Водич низ СКОПЈЕ

Македонската филхармонија наскоро во Оман

Во Мускат, главниот град на арапската земја, Македонската филхармонија ќе настапи во јануари, во новото архитектонско здание кое предизвика сензација.

Новата зграда на Операта во Оман

По долги години пауза, оркестарот на Македонската филхармонија во јануари ќе гостува надвор од земјава. Станува збор за Мускат, главниот град на арапската земја Оман, каде нашата Филхармонија ќе концертира на сцената во новата, неодамна отворена оперска куќа, во која оваа сезона ќе гостуваат и престижните оркестри на Виенската, Лондонската филхармонија, на Американскиот балет, на Маринскиот театар. Отворањето на новата оперска куќа во Оман, кое се случи во октомври, предизвика сензација поради исклучителната архитектоника на зградата. Македонската филхармонија ќе биде првата институција од нашата земја од областа на културата, што ќе ја посети оваа арапска земја официјално наречена Султанот Оман.

Досега, нашата Филхармонија гостувањата надвор од земјава ги остваруваше само преку Камерниот оркестар. Во последниве две децении меѓународните гостувања се навистина ретки, во споредба со периодот од 60-те и 70-те години кога Македонската филхармонија остварувала голем број на турнеи особено во европските земји. Затоа, гостувањето во Оман се смета од исклучителна важност за оваа институција.

Се уште не е познато со каков репертоар ќе се претстави оркестарот на Филхармонијата пред арапската публика, ниту пак, кој ќе биде диригент и солист, но фактот дека ќе настапува на иста сцена на која ќе концертираат врвни светски ансамбли, е престиж.

Оркестарот на Македонската филхармонија

Инаку, поканата за гостување во Оман е последица на новиот репертоар со нестандардна програма што во последниве години го спроведува нашиот оркестар. Македонската филхармонија неодамна стана членка на двете најголеми асоцијации кои ја третираат изведувачката уметност – Меѓународната асоцијација на менаџери во уметноста (ИАМА) и Меѓународната асоцијација за изведувачки уметности (ИСПА), па токму на еден од состаноците со овие асоцијации, било договорено и гостувањето во Оман. Во овие асоцијации членуваат оркестри како Берлинската филхармонија, Концертгебау орекстарот, Метрополитен операта, Лондонска филхармонија…, а членството и на Македонија и овозможува да биде ставена на мапата на тоа што е актуелно и што се случува во светот, но исто така и да се оствари поголема соработка меѓу сите членки во асоцијацијата преку развивање на мрежата на контакти.

Новата оперска зграда во Оман, пак, свечено се отвори на 16 октомври со изведебата на операта „Турандот“ од Пучини, во режија на култниот Франко Зефирели, а под диригентската палка на Пласидо Доминго. Оваа институција беше отворена со големи фанфари и сите едногласно ја нарекоа новата сензација на Мускат. Прекрасната оперска куќа, пишуваат странските весници, е прва во земјите од Заливот и само трета во целиот арапски свет, по пропаднатите и речиси заборавени во Каиро и Дамаск. Љубителот на класичната музика, султан Кабус – монархот на Оман со далекувидни сфаќања, е решен да придонесе за местото каде што оманските деца ја изучуваат уметноста во светот дури и кога учат да ја почитуваат и да создадат сопствена оперска куќа, балет и театар.

Многу од присутните на отворањето на оперската куќа ја гледаа како место каде што Истокот ќе се сретне со Западот – но, не во вообичаеното површно значење на фразата. Поради љубовата на султанот за класичната музика од Запад и неговата посветеност на развојот на неговата земја, тој има намера оперската куќа „да служи како центар на возвишеност што ќе ги збогатува животите преку култура и ќе промовира безвременски вредности“.

Големиот оперски пејач, Пласидо Доминго, кој на отворањето настапи со „Турандот“ на Пучини, рече: „Сите сме многу благодарни на султан Кабус што го овозможи ова. Тоа е многу важен чекор за светот и огромна чест за нас.“

Покривот на новата оперска зграда може да се користи за мали перформанси, а исто така и градината. Султанот има сопствен влез, и секако, полуприкриена ложа. Пред оперите се очекува да се одржуваат средби за да се информираат луѓето за нивната историја, учениците се очекуваат со задоволство и може да се предвиди дека Оман ќе стане центар не само за арапската и странската уметност туку и за малите индустрии, каде што оманските мајстори, кои ги изработија прекрасните уметнички дела за куќата, би создавале сценски декорации за други опери. Инволвираните во планирањето и дизајнот го очекуваат денот кога Оманците сами ќе работат со куќата и ќе создаваат продукции поставени таму.

Македонската филхармонија исто така ја чека новата зграда која во моментов се гради во Скопје помеѓу Музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ и Македонската опера и балет. Музичарите од оркестарот долго време поскауваат нов објект наменет за концертите на Филхармонијата. Оваа институција цели шест децении е сместена во просториите на Домот на АРМ како кираџија, во сала која не е наменета за симфониски концерти. Оркестарот постојано се соочува со проблеми, особено во делот на акустиката.

Новата филхармониска сала ќе се гради според проектот на македонскиот архитект Виктор Михајлов. Изведувач на градежните работи е австриската фирма „Алпине Бау“ од Салцбург. Новата филхармониска зграда ќе има две концертни сали, простории за вежбање, гардероби, ресторан, продавница за музичка литература и музика. Големата концертна сала ќе има капацитет од 1.000 до 1.200 седишта, а малата наменета за камерна музика ќе има 300 седишта.

Тина Иванова

Коментари