„Македонска куќа“ е еден од ретките ресторани во Скопје кој може со гордост да се пофали дека го заслужува епитетот „национален“. Иако објектот од надвор не е баш репрезентативен, веднаш штом ќе влезете во ресторанот ќе добиете чувство дека станувате дел од една прекрасна приказна. Автентичниот ентериер збогатен со многу детали од богатата културна традиција ве враќа во минатото и дава впечаток на топло и пријатно место.
Додека вашето сетило за слух ги впива нотите на познатата македонска староградска народна музика, вашето сетило за вкус ќе биде изложено на вистински хедонистички предизвик. Гравче тавче, пинџур, турлитава, ширден, селско месо се специјалитети кои Ви препорачуваме да ги пробате. Секако за љубителите на месо има различни видови скара. Што и да изберете, од „Македонска куќа“ ќе си заминете со полн стомак и полна душа.