Бебе, мајка, лулка… Божествената комуникација помеѓу бебето и мајката несомнено најдобро ја овозможува лулката. Покрај тоа што нејзината историја започнува во првиот век, лулката сеуште е актуелна. Се користи се` помалку, но се` уште е одлична идеја за подарок за новите родители…
Ако ја истражуваме историјата на лулката, ќе видиме дека таа потекнува уште од првиот век од новата ера. Според археолошките ископувања, првата лулка е пронајдена во централна Азија, во областа Седум води. Во истражувањето значајни се историските мотиви кои се појавуваат заедно со лулката. Еден од најзначајните фактори за појавата на лулката е миграцијата на номадските народи. Тие на своите патувања се труделе да обезбедат удобност за бебињата, а за тоа нема подобар „лек“ од лулката. Таа слободно можело да се стави врз коњ или камила, а при тоа бебето се чувствува максимално удобно и заштитено.
Лулката на фотографијата е стара околу 80 години. Мојата прабаба и ја подарила на нејзината ќерка откако се родил татко ми. Започнувајќи со татко ми, во лулката пораснале десетици деца од нашето семејство. Ако ги изброиме и комшиските, бројката е многу поголема. Во нејзе се крие едновековна историја. Да можеше да зборува сигурно би ги кажал следните реченици: „80 години беа доволни да видам многу работи на овој свет. Бев сведок на радосни моменти, исто така се соочив со смртта како дел од животот. Тоа несомнено ми беа најтешките моменти. Приспивните песнички ми беа најслатки, а приказните најдобри другарки. Слушнав разни муабети, оговарања. Се надевам дека бебињата уживаа во мојата прегратка и дека ги сонуваа најслатките соништа.“
Од пред неколку месеци во оваа лулка расте третата генерација во нашето семејство, мојата новородена внука. Лулката е најстариот мебел во нашиот дом. Дали традицијата ќе продолжи ќе покаже времето.
Лулката е многу корисна за бебето, бидејќи овозможува телото да биде здраво, а во исто време е важна и за нормалното развивање на коските. Има особено големо значење и во формирањето на психологијата на бебето. Ако ги земеме предвид дуоховните аспекти, лулката ја овозможува божествената комуникација помеѓу бебето и мајката.
Лулките најчесто се изработуваат од бор, бреза или дрва што растат покрај водените површини затоа што тие се најфлексибилни. Најскапите и најквалитетни лулки се изработуваат од бор. Но, во денешно време има многу малку лулки изработени од бор и побарувачката за нив е многу мала. Освен тоа, денеска мајките ги растат децата без да ги стават во лулка. Во османлиското време при церемониите кои се правеле за децата на султаните, главниот симбол бил токму лулката. Сега многу често овој предмет се користи само како сувенир.
Текст и фото: Хусамедин Гина