На еден од најдобрите филмски фестивали во светот, Берлинскиот филмски фестивал, кој годинава од 9 до 19 февруари ќе го има своето 62 издание, Македонија ќе се претстави со три филмски остварувања. Kраткиот филм „Бардо“ на младата режисерка Марија Апчевска, новиот филм на Теона Митевска, „Жената што си ги избриша солзите“, како и за српскиот филм „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, во кој и Македонија влегува како копродуцент.
Со филмот „Бардо“ македонската кинематографија првпат ќе учествува во програмата „Генерација“, која годинава го слави своето 35. издание, и е навистина значајна за промовирање на млади автори. „Генерација“ се состои од два дела, а филмот на Апчевска е влезен во програмата која има едукативен карактер и е наменета за деца до 14 години.
Се работи за 14 минутен филм на младата режисерка која неодамна дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Столе Попов. „Бардо“ пред две години ја доби поддршката на европската мрежа на Југоисточна Европа (SEE Cinema Network), која на Апчевска и овозможи финансиски средства во висина од 8.000 евра. Зборот „бардо“ на тибетантски значи состојба помеѓу живот и смрт, тага и среќа, помеѓу детството и времето кога стануваме возрасни. Ова е визуелно наративен филм во кој главната улога ја играат еден балон и шестгодишната Марија Благоевска. Потписник на сценариото е самата режисерка, заедно со Катерина Момева, асистентка на ФДУ. „Бардо“ ја доби и поддршката на Филмскиот фонд на Македонија.
„Навистина сум среќна што мојот филм влезе на Берлинале, особено во програмата ’Генерација‘ која има натпреварувачки карактер, а во нејзини рамки се доделува наградата ’Кристална мечка‘. Но, ’Генерација‘ ги отвора вратите и за други фестивали. За мене беше голем предзвик да работам со дете-актер, иако тоа бара голема професионалност, но многу помогна режисерката Маја Младеновска, која веќе има работено со деца на филм“, вели Апчевска.
Зад фотографијата во филмот стои искусниот Владимир Самоиловски, монтажата е на Горан Вукиќ, музиката на Александар Пејовски, а дизајнот на звукот е на Игор Поповски.
Во програмата „Панорама специјал“, пак, во Берлин оваа година Македонија ќе го претстави филмот на Теона Митевска, „Жената што ги избриша солзите“, во кој игра големата актерска дива Викторија Абрил, можеби најприсутна во филмовите на шпански режисер Педро Алмодовар. Иако програмата „Панорама специјал“ се смета за втора по важност на Берлинскиот филмски фестивал, ова е престиж за Македонија, но и отскочна даска за нашите понатамошни презентации во Берлин. Филмот на Митевска ќе доживее гламурозно претставување, со црвен килим и прес-конференција на која ќе присуствуваат важните медиумски куќи од светот. Филмските критичари велат дела по успехот на филмот„Пред дождот“ на Милчо Манчевски во Венеција во главната програма, ова ќе биде второ гламурозно претставување на македонски филм.
„Жената што ги избриша солзите“ е приказна за судбината на две жени во Франција и во Македонија, кои ќе се спојат под чудни околности. Едната бара одговори за загубата на својот син и отуѓувањето од сопругот, а другата се обидува да го најде својот изгубен сопруг и да го зачува синот. Едноставно, тоа е приказна за две жени, за две различни општества и за односите со нивните деца. Покрај Абрил и Митевска, во филмот играат и француските актери Жан Мари Калеи и Арбен Бајрактарај, словенечкиот актер Петар Мусевски, како и нашите: Петар Горко, Фирдаус Неби, Жаклина Стевковска-Дрнашин, Маја Вељковиќ, Рујиш Беговска, Темер Ибрахим, Береда Решхит. Директор на фотографија е Матјаж Ердели од Унгарија, сценографијата е на Вук Митевски, а монтажата на Николас Гастер од Велика Британија. Музиката е од македонската етно група „Љубојна“, како и од еден од најдобрите композитори на современа класична музика, Арво Парт.
Во програмата „Панорама“ на Берлинскиот фестивал, која е поделена на три дела, годинава во нејзини рамки ќе бидат прикажани вкупно 50 филма, меѓу кои и српскиот „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, во кој Македонија е копродуцент. Тој ја имаше и скопската премиера, и како во Скопје, така и секаде каде што се прикажуваше, привлече голем број на публика. Станува збор за копродукција меѓу сите поранешни југословенски републики, со исклучок на Босна и Херцеговина. Љубопитноста на филмот е голема и поради самата тема која ги следи случувањата околу геј-парадата во Србија, но и поради познатиот режисер Срѓан Драгоевиќ, зад кој стојат популарните филмови „Ние не сме ангели“, „Убавите села, убаво горат“ и „Рани“. Во филмот играат Никола Којо, Горан Навоец од Хрватска, Дејан Ачимовиќ од Босна и Херцеговина, Бранимир Поповиќ од Црна Гора, нашиот актер Тони Михајловски, но и легендите Мира Ступица и Марко Николиќ.
„Ова за мене беше и мал експеримент, со кој сакав да предизвикам различен вид на емоции кај луѓето. Мојот посреден мотив да се зафатам со оваа тема, беа случувањата од 2001 година, кога во Белград беше претепан еден ЛГБТ-активист“, вели режисерот.
Филмот претставува мрачна комедија во кој се говори за група на геј активисти кои се трудат да организираат Парада на гордоста во Белград. Кога полицијата на тој повик одбива да го обезбедуваат настанот, тогаш тие се обраќаат на група криминалци од поранешна Југославија меѓу кои е и Лимун (Никола Којо), сопственик на агенција за обезбедување и воен ветеран. (Т.И.)