Водич низ СКОПЈЕ

Македонска крвава свадба во Анкара

“Македонска крвава свадба” ќе прозвучи во Анкара со
концертот на ансамблот Грнета (Grneta Ensemble)

Грнета ансамбл

Следејќи го својот талент, виртуозност и љубов кон музичките ноти двајцата
македонски кларинетисти Васко Дуковски и Исмаил Лумановски и понатаму
ја освојуваат светската публика. Овој пат нивните грандиозни таленти ќе ги
чуе публиката во Турција со спектакуларен концерт вечерва на
најпрестижниот интернационален музички фестивал во Анкара каде
настапуваат најпознати имиња од светската сцена. Како Грнета ансамбл овие
двајца виртуози заедно со француската пијанистка со романско потекло
Александра Џоан за прв пат ќе ја презентираат својата уникатна музичка
програма во главниот град на Турција.
Делејќи го истото источно‐европско потекло овие тројца млади музичари
заедно креираа една невообичаена музичка програма главно инспирирана
од фолклорни елементи грандиозно преточени во класичната музика.
Нивниот репертоар вклучува дела од ерата на романтизмот, како и
оригинални аранжмани на инструментални дела и музика од Балканот.
Концертот ќе биде една сензационална ризница од дела напишани од
композитори од повеќе земји од светот. Меѓу нив е и делото “IVINO” од
композиторот Марко Виденовиќ, воедно и водач на виола секцијата во
Македонската Филхармонија, кое е напишано специјално за ансамблот
Грнета. Интересно во ова дело е што содржи примеси од македонскиот
фолклор и на овој концерт ќе ја добие својата светска премиера.
Но влијанието на македонското кулурно богатство врз познатите
композитори низ светот, не застанува тука. Она што за Чернодрински во 1900
во драмата “Македонска крвава свадба” беше романтичарски занес
пронајден во тешката историја на нашиот народ, за познатиот американски
композитор Николас Чичко (Nicholas Csicsko) беше инспирација за прекрасно
дело напишано за нашите познати кларинетисти Васко Дуковски и Исмаил
Лумановски “Macedonian Bloody Wedding”. Дело кое ги крши сите табуа,
особено со тоа што ќе биде изведено во Турција од двајца македонци од кои
едниот е со турско потекло.
Спектакуларната содржина на овој концерт привлече големо внимание со
што ќе биде емитуван во живо на Турската национална телевизија ТРТ.
Делата и креативната работа на ансамблот Грнета светската публика ќе има
можност да ги чуе и на нивниот нов албум “Eastern Madness” кој беше
снимен минатата недела.

Антонела Дуковска

Коментари