сусман од Музејот Витни во Њујорк. Сусман го одбра уметничкото дело на Попоски во конкуренција од над 1.000 пристигнати дела од целиот свет. Во нејзиниот кураторски текст кон изложбата, Сусман вели: „Њујорк себеси се смета, со право или не, за центар на уметничкиот свет. Во неделата додека траеше изборот на делата за оваа изложба, во градот се случуваше уметничкиот фестивал Фриз, современите аукции во Сотби и Кристи заработуваа огромни пари, а мега галериите во Челси прикажуваа гигантски изложби на глобално брендирани уметници. Избирањето на делата за изложбата во Виридијан во тоа време беше клучна активност, како олеснување од застрашувачкото согледување дека, барем во Њујорк, уметничкиот свет многу малку е одвоен од глобалните финансиски пазари и индустријата за забава.“

Зоран Попоски реализирал повеќе од 60 меѓународни самостојни и групни изложби, меѓу кои во Берлин, Париз, Њујорк, Хонг Конг. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје и Даблин.

Коментари