„Пред се`, се сметам себеси за балканофил. Во секој случај многу повеќе отколку за балканофоб“, вели, на почетокот на разговорот за Балкон 3, познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски.
– Да, јас го сакам Балканот и ги сакам сите народи што живеат на овие територии. Го сакам од многу причини: поради таа некаква културна шареноликост, уметничка разноликост, поради гастрономското богатство, поради шаренилата на обичаи, менталитети, односи… Значи, се обидувам тој имиџ што Западот го има за Балканот, тие стереотипи и предрасуди што владеат да ги апстрахирам. Затоа не сум го напуштил Балканот никогаш, не сум имал желба да живеам на друго место. Мене Балканот ми е доволен. Значи, патувам често. Имам драги пријатели секаде: во Бугарија, Србија, Босна, Црна Гора, Грција, Хрватска, Словенија… Редовно се слушаме, контактираме, разменуваме информации за животот, за музиката, за се`… Еве, само да ти кажам, на последниот мој концерт во Софија, Бугарија, имаше луѓе дојдени специјално за него, добро од Германија, но и од Солун. Се разбира, имаше публика и од Софија и од околните места. На тој концерт мене ми беше гостин еден холандски гитарист што се вика Јан Акерман, кој е големо име во европската музика и многумина дојдоа да го видат тој спој меѓу Акерман и мене. Знаеш како, јас израснав учејќи ги законитостите на западниот рокенрол, а доживеав да ги пренесувам законитостите на балканската музика на некои луѓе што доаѓаат од Запад. Ете, ми се случи и таква привилегија – да научам некој западен музичар на некоја тема од Балканот.
Има ли разлика да се свири во Софија и, на пример, ете во Германија?
– Мислам дека има. Не толку поради културата и локалниот менталитет, туку повеќе поради начинот на кој функционираат културните или забавните ивенти. Сум свирел, се разбира, и во Минхен, и во Берлин, и во Бадеборн, и во Хамбург, и во Гармиш – Партенкирхен… и во многу други места низ Германија. Таму луѓето планираат многу однапред и немаат многу време за, ајде да кажам, губење. На Балканот е малку порелаксирано. Луѓето можат да планираат од денес за утре. Можат да откажат некој план, да го сменат, да го преправат… Се разбира дека секоја страна (ако веќе ги делиме на источна и западна страна или балканска и не знам каква страна) има свои квалитети и свои маани.
Бара ли тоа посебна стратегија за настапот. Дали е некаде полесно или потешко да се свири?
– Не. Мене тоа не ми е проблем. Мене ми е проблем да се изборам со самиот себе, да бидам во добра форма и добро расположение. Тоа ми е најтешко. Мене ми е лесно да се справам со публиката, доколку се справам со сопствените демони.
Имаш ли посебна програма за балканските простори. Знаеш дека нешто некаде повеќе „пали“?
– Не. Малку или повеќе истата програма ја свирам насекаде. Дури и пеам и на македонски, и на српски, и на англиски…
Зошто тогаш јас имам чувство дека е потешко еден уметник да се пробие, тука на Балканот, отколку во „белиот свет“?
– Не е лесно. Гледај, на западните страни уметниците и уметничкиот труд се прилично високо рангирани и почитувани. Ако некаде на Запад кажеш дека си уметник и дека живееш од својата работа, веднаш во нивните очи гледаш голем респект. Еве нешто што ќе ти го илустрира тој однос: во Ирска, на пример, данокот за уметничките дела е еден посто. На некои места е 50 посто, некаде доаѓа до 70 посто…
Кај нас…
– За среќа мислам дека кај нас данокот за уметнички дела е прилично хуман: од десет посто па надоле. Можеш да стигнеш до пет посто што е сосема ОК.
Во неколку разговори што ги водев на оваа тема, остана дилемата дека, на пример, една автентична балканска поп-ѕвезда, како што е Тоше Проески, остана непозната за Грција. Тоа е некоја балканска политика, или…?
– Мислам дека е тоа затоа што нивната култура знае да биде прилично локална. Тие некако се свртени кон самите себе. Јас, на пример, не знам кој тоа од надвор направил успешен концерт во Солун. Можеби во Атина, ама Атина не е Грција. Тоа е еден мегалополис, кој пројавува интереси и апетити за се` што се случува во светот. Меѓутоа, еве јас со години одам во Грција на годишен одмор и не ми се случило да гледам некој концерт. Еве, за 15-тина години колку што одам на Халкидики не сум гледал ниту еден концерт на ниту една музика, дури ни на бузуки, што е малку чудно. Веројатно се малку поизолирани од остатокот на Балканот. Претпоставувам дека и јазикот малку ги изолира од останатите народи од словенската група на јазици, каде што можеме да се разбереме меѓу себе. Мислам дека малку се самодоволни, самосебедоволни, за разлика од другите. Не знам, можеби долгогодишното живеење во иста држава е „виновно“ за нашите комуникации.
Сепак, во тие комуникации меѓу културите на народите од некогашната држава, барем кога станува збор за музиката, најдобро поминуваат групите и музичарите од тоа време. Јас, на пример, немам поим што и дали нешто се случува на овој план во Словенија. Мислам дека многу потешко доаѓам до вакви информации.
– Сакал-нејќел, до мене доаѓаат информациите и можам да ти кажам дека не се случува ништо револуционерно. Сепак, живеевме…, поточно, за мене можам да кажам дека кога јас музички растев, живеев во прилично среќно време. Можеше да се делува на голем простор, па дури и како млади луѓе, во однос на тој естаблишмент, можевме да бидеме прилично радикални, прилично нови и прилично дрски. Тоа некако ни беше дозволено или можеби сами се изборивме за тоа, немам поим.
Постојат и сега идеи за некакво поврзување на овие простори, барем преку заеднички проекти. Јас се сеќавам на „Балкан хорсис бенд“…
– Да. Пред десетина години јас и моите соработници инициравме една балканска соработка, која подоцна вроди со проектот што го спомнуваш. Имавме музичари од Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Србија, Македонија… Првичната средба беше средба на менаџери од сите страни и, се разбира, се наметна потребата од соработка.
Свириш со мошне значајни музичари од Балканот: од славниот музичар на неј Кутси Ергунар, преку Теодосиј Спасов, па се` до Мирослав Тадиќ и Џибони. Како воопшто се пронаоѓате?
– Тоа и мене ми е многу чудно. Тие музичари со кои треба да соработуваш, едноставно – ќе ги сретнеш: на некој концерт, на некој фестивал, зад некоја завеса…, ќе остварите контакт, ќе размените телефони… во одреден момент некој ќе се сети на тебе или ти ќе се сетиш на некого… Тоа е просто неверојатно. И тоа главно ги пронаоѓаш луѓето што ти се блиски по сензибилитетот, но и по професионалното ниво. Јас не можам да очекувам да го сретнам Мик Џегер и да ми пее на мојот нов албум. Тоа, јасно, би било премногу зашто тој, едноставно, функционира на други нивоа од мене. Исто така, нелогично е некој полуаматер да ми се јави и да побара да отсвирам соло на негов албум. Луѓето, едноставно, се препознаваат по нивото на кое функционираат. Јас на овој план сум навистина среќен. Сум сретнал многу музичари со кои сум сакал да се сретнам и да соработувам со нив.
Ѕвездан Георгиевски