Водич низ СКОПЈЕ

Македонија во пет дена – најдобро!

Љупчо Јузмески e професионален туристички водич од Охрид. Дваесет години работел како рецепционер во охридските хотели и авто-кампови, а од 2009 година работи како лиценциран туристички водич. Како водич кој зборува пет јазици – македонски, англиски, српски, грчки и бугарски – ја презентирал Македонија пред туристи од многу европски земји. Негова специјалност се манастирските тури низ Македонија, во кои често се вклучени и посети на исламски верски објекти. Најдраги – и нему, како и на посетителите – му се „кружните тури“ низ Македонија, кои се најбарани од туристите од Турција, Хрвтска, Полска, Словенија и Холандија. Нивната радост од тоа што го виделе, како што вели, најдобро може да ја почувствува, кога за време на патувањата сите заедно пеат македонски народни песни. За неговата умешност во тоа што го работи, неодамна ја доби наградата „Најдобар промотор на Македонија“ за 2011 година, во категоријата туризам, извоз и претприемништво.

Кој е најчестиот впечаток на странските туристи за тоа што го виделе во Македонија? Што е, според нив, тоа што најмногу ги плени?

– Прво и највпечатливо им е топлината и љубезноста на македонскиот народ. Од друга страна, секое место што го посетуваме кога сме на тура низ Македонија, буди и други впечатоци, главно дека имаме многу убави планини, езера, реки, стари цркви и манастири и историски објекти. Како повпечатливи за странските туристи би ги издввоил Матка, Музејот на вода во Охрид, Свети Наум, манастирот Свети Јован Бигорски, Плаошник, Кратово, Берово и водопадите во Струмица.

Веќе долго работите со нив. Какви се нивните реакции за време на турите?

– За да имаме добри реакции од нив, не треба да се грижи само туристичката агенција што го продава аранжманот. За тоа треба да се потрудиме и ние како лиценцирани туристички водичи, кои треба уште подобро да им ја доловиме Македонија. Нивните реакции, во голема мера зависат од нас, но, сепак, кога сме на посета на самото место, каде што треба да се кажат и приказната, легендите и историјата за тоа место, за да стекнат добар впечаток и да го запаметат местото. До сега реакциите се одлични, и може да се каже дека испраќаме задоволни туристи кои имаат желба да им кажат и на нивните пријатели дека е убаво да се посети Македонија и да не се двоумат воопшто. Ако има негативни реакции, најчесто тоа се за сигнализацијата на објектите покрај патот и за условите на патиштата.

Што би им препорачале да видат или каква тура би им препорачале на луѓето од Турција и од Грција (пред се’), но и на луѓето од други земји, за претстојната летна сезона?

– Разликата меѓу Грците и Турците, како туристи во Македонија, е во тоа што Грците сакаат да одат во цркви, а Турците – по отоманските објекти во Република Македонија. Но, заедничко за сите странски посетители е дека сакаат да ги посетат музеите во Македонија. Турците доаѓаат оваа година во поголем број и се задржуваат подолго во Македонија, вклучувајќи ја и неизбежната Битола, со спомен-куќата на Мустафа Кемал Ататурк и Скопје, со Стара чаршија, со сиот нејзин сјај кој се врати во последниве три години. Но, сепак, најзадоволни се од Охрид. Американците се посебна категорија туристи. Претежно доаѓаат пензионери, кои имаат кружни тури низ Балканот. Ова година не се во толку голем број како минатите години. Годинава најмногу има Холанѓани, Турци, Полјаци и Словенци.

Што би им понудиле вие лично на странските туристи за претстојната сезона?

Без многу размислување – цела Македонија во пет дена. Скопје – од Кале до Стара железничка станица, со Водно, манастирот Свети Пантелејмон, кањонот Матка. Од таму, на пат накај Охрид – од Шарена џамија во Тетово, преку национален парк „Маврово“, со посета на Свети Јован Бигорски и манастирот Свети Ѓорѓи Победоносец во Рајчица, Дебар и бањите во Косоврасти, вевчани како етно и еко-рурален туризам, Струга и манастирот Света Богородица во Калишта, Охрид со стариот дел, манастирот Свети Наум и Музејот на вода. Од Охрид – на пат накај Преспанско Езеро, преку Галичица, до Ресен и островот Голем Град. Следна станица – Битола, со археолошкиот локалитет Хераклеа и Широк сокак. Прилеп со манастирот Трескавец. Кавадарци со посета на винаријата „Тиквеш“, Стоби, Демир Капија со Музејот на виното и винскиот пат. Струмица со водопадите, Берово со етно и еко-спа центри, Пробиштип и Лесновски манастир и, за крај, Кратово и Крива Паланка со „Свети Јоаким Осоговски“.

Васко Марковски

Контакт: Љупчо Јузмески, лиценциран туристички водич и придружник. Охрид – Мејл: travelguidemk@gmail.com, Скајп: touristguide-mk, Тел. 00 389 70 974 126

Коментари