Надвор, но истовремено и внатре во ЕУ
„Уметноста” да се биде членка на ЕУ не значи слепо да се следат и применуваат Европските закони, туку тоа да се направи како што треба.
Двајца луѓе од држави што имаат отежнати односи со Европската унија се сретнале во странство, се спријателиле, го совладале европското право и сега ги нудат своите правни совети на другите. Алара Јазичоглу и Љупчо Гроздановски се основачите на Инфинитум Легал, млада компанија што нуди совети за правото на Европската унија. Но академското минато ги натерало да продолжат со својата академска работа и во компанијата.
На создавањето на вашата фирма ú претходи развој во 3 стадиуми: пријателство, заедничка работа и започнување на заеднички бизнис. Дали отсекогаш сте претпочитале да раководите со сопствена фирма отколку да работите во голема компанија?
Алара:Отсекогаш сум преферирала да раководам со сопствен бизнис. Иако работењето во голема компанија на почетокот на кариерата е задолжително во однос на создавање мрежа на познанства, учење и здобивање искуство. Мислам дека на долгорочен план работењето во голема компанија може да има негативни ефекти како ограничување на креативноста и значително намалување на слободата во работењето. Јас сум особено заинтересирана за Даночно право и Спортско право каде постојат многу возбудливи идеи кои би сакала да ги реализирам. Од овие причини, да се биде креативен и слободен во работењето е навистина важно за мене. Исто така, отсекогаш сум имала идеја за сопствен бизнис, но она што беше ново за мене е идејата за интернет страница за која претходно никогаш не бев размислувала.
Љупчо: Алара е архитектот на концептот Инфинитум Легал. Отсекогаш се гледав себеси во акадамските кругови и никогаш не сум имал трошка претприемачки дух во себе. Но, се случи да соработуваме на еден проект и бев многу изненаден кога Алара ми предложи да соработуваме на долг рок. Се разбира, бев навистина почестен и се согласив. Двајцата знаевме дека ќе биде потребно многу напорна работа, но фактот дека сме пријатели ја прави работата забавна. Вработување во голема компанија никогаш не беше исклучено како опција, но она што ние најмногу го цениме во врска со нашата работа е фактот што таа е креативна и разновидна. Големитe компании имаат тенденција да бидат попредвидливи во работата.
Во овој поглед, што мислите како вашата генерација гледа на оваа дилема? Дали живееме во време на конформизам или во време на преземање ризици?
Алара и Љупчо: За да можат да преземаат ризици потребно е младите да имаат прилика да го направат тоа. Ние мислиме дека сопствениците на компании треба да им дадат шанса на младите да ги покажат своите креативни вештини и знаење. Обидот тие да се стават во некоја рамка, или формат, е залудно трошење на умствена енергија. За жал ова e реткост. Од друга страна пак, основањето сопствен бизнис на млади години не е воопшто лесно. Дури и ако луѓето имаат брилијантна идеја тие не можат да изнајдат доволно финансиски средства за да основаат своја фирма и да ја реализираат таа идеја. Сето тоa бара огромен напор. Сепак, може да се забележи дека во денешно време младите сè почесто се решаваат да основаат свој бизнис и постојат многу успешни компании основани од млади луѓе во последниве години. Па може да заклучиме дека живееме во време на конформизам со сè повеќе луѓе кои одлучуваат да ризикуваат.
Речникот ad infinitum е многу интересен дел од вашата работа. Тоа е начин да ја продолжите академската работа во вашата приватна фирма, што значи дека потрагата по знаења никогаш не престанува?
Алара и Љупчо:Пред сè, ние веруваме дека академската работа е од суштинско значење за давање правни совети. Солидно познавање на областа на вашата експертиза е најважното оружје кое може да го поседувате во овој бизнис. Ова е нашата најголема предност.
Љупчо: Речникот ad Infinitum е идеја на Алара и сметам дека е брилијантна. Да, потрагата по знаење никогаш не престанува, но исто така и споделувањето на знаењето, што е главна цел на речникот.
Алара:Речникот ad infinitum беше инспириран од табелите за резимирање на студентите кои ги правев додека бев асистент. Открив дека тоа е најкомплетен и наједноставен начин да се објаснат комплицирани поими. До крајот на мојата кариера како асистент имав илустрирани табели, преработени со текот на годините, за сите главни прашања во врска со Меѓународното даночно право. Прво сакав да ги составам за свои сопствени потреби но сфатив дека тие може да бидат од огромна помош за голем број професори, студенти, адвокати и правни советници. Па дојдов до идеја да напишам обемен речник кој ги нуди најважните информации за одреден збор или термин пропратено со илустративна табела. Главната цел е да им се понуди на нашите клиенти општ преглед на терминологијата што е многу важна алатка за секаков вид правна работа.
Речникот го нарековме ad infinitum бидејќи тоа е речник без крај. Ова е главната придобивка од тоа што решивме да го издадеме на интернет страницата. Речникот постојано се дополнува со нови термини, недамнешни промени или закони од недамнешни случаи. Во нашата работа важните промени се многу чести и изданијата на хартија многу бргу би застареле. Речникот ad infinitum никогаш нема да застари затоа што постојано се ревидира. Исто така трба да ги земеме предвид потребите на клиентите. Нашите претплатници можат да побарат дефиниција на термин кој не е внесен во Речникот или да побараат повеќе информации за некој постоечки термин.
Едноставно кажано, нашиот речник трае ad infinitum.
Не можеме да не забележиме дека вашата фирма е основана од Македонец и Турчинка кои доаѓаат од две земји кои имаат големи потешкотии во врска со нивниот прием во Европската Унија. Кое е вашето мислење за тоа?
Алара и Љупчо: Вашето прашање се состои од два дела. Од една страна е фактот што ние двајца, како Македонец и Турчинка решивме да соработуваме, а од друга страна се проблемите кои нашите две држави ги имаат во напорите да се приклучат кон ЕУ. Што се однесува до првото, главна причина за нашиот заеднички бизнис не е нашата националност туку областа во која сме експерти. Откривме дека добро соработуваме и дека правото на ЕУ, Даночното право и Спортското право имаат многу заеднички точки. Целта на нашиот потфат е да ги ставиме во пракса сите знаења и вештини со кои се здобивме во последниве десетина години на универзитетите во Франција и Швајцарија.
Што се однесува на вториот дел од прашањето, зачленувањето во ЕУ на Турција и Македонија е прашање на политика. Но, ако го земеме предвид влијанието на Европското право врз правото и законите во Турција и Македонија ние сме подготвени да придонесеме за правилно имплементирање на барањата на Европските закони во нашите земји, преку истражувачки проекти на пример. Имавме прилика да работиме на имплементирање на даночни закони во земја која неодамна беше примена во ЕУ. Додека ги анализиравме домашните закони и нивната компатибилност со Европските директиви и судската пракса сфативме дека имплементирањето на барањата на Европските закони е вистински предизвик за тие земји. Веруваме дека можеме соодветно да одговориме на таков вид на предизвик.
Во однос на ова прашање, дали сте оптимисти во поглед на Европската иднина на Турција и Македонија?
Љупчо:Како ЕУ адвокат јас сум оптимист, но не сум нереален. Причините поради кои Македонија и Турција сè уште не се членки на ЕУ се различни. Се надеваме дека со текот на времето пречките ќе бидат надминати со дипломатски средства. Сè додека тоа не се случи ние ќе се обидеме да придонесеме со нашите бизнис и истражувачки активности, со кревање на нивото на свеста за критериумите кои земјите членки на ЕУ мора да ги исполнуваат. Тоа се правни и политички критериуми. “Уметноста” да се биде членка на ЕУ не значи слепо да се следат и применуваат Европските закони, туку тоа да се направи како што треба. Верувам дека ние би биле многу корисни во овој поглед. Што се однесува до Македонија, мислам дека членството во ЕУ е единствена можна алтернатива.
Алара: Се согласувам о Љупчо, но мислам дека за Турција членството во ЕУ никогаш не била единствена можна опција. Јас сум сигурна дека тоа што Турција не е членка на ЕУ е исто така голема загуба за Европската Унија.
Меѓу другото, вие обезбедувате правни совети во врска со Европските закони. Дали повеќето ваши клиенти се надвор од границите на ЕУ или поголем дел се од вашите две земји?
Алара и Љупчо: Некои од нашите клиенти се од ЕУ а другите имаат цврсти врски со земјите на ЕУ. Пример е Швајцарија која во одредени аспекти е de facto членка на ЕУ по сила на билатерални договори. Турција е друг таков пример, која е поврзана со ЕУ и земјите членки со Договорот за асоцијација од 1963. Но, важно е да напоменеме дека ние обезбедуваме правни совети за Меѓународно даночно право и Спортско право па имаме клиенти кои не се поврзани со ЕУ.
Разновидноста на нашите клиенти ни овозможува да ги поврземе нашите знаења од Европското право, Меѓународно даночно право и Спортско право кога даваме правни совети.
Дали, освен клиентите, Европската Унија има бенефит од вашата фирма и сличните вакви фирми?
Алара и Љупчо: Економските субјекти во и надвор од ЕУ секако дека имаат бенефит од компании како што е Infinitum Legal Services поради две специфичности кои ние ги поседуваме. Прво, ние сме експерти во области кои постојано се развиваат и каде секогаш е корисно да имате адвокат покрај себе. Имаме широк опсег на дејности за да може да работиме со индивидуални клиенти, компании и универзитети и истражувачки центри. Второ, нашата националност ни дава предност во смисла на обезбедување правни совети кога е потрбно да се “премостат” домашното право, Европското право и Меѓународното даночно право.
Исто така е важно тоа што ние сме академици и постојано даваме придонес во нашите области и во областите каде се комбинираат нашите знаења. Веруваме дека ваквиот вид на придонес е многу важен за општиот развој на правото.
Што мислите за Балканските земји кои чекаат да се приклучат кон ЕУ? Колку ним им се потребни правни совети од ваков вид?
Алара и Љупчо: Потребата за правни совети на Балканските кандидати за прием во ЕУ е огромна. Искуство и судската практика на Европскиот суд на правдата покажаа дека земји како Романија и Бугарија кои од неодамна се членки на ЕУ, не се доволно запознаени со опсегот на нивните должности, како што е имплементирањето на одредени директиви на пример. Исто така, судиите од тие земји изгледа не го познаваат Европското право ниту пак она што е најважно а тоа е судската практика на Европскиот суд на правдата. Покрај напорите за зголемување на правната култура во земјите кандидати, важно е да се следи како сите Европски закони (аcquis communautaire) можат да се применат во дадени области на домашното право. Како што веќе спомнавме, имавме прилика да работиме во таква земја и нашето искуство уште еднаш го потврди ова.
Какво е вашето мислење за сегашната состојба на Европската Унија? Од една страна постојат луѓе кои сметаат дека таа пребргу се движи кон целосна интеграција, кон создавање на Соединети Европски Држави, притоа заканувајќи се да ги проголта националните култури и со тоа создавајќи големо количество на евроскептицизам. Од друга страна, постојат и оние кои велат дека ЕУ треба да се развива во тој правец и да стане СЕД еден ден, и никој не треба да се чувствува загрозен од тоа. Какво е вашето мислење?
Љупчо: Моето мислење е дека ЕУ не е федерална држава и не е подготвена да биде таква во моментов. Можноста за таков развој не е исклучена за во иднина. ЕУ во многу аспекти е блиска до федерален систем, но како целина не може да се тврди дека ЕУ во моментов е еквивалентна на Соединети Европски Држави, ниту пак политичките аспирации се движат во таа насока. Евроскептицизмот е убедување и треба да се прифати како такво, но таквото убедување потребно е да биде реално. Во последниве години слушнавме многу страшни сценарија за распад на ЕУ и таквите мислења произлегуваат од непознавањето на ЕУ и Европското право а не од реални можности, или желби, да се случи Европската Унија да престане да постои.
Гоце Трпковски