Македонскиот кларинетист, Васко Дуковски, кој скоро две децении професионално се занимава со музика и е еден од двајцата Македонци кои дипломираa и магистрираa на престижната Академија Џулијард, заедно со неколку врвни музичари од различни земји во светот, издаде нов музички албум во Њујорк, насловен „Critical Models“. Композитор на музиката на овој албум е дваесет и шест годишниот Американец со арапско потекло, Мохамед Феруз кој моментално живее и твори во Њујорк и чие музичко портфолио според престижниот весник Њујорк Тајмс е опишано како „неверојатно топла и брилијантно остварена музика“. Одговорна за издавањето на ова CD е продуцентската куќа „Dorian Sono Luminus“.
На листата на музички артисти кои напорно работеа на издавањето на албумот се и Кејти Рајмер (пијано), која е и главниот продуцент на цедето, Клер Катинг (обоа), Џејмс Орлеанс (бас), Џонатан Енгл (флејта), Мартин Рејџер (гитара), Рејонг Ан (виолина), Мајкл Кипер (саксофон), Томас Флеминг (фагот), и гудачкиот квартет „Lydian String Quartet“.
Васко Дуковски веќе десет години живее и твори во Њујорк. Средното образование го започна во Македонија во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ се до третата година, по што образованието гопродолжи во САД. Дипломираше и магистрираше на еден од најреномираните музички универзитети во светот, „Џулијард“ во Њујорк. Големината и виртуозноста на музичкиот талент на Дуковски, после долго време имавме прилика да ја доживееме и во Македонија со неговиот настап на Охридско лето на концертот на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, „Love is the way“ . Прекрасен спој на автентична, класична и џез музика зачинета со поезија и чувство на музичка магија.
Дуковски настапуваше и како специјален гостин на Велестовски вечери на поезијата, заедно со Старовски бенд, чија музика претставува една есенција од балкански етно ритам и звук со лирски мелодии инспирирани од стихови на македонски поети. Дуковски заедно со Јордан Костов (хармоника) и Круме Стефановски (перкусии) ова лето го формирашe триото „Amniotic Fluid“ (Плодова вода) со кое настапи на познатиот сараевски фестивал Фосна, по што го снимија и својот прв албум, „Свирци из Кавадарци“, кое наскоро треба да биде издадено и пуштено во продажба.
По своето враќање во Њујорк, Дуковски настапи на повеќе концерти меѓу кои и на концертот со „Garden State Philharmonic Orchestra“ изведувајќи дела од стандардниот симфониски репертоар. Пред две недели, Дуковски настапи во синагогата во Западен Хемптон, Њујорк, со најдобриот светски еврејски кантор Џозеф Маловани и оркестарот од здружението на камерни музичари во Њујорк, под диригентската палка на Ицак Хаимов, изведувајќи еврејска религиозна музика. Минатиот викенд ризницата концерти на Дуковски се збогати со три настапи како специјален гостин на победничкиот бенд од „Grammy & Tonny award“, чиј продуцент е Тони Смол.